1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
Да вдишеме длабоко. И да резимираме.
За да се одржи и да избегне финансиски пореметувања и социјални немири, нашата индустриска цивилизација мора да забрзува, да се усложнува и да троши сè повеќе енергија. Нејзината молскавична експанзија се хранеше со исклучителната достапност - наскоро бивша - на мошне профитабилните фосилни облици на енергија од енергетски аспект, здружени со екстремно нестабилната економија на растот и задолжувањето. Но растот на нашата индустриска цивилизација, денес ограничен со геофизички и економски лимити, стигна во фаза на опаѓачки приноси. Технологијата, која долго служеше за поместување на границите, сè помалку е во состојба да обезбеди забрзување и да ја „заклучува“ таа неодржлива траекторија спречувајќи алтернативни иновации.
Паралелно, науките за сложеноста откриваат дека зад одредени прагови сложените системи - меѓу нив и економијата и еколошките системи - одеднаш преминуваат во нови состојби на рамнотежа која е невозможно да се предвиди или пак се распаѓаат. Сè посигурни сме дека преминавме одредени „граници“ кои гарантираа стабилност на нашите животни услови, како социјални така и биолошки. Глобалниот климатски систем, бројни екосистеми и големи биохемиски циклуси на планетата ја напуштија зоната на стабилност што ја познаваме и најавија време на големи и нагли пертурбации, кои, од своја страна, ќе ги дестабилизираат индустриските општества, остатокот од човештвото, дури и другите видови.
Парадоксот кој ја карактеризира нашата епоха - и веројатно сите епохи во кои некоја цивилизација се судрила со лимити и ги преминала границите - се состои во тоа што нашата цивилизација станува сè поранлива и сето тоа се забрзува. Современиот, глобализиран политички, општествен и економски систем, од кој живее половина од човештвото, сериозно ги исцрпи ресурсите и ги наруши системите на кои се темели - климата и екосистемите - до таа мера што опасно ги загрози условите кои некогаш ја овозможувале неговата експанзија, а кои денес ја гарантираат неговата стабилност и му овозможуваат да преживее.
Истовремено, сè поглобализираната, поповрзана и позатворена структура ја прави нашата цивилизација не само многу ранлива при најмало внатрешно или надворешно пореметување, туку ја прави и подложна на динамиката за системско распаѓање.
Еве каде сме. За да се заштитиме од преголеми климатски и еколошки пореметувања (кои се единствен загрозувач на видот), потребно е моторот да застане. Единствен начин за да зачуваме некој безбеден простор е веднаш да ги запреме производството и потрошувачката на фосилна енергија, што нè води во економски, а веројатно и во политички и општествен слом, со други зборови, кон крајот на термоиндустриската цивилизација.
За да го спасиме моторот на нашата индустриска цивилизација, би морале да преминуваме сè повеќе граници, со еден збор, и натаму да напредуваме, да дупчиме, да произведуваме и постојано и сè побрзо да растеме. Тоа неизбежно води до климатски, еколошки и биогеофизички точки на пукање, како и до максимална искористеност на ресурсите, значи, најпосле, до ист исход - економски колапс - кој би можел да биде проследен со исчезнување на човечкиот вид, па и сите живи видови.
Денес сме сигурни во четири нешта:
1. физичкиот раст на општествата ќе запре во блиска иднина;
2. неповратно го променивме целокупниот систем на Земјата (фазата на системот во кој е можен животот на луѓето);
3. се движиме кон мошне нестабилна иднина, „нелинеарна“, во која големите пореметувања (интерни и екстерни) ќе бидат норма;
4. веќе сме изложени на потенцијални глобални системски колапси.
Како и многу економисти, климатолози, физичари, агрономи, еколози, војници, новинари, филозофи, дури и политичари, заклучуваме дека нашето општество може да се распадне во блиска иднина.
Да се вратиме на метафората за возилото: иако забрзувањето никогаш не било толкаво, нивото на горивото покажува дека сме на резерва и дека моторот почнал да чади и да се гуши. Занесени од брзината, го напуштаме обележаниот пат и брзо, речиси во целосен мрак, се движиме низ мошне стрмна падина исполнета со пречки. Некои патници се свесни дека возилото е мошне слабо, но возачот очигледно не е зашто продолжува да ја притиска педалата за гас!
Согледувањето на целокупната слика, не од аспект на една или повеќе посебни „кризи“, е квалитативен скок во разбирањето на нашата епоха. На пример, вирусот Ебола е интересен [кризите се наведени во големи загради]: уништувањето на шумите [биодиверзитетот] го поттикна ширењето на вирусот [здравјето], но бројот на умрени или онеспособени за работа, како и мерката карантин, ги забавија економските активности [економијата] и сериозно ги нарушија снабдувачките ланци [инфраструктурата] и жетвите и бербите [исхраната]. Резултатот е тоа што шест месеци по почетокот на епидемијата повеќе од милион луѓе во Западна Африка беа погодени од глад, а гвинејскиот здравствен систем стана мошне слаб [инфраструктурата]. Што ќе се случи кога ќе наиде следната епидемија ако индустријализираните здравствени системи веќе не се во состојба да реагираат?
Исто така, кога ќе се соочи со алармантни бројки, на пример со нафтена кулминација, нашата редукционистичка научна култура реагира така што спонтано бара „решенија“ во истиот домен, но тие често се неспоиви со соседните „кризи“. Познавањето на врските меѓу сите домени овозможува да се избегнат таквите замки и да се сфати дека се ретки технолошките решенија кои не ја влошуваат ситуацијата со сè поголемото трошење енергија.
Оваа слика стана толку евидентна, огромна и загушувачка што резонирањето останува непроменето дури и ако некои истражувачи се лажат во своите заклучоци, дали некој број е погрешен или некое наше толкување е плод на заблуда. Најпосле, нашата констатација е мошне отпорна! Да замислиме идеален свет во кој успешно ги водиме финансиите. Дали тоа ќе промени нешто во зачестеноста на ураганите, крајот на нафтата, должината на снабдувачките ланци или изумирањето на животинските видови? Да замислиме дека утре ќе најдеме нов, бесконечен извор на енергија, со што би можеле да го избегнеме ископувањето на фосфатите, раселувањето популации или глобални системски ризици - последиците на глобализацијата? Секако, би можеле да го одржиме привидот на индустриската цивилизација уште неколку години, но тогаш веројатно би паднале од уште поголема висина...
Во текот на своите истражувања, постепено почнавме да стекнуваме впечаток дека сме опколени од сите страни. Уште полошо, констатиравме дека во таа точка се поврзани сите „кризи“, дека некоја од нив може да иницира каскаден ефект кај другите, нешто како џиновски домино ефект. Сето тоа предизвика фрустрација и мртвило, како што се чувствуваме кога чекориме на средината од огромно замрзнато езеро чиј слој мраз брзо станува сè потенок. Значи, кога ќе запреме за да ја процениме нестабилноста на нашата ситуација, насекаде околу нас слушаме истовремени повици: „Тргни! Трчај! Скокај! Забрзувај! Нема запирање!“
Но, внимавајте! Иако вестите се катастрофални, треба да се признае дека глобалниот економски систем сè уште не се распаднал - како ни a fortiori термоиндустриската цивилизација, па ни системот на Земјата. Капиталистичкиот економски систем дури и се навикна да се храни со кризи и од нив да се гои. Тоа ни овозможува на оние кои не веруваат во колапс да им кажеме дека постои сомнеж. И навистина постои (и ќе постои уште долго, дури и по колапсот). Сетоа тоа покренува нови прашања на полето на психологијата, политиката и археологијата. Меѓутоа, пред тоа треба да се позанимаваме со прашањето на времето. Лесно е да се каже дека се ќе се распадне, но треба да се предочат и непосредните показатели на таквите настани. Имено, на крајот сите цивилизации ќе се распаднат. Но, како тоа се однесува на нас, сегашните генерации?
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Renée Rey
Извор: Pablo Servigne, Raphaël Stevens - Comment tout peut s’effondrer: petit manuel de collapsologie à l’usage des générations présentes (прво издание 2015)