Повик безнадежно неразбран и презадоцнет

11.02.2022 16:26
Повик безнадежно неразбран и презадоцнет

 

Некој искусен филмски работник има напишано дека основен услов за едно филмско дејство да се развие во возбудлив заплет е главниот јунак постојано да носи глупи одлуки, накусо, да се однесува како идиот. Има во ова длабокоумно филмаџиско правило повеќе вистина отколку што тоа се чини на прв поглед. И, оваа вистина не се однесува само на светот на филмските дејствија, туку е изгледа применливо и на начинот на кој човештвото ја пишува својата историја. Ширењето на важноста на правилото „јунакот идиот“ на целото човештво, на изненадувачки начин конвергира, дури и се совпаѓа, со една друга емпириска формула применлива на однесувањето на големи групи луѓе.

Станува збор за вообичаеното правило во природата според кое колективната интелигенција на одреден вид се зголемува правопропорционално со способноста на видот да обезбеди социјално здружување (за одржување на видот) на што поголем број единки. Овој сооднос – колку е поголем колективот, толку е поголема и неговата еволуциска успешност – ги фаворизира поголемите колективи во дарвинското натпреварување за опстанок. Така одеше и со раниот развој на човековиот вид, кога со зголемување и со усложнување на социјалната организација, од роднински глутници до племиња и, понатаму, преку мали протодржави до моќните историски империи, јасно и недвосмислено се зголемуваше и колективната интелигенција на видот.


Смртоносна атомизација на човештвото

Но, последниве векови, кои сведочат за појавувањето и глобалниот развој на до денес планетарно најреволуционерната и најдеструктивната сила на светот – вие погодувате, станува збор за капитализмот – доаѓа до инверзна промена на животинската бихевиорална формула. Оваа аномалија нас луѓето нѐ направи еволуциски парадоксален вид; вид што толку се изгуби во својата еволуциска „успешност“, што не само што уништи неброено многу други видови на планетата, туку сериозно работи да се самоуништи и себеси. Оваа „успешност“ на видот практично ја сврти формулата наопаку, и направи да бидеме толку поглупави колку што ни е поголема групата. Тоа значи дека во последниве четири децении, кога со неолибералистичката глобализација групата се изедначи со целото човештво, ние како вид се однесуваме поглупаво од секој поединец, а поради огромната бројка во формулата, колективната интелигенција на видот е еднаква на тотален кретен.

Како е можна оваа инверзија, ќе прашате, и зошто се важни последниве четири децении, кога неолибералниот капитализам во својот сеуништувачки поход буквално го „обедини“ светот? Овој колапс на разумот на планетава во време на експоненцијален раст на човештвото беше можен, всушност беше закономерен и неодминлив, поради суштинската одлика на неолибералниот капитализам да ги дроби општествата до нивните атоми, до нивните најситни честички – луѓето. Тоа дробење, што нагалено се вика индивидуализам, им ги уништува меѓусебните врски и интересни организации на луѓето, сведувајќи ги на индивидуи што се глобално политички потполно неповрзани, дури и несвесни за својата вистинска положба, а од друга страна стануваат како поединци одговорни за сѐ што ќе ги снајде како последица од глобализациските процеси.

„Такво нешто како што е општество не постои“, беше веројатно најзлогласното самоисполнувачко пророштво, кое со смирен глас го изговори Маргарет Тачер, британската премиерка што на овој процес во зародиш му го позајми својот лик. Оваа изјава на Тачер беше практично историски и идеолошки обратна од повикот на Маркс и Енгелс во „Комунистичкиот манифест“: „Пролетери од сите земји, обединете се“. Неолиберализмот ги разедини луѓето на планетата и ги сведе на прост збир индивидуи, додека обединети станаа само крупните капиталисти. Индивидуализмот на современиот глобален капитализам така испадна најсилната идеолошка алатка за заглупавувањето на човештвото, зашто го сведе на несовладливо голема маса на поединци, практично агрегација а не организација. Осум милијарди луѓе станаа една непрегладна флотантна маса, којашто стана предмет на комодификација и експлоатација на исклучително малобројната но фантастично умрежена капиталистичка елита, што го приграби практично целото светско создадено и природно богатство.

Во оваа смртоносна атомизација и десоцијализација на човештвото, не мала улога одиграа и интернетот и социјалните мрежи што дополнително ги пасивизираат луѓето за каква било политички освестена колективна акција, давајќи им безнадежно лажна илузија на вмреженост и поврзаност.

Резултат на ова колективно заглупување на видот е што за последните 40 години човештвото уништи повеќе природни ресурси отколку во двата претходни века индустријализација, заедно со десетте илјади години претходна историја. За истово време започнавме процес на уништување на живиот свет кој научниците веќе го споредуваат со петте големи изумирања во минатото на животот на планетата, предизвикани од астрофизички и геолошки катастрофи.


Современ опиум за човештвото

Историчарот на природната средина Џастин Мекбрајан неодамна укажа дека оваа споредба и не е соодветна, зошто ако последиците на глобалниот капиталистички раст ги наречеме „шесто големо изумирање“, тоа изгледа како да опишуваме некаков несреќен тек на околности, и дека ова што му го правиме на живиот свет – и на сопствениот вид, на крајот – треба да се нарече со неговото вистинско име, како „првото големо истребување“, односно првиот глобален геноцид на живиот свет.

Една од најуспешните глобални измами на неолиберализмот е што преку индивидуалистичката морална догма успеа рамномерно да ја распредели одговорноста за климатските промени и за првото големо истребување на живиот свет. Сите сме одговорни индивидуи, сите уживаме во благодатите на глобалниот капитализам, сите сме консумеристи, вели сеприсутната пропаганда на единствениот идеолошки хегемон на планетата.

Но, доколку растојанието помеѓу вистината и лагата го мериме со километри, лагата за еднаквата одговорност на сите е на обратната страна од вселената. Најбогатите еден процент од човештвото поседуваат повеќе од 50 отсто од вкупното светско богатство, а бројот на најбогати луѓе што поседуваат богатство еднакво на половина од вкупното население на планетата вртоглаво се намалува секоја година: од 85 души пред неколку години, бројот се намали на помалку од 10 минатата година. Некни прочитав студија во која прецизно, со име и презиме, е наведено дека само 20 големи компании за фосилни горива се одговорни за цели 35 отсто од вкупната количина јаглен двеоксид и метан што се произведени од 1965 година до денес и емитирани во атмосферата. И тие нѐ убедија дека сите поединци се еднакво одговорни за последиците од капиталистичкиот начин на производство и од бесконечен раст. Но, единствено што е еднакво распределено на планетава е, за жал, глупоста човекова.



За сето ова време додека трае неолибералистичкиот „прогрес“ и неговите последици по животната средина, климатските промени, зголемувањето на социјалната нееднаквост и исчезнувањето на вредностите на социјалната правда, еднаквоста, слободата, братството, солидарноста и практично сите просветителски и социјалистички хуманистички вредности на планетава, неолибералистичката догма на сите ни даде максима за самообвинување или за самоанестезирање. Таа гласи: мисли глобално, работи локално, што веќе со децении го повторуваме како мантра, со очигледно нула ефект врз тековите на капитализмот и врз текот на надојдувачките катастрофи што ги предизвика. Брилијантна анестезија за заглупавени, современ опиум за човештвото.

Но, единствениот излез против глобално организираниот капитализам е глобално организираниот антикапитализам. На глобалната мисла ѝ недостасува глобална акција на глобално обединетите жртви на капитализмот. Марксовиот повик за планетарно обединување на експлоатираните и загрозените против уништувачкиот капитализам е поактуелен денес од кога и да е. Се чини и безнадежно неразбран и презадоцнет.



Слики: Guy Billout

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото