За Вангел Наумовски - наивниот сликар кој го воодушеви светот

12.02.2022 12:33
За Вангел Наумовски - наивниот сликар кој го воодушеви светот

„Хоризонтална галаксија“, 1980


За Вангел Наумовски (без двоумење) може да се истакне дека е еден од нашите најталентирани уметници воопшто, своевремено и еден од најпознатите југословенски наивци кој истовремено се вбројува и меѓу најзначајните автори во светот кои припаѓаат на оваа област.

Роден на 22 март 1924 г. во с.Скребатино (Охридско) а почина на 13 јуни 2006 г. во Охрид, каде што живееше и твореше. Поради сиромашните услови за живот на неговото семејство, тој на деветгодишна возраст го напушта училиштето и бил принуден да изучува разни занаети (градинар, слаткар, месар, колар, фурнаџија, овчар, зидар, лимар и др.). Големата желба за уметност му се исполнува веднаш по формирањето на „Художественото училиште“ (сегашното Средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“) во Скопје, но радоста траела сосема кратко бидејќи уште во втората година (од страна на тогашниот директор Никола Мартиноски) „бил истеран како неталентиран“. (Но, според некои негови современици, тој самиот го напуштил училиштето бидејќи немал средства за престој и школување во Скопје).


„Рај и пекол“, 1962

Големото разочарување и чувството на несреќност сигурно многу тешко можело да се преброди, но тој факт на Вангеловата неприлагодливост кон ликовните норми и правила, подоцна бил од исклучителна корист и пресудна за неговото автентично уметничко формирање. Всушност, од сегашна историска дистанца, со сигурност може да се искаже општоприфатена констатација дека тоа немило случување било од непроценлива корист за непроменливост на изворните потенцијали и ненарушливост на природната нагонска творечка сила. Натамошниот развој на настаните и препуштањето кон внатрешните креативни врутоци му овозможува тој да изгради сопствен ликовен израз. Езистенцијалните причини налагале, а локално согледаните креативни дарби помогнале во меѓувреме да работи како цртач во атељето за резба, подоцна и во градежно/проектантското претпријатие „Трудбеник“ во Охрид.


„Градина на зајдисонцето“, 1968

Преку повремена сликарска активност и првите јавни претставувања (1954-1960) на самостојните изложби во родниот Охрид или Струга, Битола, Прилеп и Скопје, сепак не можело да се согледа вистинската вреднос на авторот се до неговото претставување (1963) во Галеријата на примитивна уметност во Загреб, односно застапувањето во ревијата „Југославија“ бр 17 (во 1969 г.) од страна на Ото Бихаљи Мерин, кој на тој начин го открива и промовира во поширок контекст. Всушност, оттогаш, благодарениеи и на други врвни стручни авторитети, естетичари, критичари и интелектуалци, познавачи на актуелните интернационални состојби и текови, на Вангел Наумовски широко му се отвора магистралниот меѓународен пат на афирмација и слава. Најпрвин уследиле неколку учества на групни изложби на наивната уметност во Чачак, Загреб, Вастерс, Дортмунд, Хамбург, Линц, Грац, Дубровник, Минхен, Братислава, Амстердам, Париз, Бремен, Мексико Сити, Лавал, Лугано, Париз, Рим, Лондон, Токио, Москва, Љубљана, Белград..., а самостојни во Рим (1965-Studio Marguta), и дури после тоа (1965) во Музејот на современата уметност во Скопје, по што следеле повторно во Рим (1967-Studio d,Arte Moderna), Лондон (1967-Don Quixote Art Gallery), Милано (1968-Galleria il Giorno), пак во Загреб (1970-Галерија приомитивне уметности), Париз (Galerie “Mona Lisa”), Торонто (Gallery “Joso 25”), Минхен (1984-Gallerie Hell&Hell), Солун (L,Institut Francais de Thessalomnique), Цирих (Gallerie und edition Hannes Koll) и уште триесеттина во Кортина, Комо, Новара, Белград, Будва, Скопје, Битола, Охрид и др.


„Езерска невеста“, 1973

Иако творечките обиди на Вангел Наумовски датираат неколку години претходно, вистинската сликарска активност започнува во педесеттите години на дваесеттиот век. Тие припаѓаат на вообичаените „натуралистичките – наивни одлики“ кои најчесто и нашироко се распространети и согледливи, а ликовните посегања и вредносни достигања се вообичаени. Но, веќе од шеесеттите се случува пресвртница кога тој ги преминува границите на вообичаените сфаќања на наивата извлекувајќи го од себе русоовското чувствување, раскошната креативна имагинативност, магичност, мечтателност, меланхоличност. Во тој дух се остварувања и во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години.

Понатаму, во неговите подводни и галактички композициски визии ќе уследи пречистеност на формите и одредено „отфрлање“ на некои елементи кои беа во функција на згусната исполнетост на елементи и бројни детали вградени во целината на сликата. На тој начин се овозможи разбирлив, разговетен ликовен говор ставајќи ја на пиедесталот искрената детска „опиеност“ од создавањето, што ќе доведе до лирско/апстрактен изглед. Се чини дека, колку што со овие дела е фасцинирачки прифатена неговата генијалност и онолку колку што досегнува неговата светска слава, изгледа како тој самиот уште повеќе да е обземен и маѓепсан од световите кои само тој ги гледа. Тој е „автентичен уметнички феномен“ кој поседува посебен сензибилитет со поетска чувствителност и карактеристична суптилност. На неверојатен начин, преку една мека, ненаметлива нежна симбиоза на флоралните и еротските им вдахнува заеднички живот.


„Спирална галаксија“, 1981

Постојано несопирливиот креативен дух го насочува да го негува цртежот со минуциозна „калиграфска“ изведба (со туш) во „скапоцена филигранска нишка“ (како што одбележува Маја Чанкуловска-Михајловска) доаѓајќи до радикалната творечка фаза во акварелите со чиста апстрактна сликарска слобода и разиграна спонтаност што кулминира во енергичните линеарни, импулсивни вртложни ритми. Освен ликовните, преку кои „го освои светот“, тој имаше и поширок спектар на интересирања како што се архитектурата, музиката, поезијата.

За творештвото на овој наш великан со интернационален габарит се имаат произнесено познати национални и меѓународни теоретичари, естетичари, критичари, уметници и др. За него Салвадор Дали вели дека е „сликар од бајките“, а Борис Келемен дека сликарството на Вангел Наумовски е „своевидно чудо што не е слично на ништо“. Ото Бихаљи Мерин вели дека „калиграфските облици на Вангел Наумовски ја поништува границите помеѓу легендата и фантазијата“, Гамулин смета дека неговото творештво е „создавање пред почетокот на историјата, пред вистинскиот свет и вистинското светло“. Жан Мари Дрот вели дека „Наумовски се раѓа како еден гение, без да биде предвиден во оваа организација на светот“, а на сличен став е и Оскар Давичо кој за неговите слики вели дека се „генијални, чија фантазија продира со толку интензивна радост“.

Творештвото на Вангел Наумовски го проучувале, толкувале и за него пишувале повеќе наши историчари на уметност, универзитетски професори и ликовни критичари меѓу кои Цветан Грозданов, Борис Петковски, Соња Абаџиева, Кирил Темков, Владимир Величковски, Маја Чанкуловска Михајловска, Викторија Васев Димеска и др.

Делата на Вангел Наумовски биле претставени на значајни меѓународни и самостојни изложби, а застапен е во многу меѓународни музејски и приватни колекции.

 

ОкоБоли главаВицФото