Незадоволна пријателка по седми пат го користи правото на вето на селфито

12.02.2022 20:20
Незадоволна пријателка по седми пат го користи правото на вето на селфито


Лана Петровска, членка на група пријателки составена од Кате, Елена и Теа, стави вето на групното селфи направено на снежните падини во Маврово, каде позира ова друштво на најдобри пријателки, со што се блокира објавувањето на селфи на Инстаграм.

Ова е осми пат за време на правењето на ова селфи, што веќе влегува во својата петнаесетта минута, Лана да го користи своето право на вето за да се погрижи „да излезе колку-толку добро по сопствена проценка“.

Со ова вето, освен на Инстаграм, се блокира и објавувањето на селфито на Фејсбук, а можеби и на Инстаграм стори, за барем две од четирите членки на групата. Забелешката на Лана дека „бутот ѝ изгледа неприродно големо, веројатно затоа што стои премногу блиску до работ на фотографијата“ беше усвоена по кратко групно разгледување и дискусија околу тоа дали е тоа „толку страшно како што ѝ се чини“.

Како одговор на овие констатации, Лана седмиот нацрт на селфито го нарече „грозен, недозволив и одвратен фуј фуј фуј“.

Една од членките на групата, Елена, изрази длабоко разочарување од ветото на Лана на селфито, првенствено затоа што на седмото многу добро испаднала, а и затоа што поради одолговлекувањето и саботажата, го пропуштиле доброто осветлување, па по се’ изгледа дека нема ниту да има селфи.

Теа, која пред Лана еднаш стави вето затоа што ѝ падна капата, овојпат беше воздржана, како и Кате, која при третиот обид за селфи замижа поради ветрот.

Според неофицијални информации, постои можност сопственичката на мобилниот, Теа, сепак да го прекрши меѓупријателскиот договор и да закачи едно од направените селфи-слики на својот профил, но со тоа што целосно ќе ја исече Лана од фотографијата.

Приспособено од Њуз

ОкоБоли главаВицФото