Прародителска грешка

14.02.2022 02:06
Прародителска грешка

Австралопитекус афаренсис

Најстарата од сите човечки приказни почнува со грешка. И, секако, почнува во Африка. Тука, во прататковината на човечкиот вид, гледаме како племе австралопитекуси се движи низ саваната - подргбавени се пробиваат низ високата трева, обраснати со ретко, нееднакво влакно, со долги вилици, широки јаболчици и силни дланки кои инаку фаќаат гранки, грмушки и берат плодови. Покрупни од шимпанза, но ниски, пониски од 140 центиметри, овие бучни животни сега бегаат кон ноќното засолниште од предаторите, мажјаците во трк го предводат племето, малку поситните женки околу градите носат обесени младенчиња.

Последната женка меѓу нив, заостаната и презрена од останатите животни, го стиска своето три месеци старо младенче. Неговата глава од ден на ден е сè поголема, носот потесен, образите помали, а плачот посилен. Како да сака да го запре растот на големата глава, па женката цврсто ја стега - со надеж дека, како што веруваат останатите, баш нејзиниот потомок не е уште еден од оние унаказени мекуши кои повремено се раѓаат во племето. Дотогаш, бебето со крупни очи нежно го посматра животното што го носи, широкото африканско небо и пространата савана, сиот тој свет со кој наскоро ќе завладее токму тој и целата негова раса - еден сосема нов род примати.

Две и пол милиони години подоцна. Во Монтреал, Канада, со концерт во локалната базилика почнува 12 меѓународен конгрес на најугледните генетичари во светот. Научниците се собираат во Palais des Congres, голема четвртаста зграда со стакла во боја. Додека во главниот хол се организира прием со танцови точки инспирирани од настанувањето на протеините од ДНК кодот, а учесниците на конгресот се шетаат со високи чаши шампањ, некои помалку значајни програми се веќе почнати.

Триесетгодишната научничка Меган Денис, постдокторантка со азиско потекло од Универзитетот во Сиетл, на петтиот спрат од конгресната сала, во собата 517Д веќе одржува предавање за дуплираниот ген обележан како СРГАП2Ц. Додека известува за новиот наод на протеинот кој се создава од овој дуплиран ген и неговото значење за работата на човечкиот мозок, неколкумина генетичари во публиката стануваат видно возбудени, но сè останува на тоа. Веста за ова обелоденето откритие во Монтреал во октомври 2011 година ќе го објави специјализираното списание Science News, но во морето други вести од науката, нејзините сеопфатни последици ќе станат значително појасни дури половина година подоцна.

Меган Денис

На другата страна од светот, антропологот Ли Бергер во голем џип остава облак прашина брзајќи по каменестиот предел на природниот резерват „Џон Неш“ во Јужна Африка. Заедно со својот постојат соработник Мешак Кгаси, овој славен антрополог веќе две децении истражува подрачје од 9 000 хектари северозападно од Јоханесбург. Тука, како и во многу други зони од источна и јужна Африка, можат да се најдат фосили од разни австралопитекуси, бројни видови примати кои еволутивно се одвоиле од обичните мајмуни пред околу четири милиони години.

Секако, најславниот вид му припаѓал на видот Австралопитекус афаренсис - тоа е Луси, млада женка која живеела пред 3,2 милиони години, а чиј фосил е најден 1974 година во областа Хадар во Етиопија, недалеку од таканаречената „колевка на човештвото“, во танзанскиот теснец Олдупаи и локалитетот Лаетоли, каде славниот антрополог Мери Лики во каменестата лава најде 3,6 милиони години стари отисоци од стапала на женка австралопитекус и нејзиниот мал потомок додека чекореле исправено.

Судејќи според разликата во фосилните наоди, Австралопитекусите пред околу 2,5 милиони години ги наследиле интелигентните, човеколики примати од видот Хомо - со видови кои речиси наликуваат на човекот, како што се еректусите, хабилисите, неандерталците и најпосле сапиенсите - но самиот премин кон нив отсекогаш бил непознаница. Дарвиновата „алка што недостасува“ е едно од најзагадочните прашања на науката. Кој вид бил премин од животни кон луѓе, ако австралопитекусите биле животни, иако чекореле исправено? Антропологот Ли Бергер од природниот резерват „Џон Неш“ е еден од оние кои веруваат дека ја решиле оваа загатка. Тука, на наоѓалиштето Малапа, тој открил нов вид фосил, таканаречениот Австралопитекус седибе, стар 2 милиони години, а неговото дело во списанието Nature своевремено предизвика големо внимание и бројни понатамошни, главно генетски истражувања. Секако, Бергер не е единствениот антрополог кој последниве децении се обиде да даде одговор за дарвиновата алка - цела низа преодни форми, без разлика дали примероците се од познати или поретко, од нови видови, одново се ископува ширум Африка, но и на други континенти, и сето тоа неминовно е проследено со медиумски написи.

Но, без разлика колку скелети се откриени и колку и да била детална реконструкцијата на фосилните остатоци, тоа тешко одговара како дошло до таа неверојатна трансформација од ситен, исплашен австралопитекус во вештиот и снаодлив вид Хомо, или, најбуквално кажано, како мајмуноликите животни одеднаш станале луѓе? Судејќи според се, конечниот одговор се крие во гените.

Ли Бергер

Институтот Скрипс во Ла Џола, Калифорнија, на почетокот од 2012 година прв ја обелодени нивната тајна. Имено, таму се правени детални анализи на два постоечки дуплкати на генот СРГАП2, токму оној чии интересни својства ги презентирале постдокторантката Меган Денис во Монтреал. Истражувањето го предводеше нејзиниот професор Еван Ајхлер од Универзитетот Вашингтон во Сиетл, кој заедно со Френк Полеукс откри кога точно се создал вториот дупликат во човечкиот ген означен како СРГАП2Ц. Се покажало дека тоа се случило пред околу 2,5 милиони години - токму во моментот кога австралопитекусите еволуирале во луѓе.

Сето тоа не би било нималку возбудливо ако генот СРГАП2 не е еден од неколкуте, поточно 23, чии дупликати постојат само кај човекот, но не и кај останатите примати. И притоа, тоа не е каков било ген. Имено, тој како дел од човечкиот геном се „активира“ во нервните клетки каде е задолжен за производство на таканаречениот СЛИТ-РОБО Рхо ГТПаза-активациски протеин 2. Неговото име е комплицирано, но тој служи за нешто сосема едноставно - за миграција, односно патување на нервната клетка од местото на нејзиното раѓање до конечната дестинација во мозокот.

Повеќе или помалку, сето тоа е исто и кај другите животински видови, но една ситница не е. Се покажува дека оригиналниот ген СРГАП2А и неговите два дупликати (СРГАП2Б и СРГАП2Ц) кои се појавуваат само кај приматите од видот Хомо, немаат еднавка должина. Тоа значи дека за време на правењето на овие копии во геномот дошло до грешка и дека таткото, синот и правнукот на генот не ја извршуваат својата функција на ист начин. Како што објасни Еван Ајхлер во научната статија објавена во престижното списание Сел, грешките кои имаат дупликати од овој ген впрочем доведуваат до забавување во развојот на мозокот. Тоа дава повеќе време да се развијат синапсите и невронската мрежа во него да биде значајно „поинтелигентна“.

И така полека се сложува сложувалката која се протегнува од африканските савани до генетските лаборатории. Судејќи според сè, пред околу 2,5 милиони години дупликатот на генот СРГАП2Б кој постоел кај австралопитекусите какви што се Луси или Бергеровиот фосил од Јужна Африка, се дуплирал по вторпат. Во тој препис дошло до грешка која предизвикала значајна промена во производството на протеинот кој е важен за миграцијата на невроните и развојот на мозокот. Оние кои го наследиле таквиот „погрешен“ дупликат ги направил поинтелигентни. Односно, ги направил првите „луѓе“.

Еван Ајхлер

Сега, за легендата во протерувањето на Адам од рајот, од „Битието“ на Мојсеј, би можеле да воведеме нова споредба со дрвото на спознавањето со ДНК спиралата чиј еден ген излегол од контрола. Но, без оглед на примамливоста на таквите размислувања и новите аргументи во дискусијата на еволуционистите и креационистите, највозбудливиот дел од приказната за генот кој го создал родот Хомо е пракичната, лабораториска проверка на овие тези.

Имено, научниците предводени од професорот Ајхлер во геномот на обичниот глушец кој го содржи само оригиналниот ген СРГАП2, го вметнале „човечкиот“ дупликат на СРГАП2Ц кој се појавил при „будењето на човештвото“. И се случило нешто сосема неверојатно. Со промената во производството на протеинот, мозоците на глувците почнале да се менуваат драматично, а нивните синапси да се издолжуваат. Нивниот малечок, животински мозок со ова „притискање на прекинувачот“ почнал да се претвора во нешто што наликува на човечки мозок.

Можеби во ова наоѓате нешто застрашувачко, но промената на СРГАП2 генот секако била една од оние грешки со далекусежни последици. После 4,5 милијарди постапни еволуции, во мозоците на наивните африкански примати кои трчале наоколу во саваните, се случило нешто што било во состојба да ја освои планетата, да патува во вселената, да напише милијарди ноти и трилиони зборови. И покрај тоа, да ги ископа старите добри скаменети австралопитекуси. Застрашувачки и вчудоневидувачки, како и да е, целата планета во следните два милиони години ги почувствувала драматичните промени заради една грешка во дуплирањето на гените.

За нештата да бидат уште поинтересни, кога кај последните австралопитекуси СРГАП2Б станал СРГАП2Ц, кој од глувчешкиот мозок прави невронска мрежа со каква што се родиле Микеланџело, Бах и Ајнштајн, тоа не било првото дуплирање на СРГАП2 генот. Милион години претходно, значи пред околу 3,6 милиони години, СРГАП2А се претворил во СРГАП2Б. По игра на случајот, токму тоа била добата кога Луси и другите австралопитекуси престанале да одат на четири нозе и станале првите испрваени битија на планетата. Сосема можно е дека првата грешка во препишувањето на овој ген ги исправила мајмуните, а втората, како што покажуваат истражувањата, од нив направила луѓе. Што ќе направи третата грешка? Австралопитекусите, трчајќи низ саваната, не ни насетувале каков одговор доаѓа.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото