Ти си раскажувачот, рече

14.02.22 21:58

Уметноста на народот Бил, во централна и западна Индија, е вибрантна, со сложени шаблони и светли бои. Таа за нив е наследуван ритуал преку кој ги испраќаат своите надежи за колективна хармонија и изобилство. Сликите и фреските на селските ѕидови ги споделуваат „приказните, молитвите, спомените и традициите... насликани на бела позадина, во симфонија од разнобојни точки“.

Индиската режисерка Нина Сабнани во соработка со уметникот од народот Бил, Шер Синг Бил, ја изработија оваа анимација за да ја раскажат приказната за тоа како луѓето од народот Бил започнале да сликаат.

Овој мит на потеклото, е раскажан од перспектива на петел. Приказната раскажува за патувањето на племето да најде шаман кој ќе ги ослободи од катастрофалната суша. На крајот, шаманот ги инспирира луѓето да сликаат по ѕидовите од своите домови - чин што им донесува дожд, обилни култури и, на крајот, мир и напредок.“

Анимацијата е разиграна и евокативна, комбинирано со непретенциозно раскажување. Но, оваа приказна е и прекрасно дело на визуелна етнологија. Оживувајќи ги автентичните слики на народот Бил, Сабнани и Синг Бил еднвремено го портретираат овој народ, за кој уметноста, природата и духовноста се неразделни.



Текст

ЗОШТО ЛУЃЕТО ОД НАРОДОТ БИЛ СЛИКААТ

Ако навистина сакаш некого нешто да го поучиш, Бури Ама вели дека тој треба да стане петел. Но дали навистина те интересира колку е тешко да се биде петел?

Тоа беше непосредно пред зората. Бев полузаспан, полубуден. Се обидов да извикам, но никој не слушаше. Се обидов уште еднаш, но излезе само воздишка.

Луѓето од народот Бил се бореа за секоја капка вода. Некои беа пропешачиле километри во својата потрага.

Бури Ама, мудриот, изјави: „Само шаманот може да разбере. Тој ги знае облаците по име, и ако сака може да не’ потопи со дожд. Тој има силни врски со небото, планините, реките и езерата.“

„И колку ќе не чини тоа?“

„Тој сака само еден петел.“


Реков: „Не, не не... Што ако мене ми фрли око?! Сигурно ќе ме пикне во рерна. А потоа ќе наздрави со оброкот.“

Шер Синг ме прекри со суви лисје и ми шепна во увото: „Сега никој нема да те препознае. Дали петел, дали шума – тоа ти е исто.“

Патувајќи, забележавме некој човек. Тој беше поднапиен и растресен. Шер Синг мислеше дека овој е шаманот. И го замоли да не’ избави од тешкотијата.

„Ќе го повикам Мегхрај, водениот бог. И да, ќе го донесам дождот.“

(дрдорење)

Во сиот тој хаос, ми испопаѓаа лисјата и се разоткри вистината. Тој ги впери очите во мене:

„Ќе помогнам само ако го добијам него за ручек.“

Брзо-брзо избегав некаде да се скријам.

Бури Ама рече: „Ако не ти пречи, сакаме да видиме од каков вид си. Дали си прав или лажеш. Застани на ова грне и докажи. Ако грнето не се скрши, секако, петелот е твој.“

„А што ако се скрши?“

„Па, тогаш, без сомнеж си лажго. Сигурен сум дека разбираш каде не’ води тоа.“

Грнето се скрши на парчиња и измамникот в миг избега.


Тогаш оддалеку го чувме повикот на Сади Чиди.

Бури Ама тргна по птицата, и сите ние по него. Птицата не’ одведе таму.

Каде? Онаму кајшто вистинскиот шаман свиреше на својот дак.

Бури Ама побара да не’ благослови со вода за нашите посеви и деца.

Шаманот стоеше на грне од кое непрестано течеше вода. Сите вредно ги полнеа своите грниња.

Кога наеднаш – шаманот го скрши грнето на парчиња.

Бури Ама праша: „Згрешивме ли нешто?“

За го успокои, некој реши да ме жртвува.

Јас, непромислено, го поканив да ме изеде.

Се тресев и со трепет ги затворив очите.


Кога ги отворив шаманот држеше мал пердув.

Се вели дека оној кого ќе го допре шаманот станува чист и предмет на обожавање.

Го погледнав шаманот и реков: „Нема ли да ме јадеш?“

Тој ми рече: „Ти си раскажувачот. Нема ли да продожиш да ја раскажуваш приказната?“

Шаманот се насмевна и нацрта некои облици на скршеното грне. Прво го запрев здивот, но потоа погледнав во парчето глина. Беа нацртани дрвја! Извикав во неверување!


Цртавме по ѕидовите и го славевме делото.

Таа ноќ облаците надојдоа и силно врнеше. Грмеше и светкаше, дождот паѓаше во силни бранови и го собиравме во грниња.

Тогаш змиите и желките почнаа да се вртат околу себе така правејќи дупки во земјата. Дупките се исполнија со вода. Бури Ама рече: „Најдовме начин да зачуваме вода!“ И ние почнавме да копаме дупки и направивме бунари и езера кои се полнеа цела ноќ.

Како што минуваа деновите, дрвјата растеа а посевите зрееја и имаше мир, хармонија и напредок.

И секое утро штом се разбудев, јасно извикував: „Кукурику!“

***

За да се исполни желба, како понадици се даваат молитвите, а ние, луѓето од народот Бил – ние цртаме.


 

Извор: The Kid Should See This

ОкоБоли главаВицФото