Книжевноста предолго ја нема!

15.02.2022 13:21
Книжевноста предолго ја нема!

Вујко Иле и малиот Дурацовски

 

Денес полни 70 години култниот македонски и струшки писател, Димитрие Дурацовски. Му го честитаме роденденот! Да го има, и него и неговата книжевност, и во децениите пред нас...

 

Македонската книжевност оди да плива. Во кафеанчето на плажата, под хотел „Дрим“, остануваме само Димитрие Дурацовски, јас и нејзините облеки, небрежно оставени на столовите. Станувам и ѝ ги диплам бермудите и маиците. Не знам зошто го правам тоа. Првин земам едни тегет бермуди, со убава изработка на опачината на џебовите со паспул на пругички: тегет-бело. Потоа набрзина диплам и едни маслинести. Димче потстанува и ми ги подава маиците, слечкани доземи; небаре е најнормално македонската книжевност да плива, а тој и јас да ѝ ја диплиме облеката. Кога сѐ е готово и уредно наместено на столовите; палам цигара само колку да правам нешто и се чудам како да ја врзам панделката на разговорот, кога најважната нишка се измолкна и... отиде и таа да плива...

Димче не дозволува да ми биде непријатно, ја фрла својата молчаливост в езеро како мазен камен и почнува да ми раскажува за вујко му со различен глас од оној со којшто зборува кога сме повеќемина. Со глас за само еден слушател. Бавен е и раскошен во зборувањето и набрзо пропаѓам во неговите приказни како во шарени, старински перници со пердуви. Ја собувам едната нога и ја ставам под себе на столот, уживам како раскажува, раскажува, раскажува,.. како му болскоти мислата на пладневното сонце, додека жештината му ги одделува зборовите еден од друг со сѐ поголеми и поголеми белинки.

Вујко му,.. велосипедите, големиот и малиот,.. мајка му, поштарот,.. татко ми, Јадранка Владова,.. Леонид Шејка, Белград,.. „Студентски збор“, „Тајна историја“, „Скарбо во мојот двор“, „Црни пророци“, „Страдањата на младиот лектор“... Се преправам дека не мислам на македонската книжевност, дека сосем сум ја заборавила и го поднаместувам столот така што да не гледам постојано во езерото. Димче го сфаќа престројувањето на масата, се поместува и тој, ама така што да гледа постојано во езерото... Лиле Дирјан, Чашулевци, „Синема“, Женска плажа, романот на Нина Шопова, неговите стари романи, новиот што го пишува чат-пат на машината за перење алишта во бањата, седнат на кадата, мојот за Куманово... Молераите, шаблоните, бунарите,.. неговото куче Бен, мојот школски другар-ветеринар,.. уште по едно кафе, којзнае колку цигари... Сонцето ме штипе за рамената, капки пот му го наросуваат челото на Димче... Ја кревам косата со штипка; откопчува уште едно копче на кошулата со долги ракави...

- Оливера, книжевноста предолго ја нема! Де појди до брегот, види в езеро ли е уште? Ме болат коленава, инаку досега десетпати ќе станев по неа!

Во лет ја обувам босата нога и брзам покрај голите луѓе комплетно облечена, во панталони и ленена блуза со карнерчиња кои тешко се пеглаат. Со свилена марама пуштена преку градите. Крцкаат, дури подлетнуваат камчиња под моите балетанки. Се џарам во езерото. Ја нема книжевноста! Втренчено гледам сѐ подалеку, сѐ подлабоко во сините води. Ништо... Се вртам кон Димче за да му се кажам дека ќе одам удолу по плажата, да не ја занела водната струја подалеку од местото каде што влезе, но тој веќе ми дава знак со раката да го направам токму тоа: да ја барам книжевноста удолу по плажата.

Стапалата ми ги гори вжештениот песок, срцето ми го пржи разлеаната лава на стравот. „Од што се плашиш? Од што?“, се прашувам себеси, тешејќи се дека кога ќе го изговорам стравот, ќе стане помал отколку додека го молчам.

„Дека ја фатил грч и не може да доплива до брегот.“

„Дека се удавила.“

Ме плиснува распалавениот глас на македонската книжевност по лицето! Нејасно ја здогледувам во далечината како излегува од езерото, насмеана и свежа. Нагло се вртам и трчам кон кафеанчето, кон Димче кој ми мавта и вика:

- Врати се, нарачав уште по една книга за двајцата!

Дурацовски (со кошулата на точки) со другарите, на пат кон Машка плажа, јуни 1968 г.

Слични содржини

Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото