1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Малку е познато, ако не е и сосем непознато, дека битниците ce јавиле во Македонија порано отколку во Америка.
Ми расправаше покојниот Ристо Проданов вака:
– Јас сум, да знаеш, Блаже, студент со индекс број 1 од стариот Филозофски факултет во Скопје. Свирев виолина, и тоа ми ја обезбедуваше издршката. Кога филмот уште беше нем, пред претставата и во паузите јас свирев во старото кино „Балкан“. Во распустот, во Струмица, нè дупна ѓаволот мене и уште еден мој другар да се објавиме како толстоисти, бидејќи го читавме Толстоја и слушавме за неговата наука. Прво облековме рубашки, престегнати со колан преку половина. Власта премина преку тоа.
Но еден ден се решивме да шетаме боси низ градот, со рубашките на нас. Тоа веќе власта не можеше да го поднесе. Срескиот началник прати да нè арестуваат и нареди двајца жандари да нè спроведат така боси од Струмица до Ново Село. Кога нè водеа низ чаршијата, одевме со гордо кренати глави, како што им прилега на жртви за идејата. Но излеговме од градот на џаде. Почна да нè боцка оној чакал по излоканиот пат, a пустото сонце бие в теме. Болат нозете, отекнале прстите, ќе ce раскрвават. Видовме дека вака не бидува. Како ќе се издржат дваесет и кусур километри до Ново Село? Ами уште назад. Ho еве ce ближи Дабиле со својата крчма во дебела сенка.
„Господа – им предложивме на жандарите – да запреме малку овде, ние честиме“.
Тие радо прифатија, зашто и ним им беше тешко да го минат тој пат по летниот пек.
Така останавме во крчмата во Дабиле до вечерта. Да не ти кажувам колку плативме за тоа честење и да не ти кажувам какви мизерни разговори за нас толстоистите водевме со жандарите. Вечерта по ладот ce вративме во Струмица и веќе натаму не ни текна да ги носиме рубашките, a камоли да шетаме боси низ градот.
Од „Дневник по многу години“
Слики: Владимир Лукаш