За „јавната“ партиска администрација

15.02.2022 17:04

Толку бесрамно се сметаат за привилегирана класа, што веќе не се ни кријат па си дозволуваат Синдикат да ги изусти зборовите„омаловажување“ и „понижување“ зашто им ја покачиле платата на работниците од кои тие земаат плата. Осилени се. Имаат минат труд. Којзнае колку ора изиграле по комитските вечери, колку плакати излепиле, на колку митинзи вееле знамиња, колку часа отседеле на компјутер да тролаат по социјалните мрежи, колку пари им дале на локални партиски моќници. И сега партиите мора да си го одржуваат тоа гласачко тело. Тоа не е јавна администрација. Тоа се јавни гласачи. Тоа е партиска администрација што ни се продава како јавна администрација. Демек, во служба на граѓаните, а тие се во служба на партијата што ги вработила. Граѓаните – неуслужени. Ги молеа да се појават на работа, за време на пандемијата не ни одеа на работа, па се виде дека државата и општините функционираа и без нив, па после на сето седење дома си ги искористија и одморите, па уште и К-15 бараат да им дадат, никого не можат да избркаат за неработа, а и тие што ги избркаа судот ги врати, па уште и заостанатите плати им ги платија. Сè што се прави во државата се прави за тие да бидат среќни и задоволни. За да гласаат.

Горан Михајловски, 11.02.22., СДК