Нашиот мачор заминува во рај

16.02.2022 01:46
Нашиот мачор заминува во рај

Нашиот мачор се вознесе на небото. Бидејќи никогаш не ја сакаше висината, се обиде да ги зарие канџите во таа невидлива змија, џиновска рака, орел или што и да беше тоа што веќе го подигнуваше угоре, ама немаше среќа.

Кога стигна во рајот, виде дека е тоа едно широко поле. Мноштво малецки, розикави суштества трчкаа наоколу, та тој отпрвин помисли дека се глувци. Потоа го здогледа Господ како седи на дрво. Ангелите се разлетаа, мавтајќи со крилјата; гукаа како гулаби. Повремено, Господ правеше брзо движење со својата голема крзнеста шепа, дофаќаше еден од нив во лет и го крцкаше меѓу забите. На тлото под дрвото насекаде беа расфрлани одгризените ангелски крилја.

Нашиот мачор учтиво пријде до дрвото.

Мјау, рече нашиот мачор.

Мјау, рече Господ. Всушност, повеќе личеше на рикање.

Отсекогаш и мислев дека си мачка, но не бев сигурен.

Во рајот сè се разоткрива, рече Господ. Избирам да ти се прикажам во овој облик.

Драго ми е што не си куче, рече нашиот мачор. Дали би можел да ги добијам назад своите тестиси?

Се разбира, рече Господ. Таму се, зад грмушкана.

Нашиот мачор отсекогаш знаеше дека неговите тестиси сигурно се тука негде. Еден ден се разбуди од мошне грд сон и откри дека исчезнале. Ги бараше насекаде ‒ по каучите, под креветот, во орманите ‒ а сето време биле овде, во рајот!

Отиде до грмушката и, јасно, таму и ги најде. Веднаш се вратија на своето место.

Нашиот мачор беше мошне задоволен. Фала ти, му рече на Господ.

Господ ги чистеше своите елегантни мачји мустаќи. Нема за што, рече.

Дали би можел да ти помогнам да ги ловиш тие ангелчиња?, рече нашиот мачор.

Никогаш не си ја сакал висината, рече Господ, раширувајќи се, колку што е долг, преку една гранка, на сонце. Заборавив да кажам, сјаеше сонце.

Вистина, рече нашиот мачор. Не ја сакав. (Најрадо би ја заборавил епизодата со пожарникарот и скалите.)

А да ловам некои од глувциве?

Не се тоа глувци, рече Господ. Ама можеш да ги ловиш колку што сакаш. И немој баш веднаш да ги усмртуваш. Измачи ги.

Мислиш, да си играм со нив?, рече нашиот мачор. Заради тоа порано имав проблеми.

Тоа е прашање на семантиката, рече Господ. Овде заради тоа нема да имаш проблем.

Нашиот мачор избра да ја игнорира таа забелешка, оти не знаеше што е тоа „семантика“. Не сакаше да се брука. Ако не се глувци, што се?, рече. Само што го изговори тоа, веќе беше скокнал врз еден. Со шепата го приклешти до земјата. Малецкиот се отимаше, цивкајќи со тенкиот глас.

Тоа се душите на човечките битија кои на земјата биле зли, рече Господ, дополу склопувајќи ги своите жолтеникавозелени очи. А сега, ако немаш ништо против, време ми е да дремнам.

Па што бараат тогаш во рајот?, рече нашиот мачор.

Нашиот рај за нив е пекол, рече Господ. Сакам да има рамнотежа во космосот.

Слики: Raysa Fontanа

Превод: П. В.

ОкоБоли главаВицФото