Бонтон кон лица со слуховна попреченост

17.02.2022 22:58
Бонтон кон луѓе со слуховна попреченост

Практични совети што секој од нас треба да ги знае


Слуховна попреченост, оштетен слух и глувост не се идентични состојби. Глувите лица го користат видот за комуникација, лицата со оштетен слух бараат начини да ги користат и вештините на слушање и зборување, а слуховна попреченост се однесува на двете.

Постои широк опсег на методи за комуникација со лица со слуховна попреченост. Ако не го знаете преферираниот начин на комуникација, важно е да прашате.

Знаковниот јазик е сосема поинаков јазик од македонскиот говорен јазик и има своја сопствена, различна синтакса. Читањето од усни е тешко за глувите лица ако нивниот прв јазик е знаковниот, бидејќи поголемиот дел од звуците на македонски јазик се формираат во устата и тешко е да се чита говорот на втор јазик.

Лицата кои имаат оштетен слух, пак, комуницираат на македонски. Нив слухот не им е комплетно оштетен, па тие слушаат, но зависат од тонско засилување и/или гледање на усните од соговорникот за ефикасно да комуницираат. Спектарот на комуникациски преференци и стилови кај лицата со оштетен слух е многу голем што не може да се објаснат во овој краток простор. Корисно е да се забележи дека поголемиот дел од лицата кои се здобиле со оштетување на слухот како повозрасни, не комуницираат со знаковен јазик, туку користат македонски јазик и може да бидат кандидати за користење уреди што помагаат при слушање и пишување за подобрување на својата комуникација. Лицата со импланти за слушање, како и другите лица со оштетен слух, обично самите ќе ве информираат што најдобро функционира за нив.


За да го привлечете вниманието на лицето со оштетен слух, повикајте го/ја по име. Ако не одговори, можете лесно да го допрете по раката или по рамото, или да мавнете со рака.

Следете ги знаците што ви ги дава лицето за да дознаете дали повеќе сака комуникација со знаковен јазик, со гестови, со пишување или со зборување. Ако имате проблеми со разбирањето на говорот на некој што е глув или со оштетен слух, дајте му до знаење.

Кога зборувате, свртете се кон соговорникот и одржувајте контакт со очи со него/неа. Користете изрази со лицето и телото за комуницирање на емоциите што ја придружуваат пораката што ја праќате, на пример одобрување или незадоволство. За да осигурате дека сте разбрани гледајте го соговорникот в очи – не се потпирајте само на афирмативно кимање со главата.

Имајте при рака молив и хартија во случај да затребаат. Кога давате информација која вклучува број или адреса, размислете за алтернативни начини да ја искомуницирате, поради прецизност – со пишување, праќање порака или мејл.

Ако неколкупати ве замоли да повторите, обидете се да ја реформулирате реченицата. Ако имате голема потешкотија усно да искомуницирате, прашајте дали може да пишувате. Никогаш не велете „Заборави, не е важно“.

Не ја менувајте темата на разговор без предупредување. Користете фрази за премин како „Добро, следно треба да поразговараме за...“

Бидете свесни за околината. Тивка, добро осветлена просторија е најповолна за ефикасна комуникација, за разлика од големи, гласни простории со многу луѓе. И силната светлина и сенките може да бидат пречки. Ако сте пред извор на светлина (на пример, прозорец) свртени со грбот кон прозорецот, отсјајот може да го замагли вашето лице и да му отежни на соговорникот да ви чита од усни.

Зборувајте јасно. Повеќето лица кои го загубиле слухот зависат од читање на вашите усни за да можат да ве разберат.

Нема потреба од викање. Ако лицето користи слушно помагало, тоа ќе биде наштелувано за нормални нивоа на глас; вашето викање може само да го наруши звукот и да ги изврти зборовите.

Кога се работи за размена на сложени информации (на пример, за време на интервју за работа, докторска посета или пријавување кривично дело) со лице чиј примарен јазик е знаковниот, најдобар начин е да се користи преведувач. За едноставна интеракција (на пример, нарачување во ресторан или регистрирање за хотелска соба), размена со пишан говор е прифатлива.

Кога користите преведувач на знаковен јазик, секогаш бидете свртен кон лицето со оштетен слух и обраќајте му/ѝ се директно нему/на неа („Што ти би сакал/а?“), а никогаш на преведувачот/чката („Прашајте го/ја што сака“).

Не сите лица кои се глуви или со оштетен слух можат да читаат од усни. Зборувајте бавно, јасно и ексресивно за да увидите дали лицето може да ви чита од усни. Не го пренагласувајте говорот. Луѓето кои читаат од усни можат да разберат само 20-25% од кажаното. Избегнувајте да ги допирате усните, избегнувајте гуми за џвакање, цигари или храна додека зборувате.

При групни дружења: дозволете на лицето со оштетен слух да го одреди најдобриот распоред за седење за да можат да ги видат и говорникот и преведувачот; внимавајте на сигнали дека соговорникот сака да се вклучи; осигурајте се дека зборувате еден по еден; не брзајте при излагањето; не зборувајте со свртен грб во случај да треба да покажете или направите нешто; при презентации користете визуелни помагала, демонстрации, флип-чартови, испишани агенди и испечатени примероци.

Лицата со оштетен слух треба да бидат вклучени во процесот на донесување одлуки за прашањата што и нив ги засегаат – не одлучувајте за нив.

Извор: Пркос / NCWD

Слични содржини

Активизам / Квир / Книжевност / Живот
Активизам / Живот / Историја
Активизам / Живот / Уметност
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото