Ѓорѓе Шијаковиќ - заборавениот талкач и мајстор

18.02.2022 13:43
Ѓорѓе Шијаковиќ - заборавениот талкач и мајстор

 

Ѓорѓе Шијаковиќ има црногорско потекло: роден е 1901 година во Цетиње, под моќниот Ловќен. Неговото семејство се сели во Америка кога тој имал четири месеци. Во Америка ги поминал детството и тинејџерството. Неговиот животен пат се одвивал во распон од егзистенцијалистичко авантуристички, преку неизвесно загрозувачки, до стабилен и урамнотежен.

За време на Првата светска војна, кога во 1914 од Америка со семејството се вратил во татковината, бил ангажиран како преведувач и службеник во главниот штаб на американскиот црвен крст во Белград, вршејќи разни хуманитарни но и ризични активности. По завршувањето на Првата светска војна работел како сметководител во рудниците Трепча и Радовиш. Судбината пак го фрлила во неизвесности кога првите три години во Втората светска војна ги поминал како заробеник во Италија. Но, по барање на „Трепча“, каде што претходно како административен службеник и преведувач работел и во рударското претпријатие, поради неговата стручност, бил репартиран во Косовска Митровица. По ослободувањето (1945 г.) и трајното населување во Скопје, работи како шеф на книговодство во повеќе трговски претпријатија („Докуп“, „ДТС“, „Ангроколонијал“, „Ангротекстил“), па во „Заводот за геолошки и технолошки истражувања“ (чие седиште било во Белград), „Земјоделско истражувачкиот институт“, во Државниот секретаријат за стопанство во одделот за техничка поддршка и на крајот, до пензионирањето, во Одделението за техничка помош на Извршниот совет на НРМ (тогашна Народна Република Македонија).

Обично изборот на занимање се прави на рана возраст, па дури и склоноста кон некое хоби се пројавува на млади години. Сосема различно од најголемиот број случаи, творечките зачетоци на Шијаковиќ датираат дури по пензионирањето во 1962 година. Тие подразбираат ненадеен, неочекуван, необврзувачки, спонтан, љубопитен, сосема едноставен и непретенциозен пристап кон уметноста. Исто така, почетоците во некоја нова област секогаш се поврзани со „откривање, осознавање, учење и усовршување“. Но, уште во „пробниот“ период овој автор со силна имагинативна моќ и проникливост, карактеристична фигурација (како да е ставена под хидраулична преса), во својата подоцнежна животно доба, почетничко но ведро, оптимистичко и креативно време во кое создава ликовни дела како искусен и веќе изграден автор.



Тој поседува силна моќ од сеќавањето да извлече готови кадри, прецизно складирани сеќавања, зачувани впечатоци од настани и појави - при што се очитува неверојатна свежина на инспирацијата. Специфичниот и автентичен, малку воздржан, стегнат, одмерен, „табиетлиски“ сензибилен карактер во даден момент на површина го вади највпечатливото и во потсвеста најсилно врежано сеќавање за одредена случка или спомен за некој интересен лик. И тогаш полека, низ мисловен, рационален процес почнува да се обликува уметниковата замисла. Неговото творештво не е можно да се разгледува преку детектирање на заемно поврзани и временски детерминирани циклуси но сепак дијапазонот на творечките интересирања на авторот дозволува да се оформат неколку групации со сродна тематска матрица: жанр-сцени, портрети со дами, венчален и семеен портрет, музичари, „рендгенски портрети“, необични и ретки занимања, улични минувачи, циркузанти и забавувачи...

Омилени му се „чергарските теми“ и стариот ромски (номадски) начин на живот постојано во движење и менување на привремени живеалишта, свадбарските веселби и обичаи, портрети на „новопечените другарки-госпоѓи“ налик на предвоените дами со впечатливо шминкање и накит ( обетки, ланче или комбинација со медалјон, прстен/ни, нараквица и слично). Фигурите му се со вкочанет, студен израз на лицето, вџашен поглед како пред фотоапарат, широко отворени очи со замислен и малку меланхоличен поглед во вид на, на пример, групен портрет на музичари (рио за виолончело, кларинет и тапан) „наредени“ на сцената, веќе „наштимани“, во напната, статична и грч положба, или пак кловнови, акробати, кротители на диви животни, протагонисти на акробатски и атлетски, жонглерски и каскадерски, забавни и смешни изведувачи вешти да направат разни „чудесија“. Но, има и слики со овчари, рудари, оџачари...



Бидејќи и тој, како и останатите „наивци“ не знае за перспективата (за она што е напред и она што е назад) истата релација ја заменува со горе – долу. Така сликарот она што се случувало веднаш зад првиот план или некаде во далечина успешно го менува со „редење“ на фигурите една врз друга. Оттука „отсуството на ликовна писменост“ предизвикало „креативна снаодливост“, та хендикепот се претворил во артистичка предност. На тој начин Шијаковиќ истовремено го решава и проблемот со исполнување на сликарскиот простор. Следејќи ја сопствената логика во решавањето на оваа проблематика, според хоризонталната разместеност на фигуративните состави, всушност пронаоѓа само нему својствено решение со аналогии во египетската и старогрчката уметност.

За подлога на своите слики (работени во маслена техника) Шијаковиќ користел панел плоча или иверица и секогаш позадината е апстрактна плоха најчесто во затемнета гама. Празниот простор на случувањето, впрочем, е неважен момент бидејќи поентата не е амбиентот туку настанот кој тука се одвивал. Всушност, на едноставниот сценски простор кој не е „оптоварен“ со било каков детаљ му се овозможува да блика и да пулсира.



Интересно е што Шијаковиќ можел во секое време да дојде до поуки, укажувања, секакви упатства, инструкции или директни насочувања (од синот Томо Шијак, еден од нашите најпознати сликари) но тој одлучува воопшто да не ги користи таквите поволности, туку скромно, тивко, ненаметливо и неизнасилено да си ја пополни креативната потреба и на тој начин „да си остане свој“, создавајќи воодушевувачки ликовни дела. Во нив е вткаен неговиот цврст, строг, стабилен, одмерен, рационален, дисциплиниран, принципиелен и беспрекорно педантен, правичен и морален човечки карактер (кој покрај личните особини е повлијаен и граден во зависност и од професионалниот работен ангажман како сметководител и преведувач од англиски). Но, истовремено, во примарно поставениот, незаобиколен начелен „концепт на редот и поредокот“ произлезен од природата на авторот, во чудесна симбиоза е срасната неговата творечката природа која блика од радост и среќа како олеснување, ослободување и препуштање на чинот на создавањето. Авторовиот творечкиот свет на претставувањето, поврзан со едноставноста на креативниот пристап кој простум си го следи внатрешниот диктат, придонесе за создавање творештво како сериозна уметничка форма со високоизграден, одмерен и достоинствен граѓански контекст.

Иако почнува да слика дури по пензионирањето во 1962 г., веќе во 1969 г. ја одржува првата самостојно изложба во Центарот за култура и информации (сегашен КИЦ) во Скопје. Набргу ги освојува симпатиите на критиката и неговото творештво било претставено во Галеријата на примитивна уметност во Загреб во 1971 година. Учествувал на значајни меѓународни изложби на наивата во Братислава (1972), Загреб (1970, 1973), Светозарево (денешна Јагодина, 1970, 1975), Хлебине и др. ама кај нас целосно беше заборавен сè до ретроспективно-монографската изложба во Куманово во 2020 година.

Во раните 70-ти години е снимен документарен филм за него од страна на францускиот режисер Jean Marie Drot и на француската телевизија наишол на голем интерес кај тамошната публика. За жал, тој филм кај нас не е никогаш прикажан.

Ѓорѓе Шијаковиќ починал во Скопје во 1977 година.

Во продолжение пренесуваме уште 20 негови слики.



Венчање, 1974

Музиканти, 1975

Без наслов (Хармоникаш)

Оџачар I, 1966

Рудари II, 1967

Без наслов (Орач), 1974

Земјотрес, 1965

Без наслов, 1969

Без наслов (Стопери), 1972

Стопер, 1971

Месечар, 1966

Жена во човек, 1967

Без наслов, 1967

Браќа, 1969

Дама со медаљон, 1970

Дама со крзно, 1970

Без наслов, 1972

Богиња на шахот, 1972

Без наслов, 1968

Сликар и портрет на дама, 1975

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото