Олимписка фарса

18.02.2022 23:11
Олимписка фарса

 
Блескаво бело сјајат скијачките патеки во Жанџијаку и Јанкинг во близина на Пекинг на сателитските снимки од регионот - пред мрачна кафеава позадина. Ова не е изненадувачки бидејќи тоа е регион кој природно е сиромашен со врнежи и припаѓа на најсушните области во Кина. За прв пат Зимските олимписки игри се одржуваат во регион каде што нема природен снег. Површината за спуст и слалом, биатлон или нордиско скијање доаѓа само од многуте снежни топови.

Причините поради кои Меѓународниот олимписки комитет (МОК) му ги препушти овие игри на Пекинг може само да се шпекулираат. Можеби затоа што овде не мора да се плашите од противењето на јавноста, како во Германија, каде избива бура од протести и на најмало навестување. Или затоа што ќе привлече најголеми приходи во Кина. Или затоа што Царството на средината (Кина во поетските и книжевен јазик, заб. Прев.) ја гледа можноста за огромен иден пазар за зимски спортови, доколку за тоа се инспирираат милијарди луѓе.

Сосема е сигурно дека овие игри не му беа доделени на Пекинг затоа што МОК сака да ја исполни својата возвишена цел: да ги организира првите одржливи или „зелени“ игри, како што е предвидено во нивниот статут. Како и на другите неодамнешни Олимписки игри, на пр. во Сочи, Пјонгјанг или Рио де Жанеиро, средината е во втор план ако тоа не им одговара на домаќините или на МОК.

Како и во Сочи, и овде скијачките патеки се планирани во подрачје на заштитена природа, чии граници на крајот едноставно се поместени. Пресечена е една четвртина од природниот резерват Сонгшан, а делови од централното подрачје се целосно уништени со изградбата. Притоа се создадоа огромни чистини во регионот, кои би требало да се надоместат со неколку нови насади.

Сè само не одржлива е и потрошувачката на вода: 200 снежни топови треба да обезбедат доволно бел снег во оваа не само сушна, туку и ветровита област. Според некои проценки, за тоа ќе бидат потребни меѓу 200.000 и 2 милиони кубни метри вода. Потребата по хектар скијачки патеки е два до три пати поголема отколку на Алпите. Бидејќи нема доволно вода на самата локација, водата мора да се носи преку нови цевководи до оваа сушна област. Најверојатно тоа ќе биде и долгорочно решение, бидејќи навистина постои желба областа навистина да стане „зона за зимски спортови“. Меѓутоа, овде во моментов не се планирани постолимписки натпревари - што исто така не зборува во корист на одржливоста.

Сепак, потребната електрична енергија ќе ја произведуваат соларни и ветерни електрани (како и за снабдување на Олимпиското село и за транспорт до местото). Но, кога снежните топови ќе работат подолго од предвиденото, ќе мора да помогнат и електраните на јаглен за да ги пополнат „дупките“.

И, на крајот, научниците стравуваат од зголемена ерозија во областа бидејќи инфраструктурата и пистите се направени главно низ падината, а ретко каде паралелно. Веќе постоечките кањони создадени од ерозија се полни со лесен материјал кој ветерот и дождот, ако падне, можат многу лесно да го однесат.

„Одржливоста е лажен концепт за Олимписките игри и за големите настани воопшто“, пишуваат научниците во студијата објавена во списанието Nature во 2021 година. Најголем придонес за „зелените игри“ дадоа меѓународните туристи кои не се појавија бидејќи не можеа да патуваат поради постоечките мерки за корона па затоа не можеа да генерираат стакленички гасови од летовите. Сè друго, во меѓувреме, останува вообичаена олимписка лага.

Извор: Спектрум

ОкоБоли главаВицФото