Ars Poetica

21.02.2022 00:46
Ars Poetica


Мојот идеал во поезијата е да создадам песна што не би можела да биде објаснета: цврста, затворена, непрониклива, достатна самата на себеси – како тркалезен камен што морето го измазнило и го оставило на песочниот брег. Не велам дека сум успеал да напишам таква, ниту, пак, сум убеден дека ќе успеам.

Песната, според мене, мора да содржи во себе некаква своја закономерност. Затоа понекогаш пишувам римувана поезија. Секој збор во песната би требало да дојде некако сам од себе – небаре така предвидува самиот јазик на кој е напишана, и небаре никако поинаку да не можело да се каже.

Што да се рече низ песната? Се чувам, колку што е можно, од кажување „мудрости“ во поезијата – од сентенции, дефиниции, премногу експлицитно искажани пораки. Си го повторувам мошне често, на себеси, оној славен вовед од Тао-те-кинг: „Тао што може да се искаже не е вечниот Тао“.

Од ништо немам толку страв колку од кажувањето на безброј пати повторуваните нешта.


Однапред се откажувам од општоприфатените вистини. Поради тоа сметам дека за поезијата е позначаен дури и мал трепет на нешто што е навестено и што ќе остане само загатнато, отколку громогласно извикување ставови што секој може да ги има.

Нијансата, дури и недоволно јасна, која најавува барем можност од некаков нов приод кон крајната цел, поскапоцена ми е од став што е вешто изразен, но премногу лесно досеглив.

Изненадувањето, скршнувањето кон неочекуваното, е најдобар спас од баналното.

Ако поезијата треба да кажува јасни, цврсто дефинирани и непорекливи нешта – тогаш нема потреба од стихови: за таа цел би била доволна и прозата, филозофска или моралистичка.


Премногу рационалност ѝ штети на поезијата. За песната да стане и да остане поезија потребна е извесна доза на непромисленост – постигната низ игра, низ препуштање на случајноста, низ скоковитата асоцијативност, низ некаков вид зборовен транс, низ хумор – за да се стигне во пределите во кои низ рационален пристап не би можело да се навлезе.

Обичниот говор е создаден за искажување на секому разбирливите пораки. Поетскиот јазик е обид, со употреба на тие пораки, да се начне барем дел од областа на неискажливото.

Податоците добиени низ сетилните дразби ги сметам за исклучително важни: тие се еден вид пропусница за навлегување низ портите на загатнатата смисла што водат кон врвовите на трансцендентноста. Поради тоа, способноста на сетилата да одговорат на исклучително истенчените дразби е веќе знак што ја најавува подготвеноста за откривање на една особена поетска смисла во нештата.


Потсиленоста на религиозното чувство не води кон откритија од поетски вид: областа на религиозното е докрај исполнета со една поинаква смисла во која нема место за индивидуални поетски содржини.

Мигови на особената чувствителност на сетилата се мошне често еден вид потсетување на онаа особена приемчивост за еманациите на природата што сме ја поседувале во детството; поетската потрага по таа сетилна изостреност е секогаш потрага по детето во себе.

Поезијата е откривање на скриените врски помеѓу нештата кои, низ така откриените врски, ја покажуваат својата суштина, но и суштината на светот.

Поетот ја дешифрира суштината на нештата, но, за да ја изрази, мора одново, на инаков начин, да ја зашифрира.

Поезијата е чин на маѓосување: како некогашниот врач, и поетот фрла чинки натерувајќи го светот да му служи, то ест – да ја открие својата чудесност.


Графики: Eric Fraser FSIA (1902-1983)
Извор за текстот: Влада Урошевиќ, Седмата страна на коцката, 2010