Топењето на пермафростот - точка од која нема враќање

21.02.2022 02:49
Топењето на пермафростот - точка од која нема враќање

Еден од најголемите непријатели на климатскиот систем меѓу гасовите, јаглеродот, не претставува опасност само кога се ослободува при индустриските, економските и другите непосредни човечки активности. Со човечка асистенција може да се ослободи и од природните извори и тоа во огромни количини што би довело до достигнување на „точката на пресврт“, односно до промена по која нема враќање назад. Враќањето назад од ваквите точки е невозможно дури и ако се отстрани причината за промената, а една од нив е и топењето на пермафростот.

За гасовите со ефект на стаклена градина заробени во пермафростот често се зборува како за климатска бомба која одбројува, затоа ајде малку да истражиме за што се работи и дали е оправдан ваквиот прекар.

Што е пермафрост?

Буквален превод на овој збор со англиско потекло е „траен мраз“, а со него се дефинира замрзнатото тло кое најмалку две години постојано е изложено на температура под нулата. Од друга страна, ваквата состојба може да трае значително подолго па и неколку илјади години.

Пермафростот пред сè е карактеристичен за делови од копното околу Северниот пол, особено за Сибир, Алјаска и северна Канада, но го има и на подрачјата со исклучително голема надморска височина како што е Тибет. Се проценува дека дури една четвртина од копнената површина на северната хемисфера се наоѓа под пермафрост.

Дебелината на пермафростот не е иста секаде. Таа може да изнесува помалку од еден метар, но може да изнесува и неколку километри. Главно се состои од повеќе слоеви, а површинскиот, кој, да се изразиме попрецизно, се наоѓа над самиот пермафрост, се нарекува и „активен слој“. За него е карактеристично тоа што се топи секое лето, а потоа повторно замрзнува во зима.

Што се крие во него?

Замрзнатите слоеви од земјата, песокот и камењата се однесуваат како замрзнувач кој чува бројни замрзнати остатоци од растенија и животни и не им дозволува да се распаднат и илјадници години. Така, на пример, неодамна беше објавено дека во пермафростот на Сибир е пронајдена птица стара 46 000 години која благодарение на замрзнатото тло изгледа како штотуку да умрела.

Овој пример најдобро илустрира во каква состојба се наоѓаат голем број остатоци од разни организми кои со векови, па дури и милениуми, се таложеле во пермафростот, што значи дека во него се замрзнати и големи количини органска материја.

Зошто е важно да се спречи процесот на одмрзнување?

Како што расте глобалната температура, пермафростот почнува постепено да се топи, но во иднина топењето би можело да добие поголеми размери. За среќа нештата сè уште се во наши раце и ако брзината на затоплувањето се намали во следните години, топењето на пермафростот исто така ќе се забави.

Важно е да бидеме успешни во ова зашто кога ќе исчезне овој заштитен слој, за кој метафорично може да се каже дека има улога на замрзнувач, големи количини органски материи би се нашле во сосема поинакви услови и откриените организми би почнале да се распаѓаат. Овие процеси би го ослободиле испуштањето големи количини метан и уште поопасниот јаглерод во атмосферата.

Според некои проценки, количината на јаглерод кој моментално се наоѓа во смрзнатото тло се мери во милијарди тони и е двојно поголема од неговата количина во атмосферата, а трипати поголема од онаа која ја ослободиле луѓето од почетокот на индустријализацијата.

Топењето на пермафростот значително би ја изменило сликата на нашата атмосфера, а јаглеродот кој би се ослободил во неа и би останал. Во моментов е тешко да се замисли дека ситуацијата би можела да се подобри подоцна, па затоа е поразумно да се спречи ова сценарио. Освен тоа, треба да се има предвид дека температурата на Арктикот расте двојно повеќе од глобалниот просек и дека пермафростот веќе се топи на многу локации.

Други последици

Разградувањето на организмите е сосема јасен знак дека се појавиле микроби кои се одговорни за овие процеси, а со одмрзнувањето на пермафростот можат да се ослободат и древни микроорганизми и да предизвикаат здравствени проблеми кај луѓето и животните. Освен тоа, населените места на крајниот север би можеле да претрпат штета од одмрзнување на тлото на кое се изградени.

Дури и ова тло да не се одмрзне во целост, туку само да се стопи мразот кој сочинува 80 проценти од пермафростот, би дошло до распаѓање на земјиштето и би се појавиле водени површини кои наликуваат на мали езера исполнети со стопен мраз, а овие нови влажни услови би довеле до дополнително ослободување метан. Од друга страна, за ослободување на јаглерод диоксидот се потребни малку посуви услови.

Климатска бомба или не?

Иако можеме да заклучиме дека од пермафростот не можат одеднаш да се ослободат огромни количини јаглерод кои за многу краток период ќе ја променат состојбата на нашата планета, вкупниот потенцијал за загревање кој лежи под трајниот мраз е нешто за што мораме да водиме сметка.

Истражувачите допрва треба да направат детални проценки за дистрибуцијата на мразот во најзагрозените области во иднина за топењето на пермафростот, и дури откако ќе се направат сите потребни истражувања ќе знаеме како најдобро да го спречиме достигнувањето на оваа точка на пресврт. Освен тоа, важно е да се пресмета и колку јаглерод би можеле да преземат растенијата кои можат да растат во потопли услови на Арктикот. Сè уште не е познато колку јаглерод би користеле растенијата и дали тоа е доволно за да се воспостави рамнотежа.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/