Превод

22.02.2022 09:08

На Драги Михајловски


Збор по збор
ги преведов мртвите во живи,
коските во месо,
зимите во лета ги преведов,
летата во зими,
накалемив диво на питомо,
на змиите кошулки им скроив,
на ангелите крилја,
на зборот станав судија
кој во тек(ст)от
не смее да се види,
заспивав врз зглавје
од туѓи соништа,
се будев во доброутро
од мртви јазици.

Го преведов минатото во сега,
денот во ноќ,
сегашноста во утре ја преведов,
но превидов
еден груб, непредвидлив факт
што при секој и сечиј преведен здив
сум губел еден од моите,
штедро сум се трошел и арчел,
сум се дробел без да сетам
збор по збор сум истекувал
во туѓо писмо…

…и сега од мене алчно се чека
и жеден преку вода да преведам,
но јас веќе ниту здив имам,
ниту збор,
ниту рака,
мојава сопствена мака
да ја преведам во благост,
мојава тага
да ја преведам
во радост

и да речам –
доста.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото