Писмо до мојот внук

22.02.2022 12:44
Писмо до мојот внук

Драг Џејмс,

Петпати го почнав, и петпати го искинав писмово. Постојано ти го гледам лицето, кое е и лицето на татко ти и брат ми. И двајцата ве знам сиот ваш живот и го имам носено татко ти во раце и на рамена, го бакнував и го тепав и го гледав како учи да оди. Не знам дали некогаш си познавал некој од толку одамна, дали си сакал некој толку долго, прво како бебе, после како дете, после како маж. Добиваш чудна перспектива за времето и човечката болка и труд.

Другите луѓе не можат да го видат она што јас го гледам кога ќе го погледнам лицето на татко ти, зашто зад лицето на татко ти, какво што е сега, се сите оние други лица што беа негови. Кога ќе се насмее, гледам визба на која тој не се сеќава и куќа на која тој не се сеќава, и кога се смее сега ја слушам неговата детска смеа. Кога ќе опцуе се сеќавам како паѓа по скалите од визбата и како плаче, и болно се сеќавам на неговите солзи кои со леснотија ги бришеше мојата или раката на баба ти. Но ничија рака не може да ги избрише солзите што невидливо ги лее денес, што може да му се чујат во смеењето, и во говорот и во песните.

Знам што му направил светот на брат ми и како тој едвај го преживеа тоа, и знам, што е уште полошо – ова е злочинот за кој ја обвинувам мојата земја и моите сонародници, и за кој ниту јас, ниту времето, ниту, пак, историјата никогаш нема да им прости – фактот дека уништиле и уништуваат стотици илјадници животи и не знаат, и не сакаат да знаат за тоа. Еден човек може – всушност, еден човек мора да се стреми – да стане силен и промислен кога станува збор за пропаст и смрт, оти ова е она што поголемиот дел од човештвото најдобро го прави, уште од кога првпат слушнавме за војна; запомни, велам поголемиот дел од човештвото, но не е дозволиво и авторите на пустошот да бидат невини. Невиноста го сочинува злочинот.

Па така, мој мил имењаку, овие невини и добронамерни луѓе, твоите сонародници, причиниле да се родиш во околности не многу поразлични од оние во Дикенсовиот Лондон од пред повеќе од сто години. Го слушам хорот на невините како вреска: „Не, ова не е вистина. Колку сте само огорчени вие“. Но јас ти го пишувам писмово за да се обидам да ти кажам нешто за тоа како да се справиш со нив, оти повеќето од нив сè уште баш и не знаат дека постоиш. Ги знам условите во кои си роден, зашто бев таму. Твоите сонародници не беа таму и сè уште немаат дојдено. И баба ти беше таму, а никој неа не ја обвинил дека е огорчена. Предлагам невините да се консултираат со неа. Не е тешка за наоѓање. Твоите сонародници не знаат дека и таа постои, иако работела за нив сиот нивен живот.


Значи, ти се роди; дојде на светов пред петнаесетина година, и иако татко ти, и мајка ти и баба ти имаа целосно право да бидат потиштени додека ги гледаа улиците низ кои те носеа и зјапаа во ѕидовите меѓу кои те внесоа, сепак не беа смуртени, зашто ти беше тука, големиот Џејмс, именувам по мене, ти беше големо бебе. Јас не. Тука беше за да бидеш сакан. Да бидеш сакан, душо, силно, одеднаш и засекогаш да бидеш оснажен против безљубовниот свет. Запомни го ова. Знам дека сè ти изгледа црно денес. И тој ден изгледаше црно. Да, треперевме. Сè уште трепериме, но ако не се сакавме, никој од нас немаше да преживее; сега и ти мора да преживееш зашто те сакаме, и за доброто на твоите деца, и децата на твоите деца.

Оваа невина држава те стави во гето со намера, всушност, да исчезнеш. Дозволи ми да објаснам што точно мислам со тоа, оти токму ова е суштината на проблемот и срцевината на мојот спор со мојата земја. Се роди каде што се роди, и ја доби иднината што ја доби само зашто си црн, и поради ниедна друга причина. И, така, се очекуваше размерите на твојата амбиција да бидат ограничени. Се роди во општество што со брутална јасност и на сите можни начини велеше дека си безвредно човечко суштество. Од тебе не се очекуваше да целиш кон совршенство. Од тебе се очекуваше да се помириш со просечноста. Џејмс, во твоето кусо време на овој свет, на секој чекор ти било кажувано каде смееш да одиш и што можеш да правиш и како смееш да правиш, каде смееш да живееш и со кого смееш да стапиш во брак.

Знам дека твоите сонародници не се согласуваат со мене и ги слушам како велат: „преувеличуваш“. Но јас и ти го знаеме Харлем, тие не. Не верувај во ничиј збор, ниту мојот, но верувај му на сопственото искуство. Знај од каде доаѓаш. Ако знаеш од каде доаѓаш, навистина нема граница каде сè можеш да стигнеш. Деталите и симболите во твојот живот се намерно поставени така за да те натераат да веруваш во она што белите луѓе го велат за тебе. Те молам, обиди се да запомниш дека она во што веруваат, како и она што ти го прават и она што го трпиш, не сведочи за твојата инфериорност, туку за нивните нечовечност и страв.

И покрај бурата што беснее денес околу твојата млада глава, те молам, драг Џејмс, нека ти биде јасна реалноста која се крие зад зборовите „прифаќање“ и „интеграција“. Нема причина ти да станеш како белците и нема никаква основа за нивната дрска претпоставка дека тие мора да те прифатат тебе. Она што е навистина ужасно, другарче старо, е дека ти мораш да ги прифатиш нив, и најсериозно го велам ова. Мора да ги прифатиш и тоа со љубов, зашто овие невини луѓе немаат друга надеж. Тие, всушност, се сè уште заглавени во една историја што не ја разбираат, и сè додека не ја разберат, не можат да се ослободат од неа. Поради безброј причини, тие со години морале да веруваат дека црнците се инфериорни во однос на белците.


Многу од нив навистина знаат како стојат работите, но како што ќе откриеш, на луѓето им е многу тешко да дејствуваат според она што го знаат. Да дејствуваш значи да се посветиш, а да бидеш посветен значи да бидеш во опасност. Во овој случај, опасноста во главите и срцата на повеќето бели Американци е загубата на нивниот идентитет. Пробај да замислиш како би се чувствувал доколку се разбудиш едно утро и видиш како сонцето се тресе и сите ѕвезди вивнале во пламен. Би бил преплашен, зашто тоа не е според законите на природата. Секој пресврт во универзумот е страшен бидејќи продорно ја напаѓа човековата замисла за сопствената реалност. Па така во светот на белиот човек, црниот човек постои како статична ѕвезда, како неподвижен столб, и кога ќе се помести од своето место, до темел ги затресува небото и земјата.

Ти не се плаши. Реков дека намерата беше да исчезнеш во гетото, да исчезнеш со тоа што никогаш нема да ти биде дозволено да ја надминеш дефиницијата на белиот човек, со тоа што никогаш нема да ти биде дозволено точно да си го напишеш името. Но ти ја порази, и многумина од нас ја имаат поразено оваа намера произлезена од еден ужасен закон, ужасен парадокс: невините кои веруваат дека се безбедни ако ти си заробен, го губат чувството за реалност. Но овие луѓе се твои браќа, твоите загубени помлади браќа, и ако зборот „интеграција“ има некакво значење, тоа е дека ние со љубов ќе ги натераме нашите браќа да се видат такви какви што se навистина, да престанат да бегаат од реалноста и да почнат да ја менуваат, зашто ова е твојот дом, пријателче. Не дозволувај да бидеш избркан од него. Големи луѓе направиле и пак ќе направат големи нешта овде, и ќе ја направиме Америка тоа што Америка мора да стане.

Ќе биде тешко, Џејмс, но ти потекнуваш од жилав, селски народ, народ кој берел памук, подигнувал брани на реките, градел железници и, соочувајќи се со најневозможни услови, успеал да стекне неприкосновено и монументално достоинство. Доаѓаш од долга лоза на големи поети, некои од најголемите поети по Хомер. Еден од нив рекол> „Баш кога помислив дека сум загубен, мојата зандана се затресе и моите окови паднаа.“

Ти знаеш и јас знам дека државата прославува сто години слобода, сто години прерано. Не можеме да бидеме слободни додека тие не се слободни. Господ да те благослови, Џејмс, и со среќа.

Твојот чичко,
Џејмс


Превод: Ангел Димоски
Слики: Stefan Zsaitsits