Корен со човечки облик

22.02.2022 14:21
Корен со човечки облик


Вук Караџиќ во второто издание на своето најзначајно дело, „Српски речник“, од 1852 година, запишал дека расковникот е „некаква (можеби измислена) трева за која се мисли дека од неа (кога ќе се најде) секоја брава и секој заклоп се отвора сам од себе. Оваа трева ја посакуваат особено оние кои бараат пари во земјата, бидејќи велат дека парите, особено онаму кајшто ги има многу, се така затворени што без неа не можат да се отворат и извадат. Во Земун се раскажува дека еден тамошен трговец, посакувајќи да најде таква трева, оковувал некоја баба во ланци па ја пуштал ноќе да оди по ливади – демек, онаму кајшто ланците сами од себе би се отвориле, таму мора да биде расковникот.“

На оваа необична билка ѝ се припишувани најразлични натприродни моќи. Преданието вели дека, освен заклучени брави и катанци, таа ги раскинува оковите и на многу болести (оттаму името, од глаголот „да раскова“), па и да „отвори“ жена неротка. По расковникот особено трагале луѓе желни за богатство. Уште повеќе, легендата вели дека токму оваа чудесна билка е клучот од големото богатство на царот Радован, затворено „во железни ковчези кои не можат да се отворат без тревата расковник, или без молитвите на светогорска калуѓерка“.


Расковникот, во некои делови од Македонија нарекува и ежова трева, се смета за неофатлива драгоценост. Се зборувало дека расте само напролет и дека брзо исчезнува – за една ноќ изникнува, цвета и венее. Како магично средство кое носи незамислива благосостојба, врзано е за оној свет, недостапен за човекот. Во уста го чуваат животните со хтонски обележја (желка, еж, змија) кои, меѓутоа, се трудат билката после употреба да ја уништат за да не се наруши браната на комуникацијата помеѓу двата света. Дури и кога некој некако би стигнал до расковникот, не би можел да го држи в рака бидејќи тој веднаш би исчезнал, па мора да го засече во дланката. Се верувало дека расковникот ноќе свети, но и дека ретко, одбрани луѓе, на кои расковникот им е наменет, ја гледаат таа светлост.

Балканските Словени верувале дека до расковникот се доаѓа на неколку начини. Треба да се оградат јајцата на желката или младенчињата на ежот да се стават во сандак, па животните, за да дојдат до своето заробено потомство, ќе ја срушат оградата со помош на расковник. Неволјата е во тоа што расковникот тогаш е тешко да се зграби, бидејќи тогаш животното одново го проголтува, штом ја отклучи оградата.

Еден по многу нешта типичен опис на обредно барање расковник потекнува од подрачјето Хомољ, каде детално се опишани сите тешкотии низ кои неизбежно минува секој кој трага по него: „На Биљин петок селските баби покрај останатите лековити билки берат и расковник, кој спаѓа во најретките треви. Веруваат дека тешко се наоѓа во шумата и дека, штом забележжи човек во близина, потонува во земја. Затоа тие се издвојуваат од младите и лутаат по шумата барајќи го. Кога оддалеку ќе го забележат, кленуваат и трипати се удираат со рака по коленото, бидејќи веруваат дека тогаш не може да побегне во земјата. Расковникот во земјата пушта жилички на кои се наоѓаат некои долгнавести компирчиња, кои бабите ги вадат што повеќе можат, верувајќи дека од нив може да се стане силен. Треба само малку да се исече дланката со нож и во неа да се втрие малку од компирчињата, па потоа раната повторно да се сошие со свилен конец за да срасне. Таков човек може да ја отвори секоја брава само со допир со раката, и секого може да го победи.“


Од друга страна,таканаречениот обичен расковник (Laserpitium siler) е распространет по планините на јужна Европа, Кавказ и Анадолија. Тој раѓа многу горчлив плод, кој во народната медицина е користен против заболувања на крвотокот и на дишните органи, против змиски отров, жолтица, општа исцрпеност, слабовидост.

Неговиот необичен изглед го буди љубопитството не само на имагинативниот народ, туку и на медицинските стручњаци. Така, академикот Јован Туцаков (1905-1978), првиот српски фармаколог и поранешен директор на Институтот за проучува лековити билки, во коренот препознал човеков облик. Обраснат со крути влакна кои потсетуваат на коса, расковникот има вретенасто стебленце со израстоци налик на човекова глава, врат, торзо и полови органи, според кои се толкува дали е „машко“ или „женско“. Може да личи на „самец“ или, ако е разгранет, на татко со деца. Според положбата на „нозете“ се гледа дали расковникот е „мирен“ или „во движење“, а врз основа на тоа и дали ќе му помогне на болниот одново да се придвижи.

Автор: К. Стаменковиќ
Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото