Да се избегне војна по секоја цена

23.02.2022 12:27
Да се избегне војна по секоја цена

 


Војните создаваат несакани последици и ретко завршуваат онака како што нè уверуваат експертите. Прашајте ги политичарите од минатите времиња кои нудеа розеви сценарија за војните во Виетнам, Авганистан и Ирак, за на крајот да се покаже дека воопшто не биле во право. Прашајте ги мајките на војниците убиени или ранети во овие војни. Прашајте ги милионите цивили кои се нивна „колатерална штета“.

Затоа мораме да направиме сè што е во наша моќ за да пронајдеме дипломатско решение за кризата која би можела да се претвори во застрашувачки разорна војна во Украина.

Никој не може точно да го предвиди бројот на човечки жртви во еден таков конфликт. Но се проценува дека околу 50.000 украински цивили би ги изгубиле животите и дека милиони бегалци би ги преплавиле соседните земји бегајќи од најголемиот вооружен конфликт во Европа после Втората светска војна. Секако, би имало илјадници мртви и во украинската и во руската војска. Тука е и можноста „регионалната“ војна да ескалира во поширок конфликт и да зафати други делови од Европа. Ужаснува и самата помисла на сето она што би можело да се случи.

Но, тоа не е сè. Санкциите против Русија и одговорот со кој се заканува Русија можат да доведат до длабока економска криза која ќе го загрози банкарскиот систем и енергетските, прехранбените и останатите секојдневни потреби на милиони луѓе ширум светот. Тоа би бил голем удар за меѓународната соработка во решавањето на егзистенцијалните проблеми на глобалната климатска криза и идните пандемии.


Мораме јасно да кажеме кој е најодговорен за оваа криза: тоа е Владимир Путин. Откако веќе зазеде делови од Украина во 2014 година, рускиот претседател сега се заканува дека ќе ја окупира целата земја и ќе ја уништи украинската демократија. Верувам дека едногласно мораме да го поддржиме суверенитетот на Украина и јасно да ставиме до знаење дека меѓународната заедница жестоко ќе го казни Путин и неговите соработници ако не го променат курсот.

Морам да признаам дека во исто време сум длабоко загрижен заради познатата реторика која доаѓа од Вашингтон, борбена реторика која се засилува пред секоја војна, бара да „покажеме сила“, да „бидеме цврсти“, да не се залажуваме со обиди за „смирување на тензиите“. Одбивањето да се земат предвид подлабоките корени на тензиите во регионот директно ги поткопува шансите на преговарачите да постигнат мирно решение.

Еден од факторите кои доведоа до кризата, барем од перспектива на Русија, се најавите за продлабочување на врските помеѓу Украина, САД и западна Европа во доменот на безбедноста, што вклучува и можност Украина да му се придружи на НАТО сојузот, воена алијанса формирана 1949 година, како одговор на заканата од постоењето на Советскиот сојуз.

Не е лошо да се знае малку историја. Кога Украина стана независна држава по колапсот на Советскиот сојуз во 1991 година, руските лидери изразија загриженост заради можно влегување на поранешните републики од Советскиот сојуз во НАТО сојузот и инсталирање непријателски вооружени сили во близина на руските граници. Американските лидери од тоа време ја оценуваа оваа загриженост како легитимна и разумна. Таа е легитимна и денес. Руската инвазија не е решение, но тоа не е ни евентуалниот тврдоглав настап на НАТО сојузот. Не треба да се заборави дека Финска, земја која се граничи со Русија, една од најразвиените и најдемократски држави во светот, избра да не влезе во НАТО сојузот.

Путин е лажго и демагог, но САД се лицемерни кога тврдат дека не го уважуваат начелото за поделба на „сферите на влијание“. Во последниве 200 години нашата земја ја практикува доктрината на Монро, прифаќајќи ја премисата дека како доминантна сила на западната хемисфера има право да интервенира против која било земја која ги загрозува нашите наводни интереси. Користејќи го тоа право ги срушивме владејачките режими барем во десетина земји во светот. Така се најдовме на раб на нуклеарна војна со Советскиот сојуз во 1962 година, заради советските проектили инсталирани на Куба, 90 милји од американскиот брег, што администрацијата на Кенеди го оцени како неприфатлива закана за националната безбедност.

Доктрината на Монро важи сè уште. Државниот секретар на Трамп, Рекс Тилерсон, во 2018 година изјави дека таа „денес е релевантна исто како и денот кога е напишана“. Советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон, во 2019 година рече дека „доктрината на Монро е жива и здрава“.

Накратко, дури и со Русија да не владее корумпиран авторитарен лидер каков што е Владимир Путин, Русија би покажувала легитимен интерес за безбедносните политики на своите соседи, исто како и САД. Дали навистина верувате дека САД мирно би ја примиле веста дека на пример Мексико ќе склопи воен сојуз со противниците на САД?

Би требало секоја земја слободно да ги формира сопствените надворешно-политички избори. Но секој таков избор наложува сериозна и темелна анализа на трошоците и користа. Факт е дека понатамошното продлабочување на безбедносниот сојуз помеѓу САД и Украина би имало многу висока цена - за двете земји.

Мораме енергично да ги поддржиме дипломатските напори кризата да се разреши и да се реафирмираат украинската независност и суверенитет. И мораме јасно да ставиме до знаење дека Путин и неговата банда олигарси ќе се соочат со сериозни последици ако продолжат по овој пат. Во исто време, не смееме да ги заборавиме ужасите кои би ги донела војната во регионот и мораме неуморно да работиме на изнаоѓање реалистично решение кое ќе биде прифатливо за Украина, Русија, САД и европските сојузници - и така да ја спречиме можноста за избивање на најлошата војна во Европа во повеќе од 75 години.

 

Слики: Rinat Voligamsi

Превод: Алек Кузмановски

Извор за текстот: https://www.theguardian.com/