1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Налетувам на мојата најголема поетска љубов на сите времиња. Седи сам во „Крин“. Сакам да го поздравам, да му се поклонам на Принцот на метафората. Сака да зборуваме. Сакам да заминам. Сака да пиеме кафе. Сакам да си одам дома, да ручам. Сака да разговараме за сѐ. Сакам да молчиме за поезијата која ми ја жигоса младоста, која ја носам како украс, како преубава, лирска лузна на мојата прозна средовечност. Седнувам речиси сосила. Ме кара, ме обвинува, ми префрла,.. небаре сум лично државата, Академијата, Министерството, Институтот, македонската книжевност од 9 до 21 век... А јас само бескрајно ја сакам неговата поезија. Не можам ни да ја коментирам, ни да ја интерпретирам, не можам да пишувам за неа, зашто ја знам напамет и би требало само да ја испишувам, да ја испишувам, да ја испишувам.... А тоа не е критика, тоа е љубов. Колку повеќе ми зборува, толку повеќе му молчам. Ги спомнува нашите истоимени ќерки. Неговата Мирна и мојата Мирна. Најпосле прозборувам и јас. Сепак морам да заминам. Станувам, станува и неговата поезија со мене. Си одиме заедно дома, да ручаме. Принцот на Метафората останува сам во „Крин“.
Слика: Houston Cofield