Инфлацијата првенствено е класно прашање

25.02.2022 03:25
Инфлацијата првенствено е класно прашање

Третманот на инфлацијата, помалку заборавен економски феномен, во нашите и странските медиуми, тече според веќе донекаде дефиниран образец. Една „рубрика“ е задолжена за секојдневните искуства каде спаѓаат vox populi репортажите, посети на дуќани и споредба на цени, а друга за придонесите на економските стручњаци кои ни објаснуваат што впрочем се случува. Она што впечатливо недостасува е полнокрвен политички третман на проблемот. И тука не мислиме на изјавите на политичарите кои жанровски и онака спаѓаат во првата рубрика, а содржајно во слепо верување на стручњаците. Под полнокрвен политички третман на проблемот мислиме на неговата класна димензија.

Дека при повикувањето на класната димензија не се работи само за зарѓана левичарска оптика која во сè гледа класна борба, неодамна потврди гувернерот на британската централна банка Ендру Бејли. Тој им порача на работниците дека треба да се воздржат од барањата за зголемување на надниците за да се зауздаат инфлаторните притисоци. Патем, малку и ја „ублажи“ својата изјава, еден ден откако централната банка со која раководи ги зголеми каматните стапки со цел борба против инфлацијата: „Не велам дека никој не треба да добие зголемување, но мораме да ги ограничиме барањата за зголемување на надниците за ситуацијата да не излезе од контрола.“ За промашените интерпретации на моменталната инфлација на кои се заснова зголемувањето на каматните стапки како средства за нејзино зауздување пишувавме неодамна, но очигледно е дека не се работи само за погрешна интерпретација настаната во социјален вакуум туку дека таа и тоа како е класно облежана.

Романската професорка по финансии со престој во Велика Британија, Даниела Габор, во текстот во Гардијан прецизно ја раскринка позадината на размислувањата на Бејли. Имено, Бејли со еден потег го размонтира митот за централната банка како политички независна и неутрална институција и во дистрибуцискиот конфликт помеѓу трудот и капиталот јасно ја постави на страната на капиталот. Овој потег е инспириран од стравот наследен од последната епизода на инфлациските проблеми чие дејство се одвиваше во седумдесеттите години на минатиот век. Се работи за страв од инфлациска спирала (wage-price spiral). Тогаш, моќните синдикати на растот на цените одговараа со обезбедување повисоки надници за работниците да можат да го следат зголемувањето на животните трошоци. Капиталот на повисоките трошоци за трудот одговараше со повисоки цени на производите што синдикатите ги поттикна на нова рунда борба за повисоки надници. Бејли, а и други негови колеги, стравуваат дека слично нешто би можело да се случи и денес. И покрај тоа што надниците стагнираат со децении, а моќта на синдикатите се наоѓа на историско ниско ниво и што инфлацијата е мошне секторска и предизвикана од специфичните пандемски околности.

Меѓутоа, како што нè предупредува Габор, гувернерот пропушти да спомене нешто мошне важно. Нема ништо природно или економски исправно во тоа капиталот да ги компензира повисоките трошоци на трудот со повисоки цени на стоките. Капиталот може да ги „апсорбира“ повисоките трошоци за трудот и со редуцирање на профитот. Со други зборови, Бејли во своето обраќање комотно можеше да има и друг адресат и да го замоли капиталот да се воздржи од профитите (високи) за ситуацијата да не излезе од контрола. Но, одлучи дека му е политички поисплатливо или „понормално“ за жртва да ја замоли работничката класа. Поинаков пристап не би бил нешто што историски е незабележано. Во втората половина на шеесеттите години, потсетува Габор, во Велика Британија постоеше Национален одбор за цени и приходи кој истражуваше кои компании би можеле да апсорбираат повисоки плати со пониски профити, особено оние со ексцесивна пазарна моќ и предупредуваше дека зголемувањето на цените заради зголемувањето на платите ги редуцира поттиците во насока на зголемување на продуктивноста. Челникот на одборот, Обри Џоунс, инаку претставник на Конзервативната партија, тврдеше дека нивна цел е да ги ограничат моќта и моќните работодавачи и моќните синдикати.

Габор, но и сè повеќе други економисти сметаат дека политиката за зауздување на инфлацијата и ублажувањето на нејзините последици по животниот стандард на работното мнозинство би можела да се движи во слична насока. Тука, како подолгорочен механизам, би стоела структурната реформа на енергетските политики, а во одредени сектори и таму каде што фирмите не можат да ги оправдаат повисоките цени може да се примени пократкорочна стратешка контрола на цените. Секако, секој спомен на контрола на цените предизвикува нервен слом на другата страна од класните барикади и кај фетишистите на слободниот пазар кои често еуфемистички се нарекуваат независни економски аналитичари. Нивната аргументација, како што неодамна предупреди економистот Доминик А. Луздер, паѓа на мошне банална проверка на одржливоста. Очигледно дека милитантните противници на контролата на цените истовремено се и милитантни заговорници на контролата на цената на една стока. А таа стока е работната сила. Ако контролата на цената на таа стока не ви обезбедува доволни средства за живот едноставно немате среќа зашто цените на стоките кои ви се неопходни за живот не смеат да се контролираат. Не постои попластичен приказ на класниот конфликт и неговото централно место во сите димензии на нашите животи. Сиот напор на експертите да ни порачаат дека контролата на цените е економски неодржлива не е ништо друго туку интелектуално подмачкување на објавата за класна војна.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Daukante

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото