Дамир Грубиша: Путин страда од патолошки синдром на апсолутна моќ

26.02.2022 15:25
Дамир Грубиша: Путин страда од патолошки синдром на апсолутна моќ

Steve Sack

Дамир Грубиша е политиколог, новинар и колумнист на порталот „Аутограф“, автор на голем број книги од областите политички науки и политичка филозофија и поранешен дипломат со богата кариера: бил советник во мисијата на Југославија во Обединетите нации, управник на Југословенскиот културно-информативен центар во Њујорк, шеф на кабинетот на министерот за надворешни работи Будимир Лончар, шеф на кабинетот на министерот за надворешни работи на Хрватска во раните 1990-ти, хрватски амбасадор во Италија, Малта и во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), а сега е професор на Американскиот универзитет во Рим.


Владимир Путин ги призна двете сепаратистички републики во Донбас и сега официјално ја испрати руската армија во нив. Со тоа Русија, по Крим, продолжи со окупација на суверената територија на Украина и со кршење на меѓународното право, а воедно го погреба и договорот од Минск. Како го коментирате развојот на настаните и потезите на Путин?

Путин со ова направи многу опасен потег кој навистина може да ескалира од хибридна во вистинска војна. Очигледно тоа му беше намерата кога започна со воените маневри, а на дипломатски фронт постави ултиматум со услов Украина да не влезе во НАТО. Може да се каже дека маските паднаа и дека сега се раоткри неоимперијалната политика на Русија, која сега се претставува како заштитничка на сите Руси надвор од нејзините граници. Но, треба да се признае дека договорот од Минск е закопан уште многу порано: украинските аналитичари уште во 2015 година констатираа дека Украина не ги исполни своите обврски, а тоа требаше да биде уставна реформа со доделување на автономија на русофонското население на истокот од земјата и директни преговори со одметнатото население од Донбас, за во следната фаза, украинската армија да го презеде надзорот над границата со Русија. А во меѓувреме се влоши и ситуацијата во Украина кон руското население, блокирани се телевизиските канали на руски јазик, затворени се бројни училишта на руски јазик, забранет е увозот и продажбата на руски книги, сето тоа во ситуација кога 14 милиони украински граѓани, од 44 милиони вкупно население, изјавиле дека нивнот мајчин јазик е рускиот.

Имајќи предвид дека сепаратистичките републики полагаат право на повеќе територии отколку што контролираат, Москва сега на некој начин и официјално е во војна со Украина. Колку според вас постои закана од поширока војна - од руска инвазија на цела Украина или од ескалација во Донбас?

Како што рече Карл Шмит, „објавувањето војна не е ништо друго освен идентификување на непријателот“. По исчезнувањето на историскиот непријател САД и Западот, беа потребни дваесетина години за да се идентификува нов непријател во Русија и во ирационален триумфален ентузијазам да се воспостави нов воен сојуз, отворено прекршувајќи го договорот меѓу поранешниот Советски Сојуз, Соединетите држави, Франција и Германија, како што произлегува од документот од 6 март 1991 година, неодамна објавен од германскиот Der Spiegel. Воените судири во Украина веќе доведе до 14.000 мртви и два милиони бегалци, за кои, за жал, никој не зборува. Ирационалниот триумфализам од страна на Западот и амбицијата „крајот на историјата“ да се претвори во победа на лудиот либерален капитализам доведе до ирационална реакција на рускиот национализам и неоимперијализам, олицетворени од Путин и неговата олигархија. Не се чини веројатно дека ќе има руска инвазија на цела Украина, но конфликтот во Донбас ќе се одолговлекува со децении и ќе ни го загорчи животот на сите нас во Европа.


Gatis Sluka

Во својот говор Путин всушност го негира правото на Украина на независност и државност, ја прогласува тамошната влада за марионета и се заканува дека ќе биде одговорна за „можното продолжување на крвопролевањето“. Ова на некој начин ја доведува во прашање и тезата на Русија дека нејзината цел е да ја спречи Украина да влезе во НАТО...

Се чини дека и Путин заболел од патолошкиот синдром на апсолутна моќ и ја ескалира својата реторика по примерот на Ким Џонг-ун. Светските лидери, не само Путин – тоа го видовме и кај Доналд Трамп - губат контакт со реалноста и се’ повеќе се однесуваат како луди римски императори. Негирањето на правото на Украина на независност и државност е aисториско, спротивно на историската логика на словенската етногенеза. Но, факт е дека проширувањето на НАТО на нејзините граници не само Путин, туку и руската јавност го доживува како непосредна закана и тоа делува како масовен, психолошки притисок. Ова предизвикува не само колективни фобии, туку и реакции на спирална ескалација. А несигурноста предизвикува конфликти и агресија – со тоа со векови се занимава науката за мирот, иренологијата.

Западот најавува санкции против отцепените републики и против самата Русија. Како ги оценувате овие потези?

Парадоксално, санкциите против Русија најмногу ќе ја погодат Европа. Светот е веќе толку глобализиран што Русија е економски интегрирана во овој глобален хаос, а зависноста на Европа од рускиот гас и преориентацијата кон други добавувачи ќе биде процес во кој ќе се зголемат трошоците за живот низ Европа, ќе се зголемат и инфлацијата и економската нестабилност. Од тоа може сешто може да се изроди.

Што според Вас е причината за последните настани и како дојдовме речиси до самиот раб на војна?

Кризата е резултат на серијата верижни реакции од 2014 година и соборувањето од власт на Виктор Јанукови. Западот и ЕУ одиграа цела низа погрешни потези, кои во исто време му овозможија на Путин да ескалира до сегашната опасна ситуација и воени игри. Договорите од Минск не беа испочитувани од самиот почеток, односно во 2015 година Украина не спроведе уставна реформа и најде формула која ќе ги задоволи и Русија и сепаратистите, а која и нејзината јавност ќе може да ја прифати. Не е лансиран ниту механизмот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа за следење на спроведувањето на договорот. Заедно со него требаше да оди и таканаречениот Договор за конвенционални вооружени сили во Европа од 1990 година, потпишан од Русија и од западните сили, и таканаречениот „Виенски документ“, ревидиран во 2011 година, кој предвидува воспоставување мерки за градење доверба, како што е меѓусебната контрола на вооружувањето и учество во воени маневри на другата страна. Но, во 2016 година на власт дојде Доналд Трамп, кој премина преку сите мултилатерални обврски и го препушти проблемот со Украина на Европејците. Наместо да извршат притисок врз Украина, западните земји и ЕУ дозволија конфликтот да се развива под површината и тој сега кулминираше. Политичките лидери и на Запад и на Исток не се дораснати на задачата – тие изгледаат како политичари од пред Првата светска војна за кои историчарот Кристофер Кларк рече дека лутале како месечари. И додека Путин можеме да го разбереме, бидејќи тој е авторитарен лидер кој сака да ја прошири својата моќ, лидерите на демократските земји изгледаат несвесни за реалноста на избувнувањето на нов голем конфликт од катастрофални размери, не само за Европа и Украина, туку и за целиот свет.


KAL

Конфликтот акутно кулминираше благодарение на руските закани и акумулацијата на војска, а од оваа недела и до официјално формулираната политика на распарчување на Украина, која е жртва на сега отворената агресија?

Со таквата политика Путин ги решава и своите внатрешно-политички проблеми. Не треба да има никакви илузии, тоа е авторитарен недемократски систем. Русија ја користи својата сила и позиција како снабдувач со енергија на Европа за уцена и за водење политика која всушност е продолжение на империјалната политика на Советскиот Сојуз, а пред тоа и на Руското царство.

Постои мислење дека дел од одговорноста е и на Украина и на претседателот Володимир Зеленски. Имено, доколку Киев сам се откажеше од членството во НАТО, Западот тоа би можел да го прифати без да го изгуби образот поради капитулација пред Русија, и така ќе се најдеше излез од кризата. Сепак, колку тоа го отежнаа потезите на Путин, кои драматично ја антагонизираа Украина?

Повлекувањето на Киев од членството би било реалистичен потег што Западот би го поздравил, а можно е на крајот токму тоа и да го очекува. Така би се создал еден вид модус вивенди за следните десет-дваесет години, под услов тоа навистина да е главната цел на Русија. Украина имаше шанса, во различни околности, да се афирмира како мост меѓу Западот и Русија и да го следи патот на останатите земји кои се членки на ЕУ, но не и на НАТО, како Финска, Шведска и Австрија. Истовремено, тоа не значи пасивна неутралност, туку покрај воена неутралност претпоставува и активен ангажман. Точно е дека Русија исклучително ја антагонизираше украинската јавност и сега е тешко да се очекува такво нешто, но треба да се разговара дури и во ситуации кога решенијата изгледаат нереални. Повторувам, преговорите немаат алтернатива.

Извор: Портал Новости, 24.02.2022