Егзилот како транс-генерациска меморија (2)

28.02.2022 13:59
Егзилот како транс-генерациска меморија (2)

(продолжува од првиот дел)

  Петтиот наративен блок, посветен на Прикаската на внукот и наратор, се чини, овојпат ја носи најголемата симболичка тежина и мудроста на резимирањето на самиот ефект на „границата“, не само како историска реалија, туку и како трансцендентална, метафизичка, трансгенерациска даденост, без чие постоење самито живот на семејството би одел по сосема поинаква траекторија.

Еве неколку прегнантни примери, на личната херменевтика на границата кај внукот-наратор:

„Границата предвреме не’ остаре и нас, децата...
На таа проклета граница никој ништо не и’ може, таа е над сите“

Тука, можеби не е неважно, доколку се укаже, на постоењето на едно посебно совпаѓање: меѓу авторот на овој роман Луан Старова и мене, неговиот критичар, постоењето на една обединувачка точка, која можеби дополнително придонесува за особеното, заемно разбирање што владее меѓу нас, но и за сличното поле или спектар на интереси.

Таа спојна точка се наоѓа и лежи токму во Охридското Езеро – кое, за нас обајцата, претставува роднкокраен предел, чијашто благотворна близина, за жал, сепак, не ја живееме во секојдневниот живот, кој минува во ова хаотично и претрупано Скопје, но тоа Езеро се’едно останува моќно, играјќи ја улогата на обостран, не само роднокраен, ами и повеќе од тоа, творечки или, поточно, геопоетички симбол и поттик.

Симбол, што, во услови на турбулентни историски промени и поместувања на границите, воедно ја игра улогата на заменска татковина „Во Езерото ја откривав својата татковина“.

Кога сме тука, за прв пат, мора јавно да се произнесам и за едно неочекувано совпаѓање: дека, потресното искуство, што го доживеле членови од моето пошироко семејство (од страната на мајка ми, Патчеви и Арнаудови), односно, моќната казна на судбината, што неочекувано ги снашла, еднаш, откако суровата печалбарска мака ги натерала да ја пречекорат границата на Албанија - и неможноста никогаш повеќе да се вратат или барем да ја видат својата родна куќа, град и земја, своите најблиски – всушност, испаѓа, дека е реципрочно со она, што прочитав, дека им се случило и на најголемиот број од ликовите во овој роман, со лаконско име и наслов „Граница“.

Имено, мојот роднина, кому за прв пат после педесетина години, му било дозволено да влезе и да ја види земјата на својот татко, Македонија, при самиот поглед на (осветлениот и убаво стокмен) Охрид, веднаш заплакал – додека на патот за дома – во својата торбичка единствено што посакал да однесе биле колку што е можно повеќе сомуни леб, бел леб! Нема потрогателна слика и потврда одошто е оваа, за шокантниот и трауматичен учинок на најстрашната во светот, а нам најблиска - албанска граница!

Луан Старова и Елизабета Шелева, во Даут Пашин Амам, 2016

Нараторот, на повеќе места во романот, го осознава фаталниот учинок и, дури, персонификацијата на границите. Неговата баба сведочи: „Сиот живот ми беше граница.Самата станав граница“ (2016 :119-120), додека пак внукот - наратор во Епилогот, врз основа на целоживотниот ефект и фрустрирачкиот ѕид на границата, и самиот ќе заклучи „границата беше жртвеник на татковиот живот“...

Нема сомнеж дека тоа било така, но, можеби и уште пострашно како искуство, и за многу други, без вина виновни луѓе, кои го носеле жигот на своите погрешни потекла.

Она што најмногу го отежнува самиот, животен наратив на егзилот, е токму неговата фатална, доживотна темпоралност – бидејќи, како што и нараторот потсетува, „нема враќање од егзил“ (како што тоа се покажало во случајот не само со неговиот татко).

Во Епилогот, нараторот ги поместува кусите стихови на Виктор Иго „Што е гробот? Граница“ – кои го досегаат преносното и ултимативно значење, на границата, овојпат, не повеќе во политичка или социјална, туку, во смисла на онтолошка граница, што го оцртува преминот помеѓу постоењето и непостоењето, животот и смртта.

Тој, меѓу другото, го соопштува изненадувачкиот (историски изведен) податок, дека, на крајот од 20 век, границите на Балканот се зголемени за цели три пати – и заклучува, дека

„Народите на Балканот уште долго ќе бидат жртви на границите“
Во тој контекст, за нас беше впечатлива и анимистичката споредба на границата со притаено живо суштество, споредба несомнено настаната од историскиот пресек на динамизмот, подвижноста и умножувањето на еднаш воспоставените граници:

„Границата во драматичните воени времиња се однесува како живо суштество ...кое нараснува“

„Станувавме луѓе - граници, каде и да не’ водеше судбината“

Во завршниот дел од романот, „Фотографии и настани за блиските, кои ги минуваат границите“, наизменично со текстот (на семејните приказни) фигурира и редица автентични, документарни фотографии од членовите и на поширокото семејство – овојпат, од страна на Ервехе, мајката на нараторот.

Иако Старова, во 2003 год, веќе објави роман под наслов „Ервехе, приказната за една мајка“, (за кој се произнесовме во поговорот кон истоимената книга) – сознанието, дека постојат дополнителни, дотогаш непознати тајни или „темни петна“, во врска со нејзиниот живот и семејство, одново го поттикнале нараторот – овие новооткриени детали исто така да ги инкорпорира во делото и истите да ги спаси од заборав.

При тоа, авторот настапува со видливо присутна доза на родова емпатија во третманот на животните стории на својата баба и мајка, кои илустративно потврдуваат, дека токму жената е најблиску изложена на учинокот на различните видови граници, но не само на оние, што ги исцртуваат очевидните геополитички демаркации, помеѓу различните држави. Имено, жените (особено на Балканот) се посебно изложени на ризикот на родовите граници, сите оние строги непишани граници, што ги подразбира „прикриената семејна диктатура“, како што пластично и сликовито ќе се изјасни самиот наратор.

За својата мајка Ервехе, тој вехементно ќе каже „Судбина и’ биле границите“ – мислејќи при тоа на сите оние не само (меѓу)државни, туку и внатрешни, непречекорливи граници на патријархалното семејство, што од жената како таква примарно очекува атрибути на покорност, потчинетост, замолчаност.

Тука се подразбираат и границите, што невидливо ја оцртуваат дозволената или изгубената интимност, дури и меѓу најблиските во семејството – што на своја кожа разочарувачки ќе ги почувствува бабата, кога за првпат оди во посета на своите, веќе отуѓени роднини во Турција: „Тоа беа новите граници, кои Баба ги почувствува со своите блиски во Измир, можеби поизразени од физичките, кои ги измина за да дојде до Турција“.

На завршните страници од овој роман на Старова, откриваме и еден важен детал, за интертектуалните поттици, кои одиграле позитивна улога, во самото оформување на „Балканската сага“ во целина. Станува збор за книгата „Спомени“, првично напишана и објавена на германски јазик, од страна на Екрем беј Вљора, новостекнат роднина од страна на мајчиното („второ“) семејство, инаку, дипломат и историчар, воедно и полиглот.

Токму во ова публицистичко издание, Старова се запознава со ново толкување на бурните историски настани на Балканот – а потем и самиот ќе се впушти во предизвикот на консеквентно создавање на еден семеен наратив, со нескриена намера во и низ него – да обликува своевидна панорама или парадигма, што во себе ги содржи и репрезентира (непосредните и документирани) сведоштва за сите трауми на балканската современа историја.

При тоа, во романот „Граница“ секако ќе пронајдеме присуство и на есеистички пасажи, што го збогатуваат и дополнуваат автентичниот слој на анегдоталните случувања и личните (и семејни) сведоштва.

Можеби, токму врз основа на овие и вакви книги, како романот „Граница“, најдобро разбираме, оти најблагородната улога (или, суштинска природа) на книжевноста, впрочем како и на сета уметност се состои во самиот чин (или ритуал), како што е подавањето рака – премостувањето на заемните поделби, недоверба, одмаздољубивост, вековно подгревана (манипулативна) омраза. Во таа смисла, присуството и делувањето на Луан Старова е исто така, благотворно доколку тоа се согледа и постави низ призмата на дводомен автор, кој е изворно (или, подеднакво) присутен на два јазици и во две национални литератури и култури: македонската и албанската.

Самиот процес на читање, подготвеноста да се влезе во нималку лесниот и едноставен, а толку човечки натопен порив за споделување и сочувство со приказните на другиот – веројатно е најголемиот залог и потврда за драгоцената катарза, што ја овозможува секој автентичен уметнички исказ.

Воедно, тука лежи тајната формула, за вредноста на конкретно дадена книжевна исповед – наспроти лицемерното криење на насушната жед за есенцијалното човечко разбирање и топлото сочувство на Другиот.

Слики: Jon Foreman