1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Иако чувствувам потреба да се оддалечам од телевизорот и да го попречам вулгарниот упад на лоши вести, како да избегам од стварноста во која сите големи геополитички играчи на северната хемисфера влечат лоши и удолу вртложни потези, што сè повеќе ја влошуваат ситуацијата. Потези неповратни, што го прават секое возвратно влошување неумитно. Потези тапи и зли, следени со празни зборови за неопходноста од разумно дипломатско решение. Како човек да се скрие од татнежот на воено пропагандните говори што го исполнија сиот медиумски простор. Како душата да здивне од глупоста на едноумието што владее со грдото детство на 21 век?
Сепак, низ заглушувачката бучава наслушнав неколку зборови што побудија асоцијации и сеќавања на преживеани настани што не толку одамна ни ја одредуваа иднината. Го ислушав претседателот Путин како ја обвинува комунистичката влада на Ленин која, во тешките мигови на неизвесната и сеуништувачка граѓанска војна, снисходливо кон националистичките чувства на поедини народи во составот на руското царство, го креирала Советскиот Сојуз како федерација на национални држави, републики што имаат – макар декларативно – уставно право на самоопределување и отцепување.
Иредентизмот на Путин
И така настанала Украина, измислена држава што се оформила на сметка на руска историска територија, што потоа, со произволни административни чекори на комунистичките диктатори, се проширила заграбувајќи дури значајни делови и од рускиот народ и од другите русофони жители на Сојузот. Се разбира, во говорот на Путин сношти не беа спомнати измислувањето на украинската нација и јазик, но тие беа тема на неговиот неодамнешен есеј што детално ги разработуваше овие историски и културни аспекти на руското царство и на Советскиот Сојуз, во контекст на зголемените сигурносни грижи на Русија во врска со здружените напори на НАТО да го обезбеди и да го реализира светото право на Украина на членство во сојузот.
Се сеќавам живо – а како и не би се сеќавал, кога се случуваше некни – дека немаше официјална изјава или коментар од видни фигури од земјите членки на НАТО, но и од страна на самиот сојуз, во кој не беше нагласено дека во Путиновото писание и во неговите неодамнешни говори самото проблематизирање на украинската нација, јазик и особено историја, значи нескриена територијална аспирација од страна на Русија. Ми остави голем впечаток одлучноста на НАТО и на членките на НАТО да застанат на страната на Украина и да ја поддржат нејзината сувереност, длабоко загрозена од Путиновиот говор што ги доведува во прашање нацијата, јазикот и историјата. Во реакциите од земјите членки на најмоќниот воено-политички сојуз што планетата го памети, беше сосем јасно дека проблематизирањето на украинската нација, јазик и историја не значи ништо друго одошто територијална аспирација, односно руски иредентизам.
Сигурно се сеќавате што означува зборот „иредентизам“, зашто не толку одамна и самите ние бевме оптужувани за иредентизам. Елем, зборот доаѓа од Italia irredenta или, во превод „неослободена Италија“, што по 1878 година беше политички сојуз чијашто цел беше обединување на сите краеви во кои се зборува италијански јазик и во кои живеат етнички Италијанци со тогашното Кралство на Италија. Подоцна, како што течеше времето, овие тежненија за национално обединување со посегање по териториите на соседните земји станаа основните столбови на фашистичките движења во целиот 20 век, а денес со иредентизам се означува секое посегање по туѓа територија.
Грците беа први што по нашето прогласување независност, своите опструкции на нашето меѓународно признавање го објаснуваа со нивните грижи поради државно спонзорираната иредента во Македонија. Се разбира, за нас тоа беше апсурдно, зашто ние добро знаевме дека немаме ниту вода во окото, а камоли економска или воена моќ што ваквите грижи би можело да ги направи реални и можни. Но, Грците добија поддршка од меѓународната заедница и ние моравме да го менуваме знамето со ѕвездата што ја украдовме од тогаш откриениот ларнакс на Филип Втори Македонски. И моравме да го менуваме Уставот со јасно и буквално откажување од нашите малцинства вон татковината и од какви било територијални аспирации.
Но, грчкото вето стана челично кога нашата малоумна вмровска власт ги крена спомениците на Александар и на Филип да ги пробијат плоштадските таваници среде Скопје. И кога повторно се цртаа картите на целокупна Македонија, и кога се бладаше за нашето историско, крвно, па дури и јазично потекло од античкото македонско кралство што од своите почетоци било на територијата на денешната грчка република. Откога ВМРО-ДПМНЕ им го даде на Грците крунскиот доказ, очебиен за целиот свет, дека грчките грижи – без оглед на нашата дребност – се реални, зашто сите видоа дека најголемата партија во Македоња е профашистичко злосторничко здружување кое ја злоупотреби државата за да одгледува иредентизам како патриотско покритие за својот домашен грабеж, НАТО ни шепна да клекнеме пред неговите порти и пред повторно да зачукаме на нив, да се договориме за „обострано прифатливо“ решение со грчките соседи.
И, си мислам така, како ниту НАТО ниту, пак, една негова членка, не забележа дека суштинските аргументи за бугарското вето за нашите евроинтеграции се идентични со Путиновите ламентирања над неповратно уништената царска Русија и нејзиниот комунистички сукцесор Советскиот Сојуз, во кои тој ја доведува во прашање историјата, нацијата и јазикот на Украинците. Но, не, јас грешам, зашто Путиновите приказни што предизвикаа жестока реакција на сојузот и на сите негови моќни членки, не можат ниту да се споредат со тежината и формата на бугарските фашистички и иредентистички ултиматуми, што ги истоварија како товар гомна што ни ја затрупа вратата во Европа.
НАТО остана и глув и слеп
Додека на источниот фронт тоа е само далечна придружна музика, во форма на аматерско претседателско есејче, Бугарите ги напишаа нивните аспирации кон нашата историја, нација, јазик, крвно потекло и – се разбира – на нашата територија, во нивниот Објаснувачки меморандум што како официјално државно објаснување на нивното вето на европското проширување го пратија на сите европски влади и на органите на Унијата во Брисел. И, таму, излиено во бронза, стои дека нашава Македонија, заедно со нас Македонците и нашиот македонски јазик, сме со бугарски происход, историски Бугари, што говорат на бугарски дијалект и живеат на историски бугарска земја од почетокот на времето. Којашто, за жал, во 1944 година беше украдена од комунистичкиот диктатор Тито, кој со неговите србокомунистички удбаши потоа уби 100.000 македонски Бугари.
Никој во официјална Бугарија не повлече ниту збор од напишаните бладања за вечната големобугарска иредента, за неослободената Бугарија, и никој од НАТО не реагираше дека воопшто забележал нешто сомнително во Објаснувачкиот меморандум и во бугарското профашистичко вето. Оспорувањето на историјата, нацијата и јазикот, НАТО веднаш го препозна како територијална аспирација и гола иредента, и кога се работеше за нашиот прием во сојузот, но и кога се работи за земја што не е ниту блиску до членка на сојузот. Но, кога со истите оспорувања една членка на сојузот егзистенцијално загрозува друга, како што Бугарија го направи со Македонија во нивниот Објаснувачки, НАТО остана и глув и слеп.
Со оглед на прилично високата цена што ја плативме тропајќи на вратите на моќниот сојуз, со базична мисла дека со членството ќе ја зацементираме нашата територијална безбедност и сувереност, нели е за очекување да сметаме дека сојузот ќе нè одбрани и од нападите на неговите членки? А не да нè остава проблемите со големобугарските аспирации завиткани во уценувачко вето да ги решаваме самите на билатерална основа со оние што нè уценуваат! Изгледа во нашиот случај геслото на НАТО – еден за сите, сите за еден – што некни беше употребено како израз на солидарност со земја што не е членка на сојузот, за една рамноправна членка како да се претвори во сјајното мото на „Остен“: Еден за сите, сите за никаде!
Фотографии: Олга Баранцева
Извор за текстот: Слободен печат