Илјадници руски научници против Путин: „Одговорноста за војната е само на Русија“

01.03.2022 02:26
Илјадници руски научници против Путин: „Одговорноста за војната е само на Русија“

Путиновата инвазија на Украина поттикна бројни руски научници и научни новинари да потпишат отворено антивоено писмо.

Овој апел, со кој се осудува агресијата на режимот на Путин и се повикува на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава, досега го потпишаа 4 750 руски научници, интелектуалци, новинари и академици. Меѓу нив се повеќе членови на Руската академија за науки и добитникот на Нобеловата награда за физика во 2010 година, Константин Новоселов. Отвореното писмо го пренесуваме во целост.

„Нема оправдување за војната“

„Ние, руските научници и научните новинари, изразуваме силен протест против непријателството кое го покренаа вооружените сили на нашата земја на територијата на Украина. Овој кобен чекор доведува до големи човечки загуби и поткопување на темелите на постоечкиот систем за меѓународна безбедност. Одговорноста за започнувањето на оваа нова војна во Европа во целост лежи кај Русија.

За оваа војна нема рационално оправдување. Обидите ситуацијата во Донбас да се искористи како изговор за започнување воена операција не влеваат никаква доверба. Јасно е дека Украина не претставува закана за безбедноста на нашата земја. Војната против Украина е неправедна и сосема бесмислена.

Украина беше и ни остана блиска земја. Многумина од нас имаат роднини, пријатели и научни колеги кои живеат во Украина. Нашите татковци, дедовци и прадедовци заедно се бореа против нацизмот. Започнувањето војна заради геополитичките амбиции на раководството на Руската Федерација, водено од сомнителни историозофски фантазии, е цинично предавство на нивните сеќавања.

Русија се осуди на меѓународна изолација

Ја почитуваме украинската државност која се темели на вистински функционални демократски институции. Со разбирање го прифаќаме европскиот избор на нашите соседи. Уверени сме дека сите проблеми во односите на нашите земји можат да се решат по мирен пат.

Започнувајќи војна, Русија се осуди на меѓународна изолација, на позиција изолирана земја. Тоа значи дека ние, научниците, веќе нема да можеме нормално да ја извршуваме својата работа. Најпосле, спроведувањето научни истражувања е незамисливо без целосна соработка со колегите од другите земји. Изолацијата на Русија од светот значи понатамошна културна и технолошка деградација на нашата земја и целосно отсуство на позитивни шанси. Војната со Украина е исчекор во ништо.

Горко ни е сфаќањето дека нашата земја, која имаше одлучувачки придонес во победата над нацизмот, сега стана двигател на нова војна на европскиот континент. Бараме итно запирање на сите воени операции насочени против Украина. Бараме почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава. Бараме мир за нашите земји. Се занимаваме со наука, а не со војна!“ пишува во отвореното писмо.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.index.hr/

ОкоБоли главаВицФото