Како настанале хетеросексуалците?

13.01.2011 16:30
Gilbert-George.jpg

Кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите, додека работев на едно истражување за книга од областа на историјата на хомосексуалноста во Америка, бев вџашен кога открив дека денес општата, неприкосновена поделба на луѓето, на нивните емоции и чинови, на „хомосексуални“ и на „хетеросексуални“ има сосема ново потекло.

Терминот „хомосексуалец“ и „хетеросексуалец“, научив, го исковал писателот од унгарско потекло (кој не бил лекар) Карл Марија Кертбени (1824-1882) и првпат го употребил во приватно писмо што на 6 мај 1868 година го напишал на Карл Хајнрих Улрихс (1825-1895), еден друг пионер на сексуалната реформа. Кертбени првпат јавно го употребил зборот „хомосексуалец“ во 1869 година, во петиција против германскиот закон кој го криминализирал „противприродниот блуд“. Етикетата хомосексуалец кон крајот на 19 век ќе ја преземат лекарите како израз со кој ги именуваат, осудуваат и истакнуваат своите сопственички права врз општествената групација која во тоа време паѓала во очи во баровите, салите за танц и на улиците на големите градови во Европа и во Америка.

Единаесет години подоцна, во 1880 година, Кертбени или Бенкерт, како што гласи германизираната верзија на неговото презиме, првпат ја употребува етикетата „хетеросексуалец“, која докторите многу брзо ќе ја присвојат како збор за еротскиот однос меѓу мажот и жената. Но, бидејќи таквиот однос не бил нужно репродуктивен, зборот „хетеросексуалец“ и во 20 век ќе означува лош, неморален однос.

Зборовите „хомосексуалец“ и „хетеросексуалец“, дознав, првпат се печатени во една американска публикација, и тоа во едно медицинско списание, во мај 1892 година, што ми отвори едно интересно прашање: а кои полови активности биле категоризирани во април? И секако – уште порано? Во нивниот дебитантски настап, забележав, термините „хетеросексуалец“ и „хомосексуалец“ дефинирале два вида сексуални перверзии, за кои се судело врз основна на прокреативните стандарди. Листата на „сексуалните перверзии во потесна смисла“ вклучувала и „психички хермафродизам или хетеросексуалци“. Забелешката објаснува дека хетеросексуалните личности се оние кај кои доаѓа до „инклинација кон двата полови“, како и „инклинации кон ненормални методи на задоволување“.

Почнав да откривам дека американските медицински публикации се согласувале дека зборот „хетеросексуалец“ се однесува на „нормални“ машко-женски еротски односи. Во 1901 година „Филаделфискиот медицински речник“ (Philadelphia Medical Dictionary) сè уште ја дефинирал „хетеросексуалноста“ како „ненормален или первертиран вкус кон спротивниот пол“. А уште во 1910 година, Хавлок Елис (1859-1939) се жали што „немаме едноставен, прецизен, соодветен збор“ за „нормална сексуална љубов“ меѓу половите. Открив дека и во 1923 година авторитативниот „Меријам-Вебстер“ речник и понатаму „хетеросексуалецот“ го дефинирал како медицински термин во смисла на „морбидна сексуална страст кон личност од спротивниот пол“.

Дури во првата четвртина на 20 век, конечно сфатив, заговорниците на докторската хетеросексуалност успеале да ја конструираат и да ја прошират како означител за стандардниот бренд на сексуалноста. Лекарското регулирање на еросот одело рака под рака со современите обиди за стандардизирање на машкоста и на женскоста, информирањето и [дискурзивното] фабрикување. Медицинската хетеросексуална категорија прокламираше нов еротски сепаратизам, нова сексуална ортодоксија, која насилно го одвои сексот на „нормалните“ од сексот на „перверзните“ и го постави „хетерото“ над „хомото“ во хиерархијата на супериорниот и инфериорниот еротизам. Но, само постепено се појавила идејата, од тесното поле на медицинскиот дискурс, дека постојат такви суштества како што се хетеросексуалците и хомосексуалците, за подоцна да стане популарна, општоприфатена замисла.

Во историското истражување доаѓаме до заклучок дека „хетеросексуалец“ и „хомосексуалец“, термини кои денес ги земаме здраво за готово, се сосема нова креација. Иако ни се претставени како зборови кои означуваат вечен факт на природата, термините „хетеросексуалец“ и „хомосексуалец“ конституираат нормативна сексуална етика, сексуално-политичка идеологија, и еден историски специфичен начин на категоризација на односите меѓу половите.

Термините „хетеросексуалец“ и „хомосексуалец“, тврдам, подеднакво се раѓаат од историски специфичен начин на општествено одредување на родот и еротизмот и помагаат во неговото одржување. „Хетеросексуалец“ и „хомосексуалец“ се однесуваат на групи, идентитети, и дури и на однесување и искуства кои се временски ограничени, специфично современи феномени, зависни од специфичното институционално структурирање на машкоста, женското и задоволството.

Денес многу истражувачи начелно се согласуваат дека половите и родовите категории, еротските идентитети, заедници, значења и институции се историски и дека се менуваат во текот на времето. Но, дури и теоретичарите на општествениот конструкционизам на сексот продолжуваат да зборуваат за неисториското „хомосексуално однесување“. На пример, историчарот од кого научив многу, упатува на правење разлика „меѓу хомосексуалното однесување, кое е универзално, и хомосексуалниот идентитет, кој е историски специфичен“. Меѓутоа, само исклучително механичката, целосно биолошка идеја за „однесувањето“ го овозможува ова разликување меѓу универзалното однесување и историскиот идентитет.

Дури и кога се трудиме да ја историзираме сексуалноста и родот, многу историчари и понатаму сметаат дека, како и да било нарекувано однесувањето во свое време, денес го знаеме неговото вистинско име и карактер: тоа однесување навистина е хомосексуално, хетеросексуално или бисексуално. Нашиот епистемолошки хибрис и крајната онтолошка самоувереност нè спречуваат да го разбереме шаренилото на сексуалноста и родот во рамки на нивните општествени структури и време.

Ако сексуалното однесување е повеќе од просто спојување на органите, ако секогаш е обликувано од посебниот систем во кој функционира, и ако секогаш вклучува мешавина на општествено дефинирани чувства и значења, однесувањето е исто толку историски релативно и конструирано колку и идентитетот.

Немојте погрешно да ме разберете. Некои сексуални чинови кои се изведувале вчера во Њујорк без сомнение биле изведувани во Нов Амстердам во раниот американски колонијален период. Но, тоа рано колонијално сексуално однесување било вклучено во поинаква економија. До таа мерка е длабоко историски специфичен карактерот на сексуалното однесување што само со најприближна точност можеме да зборуваме за содомија во раните колонии и за „содомија“ во денешниот Њујорк како за „иста работа“. Во другиот пример, да се зборува за „хетеросексуалното однесување“ како за нешто што универзално се случува значи да се примени еден термин на голем број различни активности изведувани во рамки на една голема разновидност на полови и родови системи.

Радикалните општествени конструкционисти, меѓу кои спаѓам и јас, ја претпоставуваат историската релативност на сексуалните однесувања, како и на идентитетите, значењата, категориите, групите и институциите. Оваа теорија на релативноста веќе не е особено радикална кога се применува врз промената на историските емоции и институции на „семејството“, на пример. Но, останува субверзивна кога се применува врз еротската и врз родовата историја, зашто ја доведува во прашање нашата тврдоглава, закостена идеја за есенцијалната, вечна хетеросексуалност и хомосексуалност.

Особено вознемирува кога се зборува за хетеросексуалната историја, зашто таа историја го доведува во прашање нашето вообичаено, имплицитно, детерминистичко сфаќање дека хетеросексуалноста е фиксирана, безвремена, биолошка, синоним за спојување на органите и чиновите на мажите и жените. Наспроти тоа, тврдам дека хетеросексуалноста (како и хомосексуалноста) има нераскажано, разновидно минато и отворена, недетерминирана иднина. Жените и мажите, да го парафразираме Карлс Маркс, ја пишуваат сопствената сексуална и емотивна историја. Но, тие не ја пишуваат оваа историја онака како што им се допаѓа. Тие ја пишуваат под околности кои минатото ги задало и нив ги менува нивната политичка активност и организација, како и нивната идеја за иднината. Еротските и родови односи секогаш се во изградба и во реконструкција во специфичните историски рамки.

Во последната реченица, дозволете ми да истакнам, прибегнав кон начинот на говор кој сугерира дека постоењето на некој есенцијален, универзален еротизам и род секогаш се реконструира. Таква е моќта на есенцијалистичкото мислење што јас не знам како да го избегнам. Но, поместувањето од историјата на хомосексуалноста и хетеросексуалноста кон историјата на еротизмот и на родот, мислам дека го засилува прагматичниот, стратешки концептуален напредок, кој ни дозволува да поставиме нови прашања.

Кога, на пример, ќе престанеме да го претпоставуваме Вечниот Хомосексуалец, тогаш ќе бидеме охрабрени да го поставиме прашањето како мажите во 19 век во Њујорк ги структурирале своите еротски односи со мажите, кои се нивните мисли, судови и физички чинови кои можат да се согледаат, и кои зборови ги користеле за тие односи.

Мојата општествено конструктивистичка хипотеза, патем речено, не тврди дека хетеросексуалните или хомосексуалните чувства се помалку реални, длабоки или легитимни затоа што се општествено конструирани, туку едноставно дека не се омнипрезентни, дека не се биолошка судбина.

Затоа за да можеме да ја разбереме историската разноличност на односите меѓу половите, истражувачите би требало барем привремено да го суспендираат нашето вообичаено универзализирање на хетеросексуалните/хомосексуалните хипотези. Ако престанеме да ги проектираме овие категории на општествата во кои тие не дејствувале, можеме да ги отвориме очите за историските нарации за родот, на чувствата и на еротизмот.

Илустрации: Жилберт и Џорџ

Извор: A Queer World, 1997.

Многу интересен текст.

Многу интересен текст.

ОкоБоли главаВицФото