Едгар Алан По - учител за пишување во хистерични времиња

01.03.2022 18:14
Едгар Алан По - учител за пишување во хистерични времињ

 

Нема многу кариери меѓу креативците кои се искачиле до такви височини, а во исто време се случувале под толкав стрес - финансиски, професионален, семеен, психосексуален - како кога станува збор за Едгар Алан По, и тоа може да се види во неговата работа. Размислете за типичната структура на По на краткиот расказ: еден наратор во застрашувачка ситуација избезумено ги бележи морничавите детали од своите дилеми додека неговата ситуација само се влошува. Ова било одраз и на личната позиција на По и неверојатно ефикасна стратегија за задржување на вниманието на читателот. Затоа неговите приказни сè уште ни го задржуваат вниманието, речиси 200 години по нивното создавање, колку и да изгледаат едноставни на прв поглед.

Фасцинантна е и приказната зошто По ги напишал своите раскази. Кога тој би се прашувал, По би бил финансиер како неговиот идол Бајрон, вметнувајќи го пишувањето романтична поезија меѓу авантурите и можеби, повремено, привлекувајќи внимание на некое нејасно академско прашање. Но, неговата реалност била сосема поинаква. Всушност, таа извесно е дека била полна со страдање. По останал сирак на три години, посвоен од богато семејство – кои подоцна, во доцните тинејџерски години, го избркале и се откажале од него. Оттогаш, По никогаш немал пари, додека неговата сакана сопруга на крајот заболела од туберкулоза, истата болест која ги убила неговите биолошки родители. Не можејќи да го поднесе напорот што го предизвикувала нејзината болест, тој, по сопствена изјава, станал „луд, со долги интервали на страшна присебност“. Помеѓу неговата ужасна сиромаштија и постојаното доживување на ужас во реалниот живот, не е ни чудо што По бил склон да пишува комерцијални хорор приказни. Поточно, сензационалистичката кратка проза во „Блеквуд“, за која многу американски публикации биле спремни да платат.

„Блеквуд“ било популарно шкотско списание во раните децении на 19 век, влијателно на двете страни на Атлантикот, а приказните што ги објавувале, како што е опишано во книгата на Мајкл Ален „По и традицијата на британското списание“, обично биле структурирани околу протагонистите во некои чудни, ужасни или морбидни ситуации кои се искористуваат за прогресивно постигнување ефект“. Сетете се на раната приказна на По „Ракопис пронајден во шише“ или некое подоцнежно дело како „Предавничко срце“. Секој од нив го следи основниот модел: Некој ви раскажува за некое ужасно искуство, и тоа во толкави детали што речиси како вам да ви се случува. Во „Ракопис во шише“, човек преживува страшна бура на море само за да се најде на друг, уште помистериозен брод, чиј екипаж очигледно е составен од духови. Потоа тој брод е зафатен во виор и тоне, а со тоа и сета надеж исчезнува. Во „Предавничко срце“ нараторот извршува совршено убиство, а сепак полудува од вина и на крајот го признава злосторството, уништувајќи ги своите беспрекорни планови.

Меѓутоа, кога По слепо би го користел моделот на „Блеквуд“, можеби сега немаше да го читаме. Наместо тоа, неговите приказни се враќаат во себе, а нивната хистерија често прераснува во сатира и метакоментар. Во писмо од 1835 година, тој прилично самосвесно ги опишува овие дела како „смешно издигнато до гротескно: страшно пребоено во ужасно... единствено претворено во чудно и мистично“.

И додека научниците имаат тенденција да се фокусираат на именките во овој опис, опседнати со она што По можеби го мислел како „смешно“ и „гротескно“, што мене ми остава впечаток, како писателка што создава - а можеби и вам? - се референците на По на движењето и развојот во приказните, акцентот и бојата, како точно ги пренесува дилемите во метафори, работејќи на сатира и одлични коментари. Бидејќи, како писателот да го совлада и надмине комерцијалниот жанр, кој во наше време би можел да се поистовети со љубовните романи, фантастичние епови, нефикцијата или личните есеи? Тоа е моето горливо прашање. Можеби и твоето.

Во таа смисла, што ако усвоиме некои од техниките на По за да ги привлечеме сопствените читатели? Еден наратор. Ужасни или морбидни ситуации. Тон кој се движи од хистерија до сатира. Мислам, по овие неколку години на ковид што сите ги имавме, кој од нас го нема сето ова при рака?

За среќа, По ни оставил експлицитни, иако сатирични, упатства за користење на неговиот модел. „Како да се напише прилог од ‘Блеквуд’“, првпат објавен во 1838 година, е хумористичен есеј наводно напишан од една луда жена која помпезен професор ја поучува како да пишува ваков тип на проза. Значи, како треба да изгледа таков прилог/расказ? Добриот доктор вели дека чекорите се доволно лесни:

  • Заплеткајте се во неволја или во несреќна ситуација (или земајте дрога и бележете ги вашите впечатоци).
  • Потоа размислете за својот тон. Задолжително пишувајте во стилот „расфрлано и со упади“, „сè во вртлог“. Кратките реченици помагаат.
  • Внесете метафизика секаде каде што можете, за да ѝ дадете на својата приказна возвишеност.
  • Конечно, покажете дека генерално опсежно читате. Цитирајте некого или нешто, по можност на мртов или на германски јазик.

Уште еднаш, тонот на По е самосвесен, потсмевливи, амбивалентен во однос за неговата сопствена работа, дури и кога инсистира дека прозата на „Блеквуд“ треба да биде „наш модел за сите теми“. Тоа е затоа што тие работи се продаваат, објаснува тој. Да, почнав да пишувам „тој“. Сфаќам дека може да тврдите дека ги мешам По и ликовите во неговиот хумористичен есеј „Како да се напише статија од ‘Блеквуд’“, но се колнам дека како да го руши четвртиот ѕид, се врти и се смее кон камерата, советувајќи: „Ако некогаш ве удават или обесат, обидете се да ги запишете своите набљудувања - ќе можете да заработите десет гвинеи по страница.“

Со оглед на тоа колку неодамна „индустрискиот комплекс на првото лице“ доминираше на Интернет, ни овој совет не изгледа толку застарен. Се чини дека дури дава надеж.

Можеби можеме да смислиме како нашето време во пандемијата да го претвориме во бурлеска, или уште подобро, да ги сатиризираме популарните жанрови кога сме кај тоа. (Мислам дека не е случајно што моето омилено четиво за пандемијата беше личниот newsletter, особено од писателките кои се и мајки, како Кејти Лич и Иви Еберт. Формулата е слична: страшни или барем полутешки ситуации. Еден наратор. Шеги, и експлицитни и имплицитни.)

Додека го пишувам ова, куќата ми е во полумрак, надвор се крева бура како да сака да обезбеди некој готски мотив што недостасува, а долу моето дете се буди од дремка. Дождлива вечер во затворен простор се протега пред мене, нудејќи ми доволно време да се грижам дали овој есеј е добар или не, дали го кажав тоа што сакав да го кажам или не – но нема повеќе време за работа на него. Jetzt haben wir den Salat. (гер. – И сега, ете ни салата, заб. прев.) Сепак, ако се покаже дека е вулгарно или претенциозно, претпоставувам дека секогаш можам да се преправам дека сум имала намера да излезе така. Ако некогаш се најдете во слична ситуација, бидете сигурни и запишете ги вашите впечатоци – тие ќе ви бидат вредни, па, колку и да плаќаат уердниците деновиве.

Извор: Electric Literature

ОкоБоли главаВицФото