Бумерска математика во служба на капитализмот

02.03.2022 02:15
Бумерска математика во служба на капитализмот

Генерациската оптика не е баш најверодостојниот алат за разбирање на општествените процеси. Има неколку причини за тоа, но две се истакнуваат. Со таа оптика се бришат социјалните разлики на генерациите и со самото тоа разни општествени групи се третираат како хомоген ентитет. Втората причина се однесува на придавањето преголемо експланаторно значење на специфичните културни обрасци и трендови кои се белег на поедини генерации: од музиката до културата во секојдневието. Меѓутоа, скепсата кон генерациската оптика како социолошки алат не значи дека би требало целосно да се напушти. Причината е сосема едноставна. Така би ја напуштиле и историската димензија на нашите општества.

Политичките и економските промени низ кои поминуваат општествата ги обликуваат и генерациите. На пример, воените периоди пресудно ги обликуваат ставовите на генерациите кои ги преживеале: без разлика дали со поинтензивно искуство на политичките поделби или со поинаков однос кон смртта. Но, во фокусот не мораат да бидат екстремните искуства за да се создадат генерациски белези. Генерациите кои се формирале во периоди на позначајна улога на синдикатите или во време кога решавањето на станбеното прашање не се темелело исклучиво на пазарните движења, имаат малку поинакви погледи на проблемите од сферата на трудот или домувањето. Се разбира, како што напоменавме на почетокот, треба да се земе предвид дека генерациските искуства пресудно се обележани со класни разлики. Но треба да се има предвид дека некои генерации, како овие од последниов сугериран пример, живееле во периоди со помали класни разлики. А и не е на одмет да се присетиме на славната парола на Маркс: владејачките идеи од секоја епоха се идеи на владејачката класа.

Резервираната чувствителност во однос на генерациските разлики не ни служи само понијансирано да ѝ пристапиме на историјата на нашите општества туку и да развиеме скепса кон преовладувачките толкувања на моменталните општествени проблеми. Имено, овие толкувања често имаат „корени“ во некои претходни генерациски искуства. Тие искуства се третираат како саморазбирливи и нивните општествени извори не се бараат во политичко-економските околности туку во (не)рационалните одлуки на поединци. Генерацискиот расчекор во толкувањето денес е многу присутен во разгледувањето на проблемот за достапноста на домувањето. И покрај тоа што цените на квадратот континуирано растат во западниот свет, а и кај нас, обвинувањето за нерешавањето на станбеното прашање често не е „упатено“ кон пазарот со недвижности туку кон помладата генерација која не успева да си приушти самостојно домување. За причината за овој генерациски расчекор неодамна пишуваше Сара Манавис во текст во Њу Стејтсмен.

Маскирање на нееднаквоста

Текстот со наслов „Boomer mathematics: why older generations can’t understand the millenial struggle to buy a house“ (Бумерска математика: зошто постарите генерации не можат да ја разберат борбата на миленијалците при купувањето дом), секако, почнува од авокадото. До неодамна консумацијата на авокадото беше симбол на големото трошење на миленијалците кое ги оневозможува во решавањето на станбеното прашање. Во меѓувреме, авокадото исчезна од медиумите и заврши во мемињата, но тоа обвинување за луксуз, наведува Манавис, е многу присутно. Се врежа мислењето дека младите премногу трошат на луксуз, особено во сферата на забавата и дека заради тоа не се во состојба да се „позанимаваат“ со клучниот проблем. Им недостасува финансиска писменост, како што гласи дидактичкиот еуфемизам за недостаток на финансии. Но, проблемот е во тоа што постарите генерации често достапната широка палета на забавни содржини - од стриминг сервиси до патувања - ја сметаат за луксуз. Тие содржини денес се мошне достапни и она што ја попречува претходната генерација само да ги спореди бројките е послабата достапност на такви содржини во нивно време.

Но, како што предупредува Манавис, тоа не е единствен фактор кој ја попречува бумерската математика. Таа од формулата го исклучува политичко-економскиот контекст во кој тие го решавале станбеното прашање. Домувањето во тој период не било исклучиво пазарна категорија, а и кога било, размерот на цената на квадратот во однос на останатите стоки бил значително понизок. Проблемот не е во тоа што младите трошат на „луксуз“ туку во тоа што домувањето стана луксуз. Постои уште еден фактор кој ја попречува оваа математика, а можеме условно да го карактеризираме како морално-психолошка сатисфакција. Се работи за уште една рунда генерациска дијагностика која се заснова на наводно континуираната декаденција на помладите генерации. Постарите генерации можеле да си дозволат решавање на станбеното прашање зашто едноставно донесувале попаметни одлуки. И биле подготвени на ситни жртви за да си овозможат покрив над главата. Миленијалците, ете, не се толку паметни, а ни морално закотвени.

Меѓутоа, оваа приказна за генерацискиот расчекор не застанува само на домувањето, туку доволно ни зборува и за капитализмот во изминативе 40 години, објаснувањата на тој капитализам и нивните политички последици. Британскиот економист Џејмс Медвеј афирмативно го сподели на Твитер текстот на Сара Манавис и дополнително предупреди на централната економска лекција имплицирана во текстот. Медвеј потсетува дека последниве 40 години капитализмот е обележан со пад на цените. И тоа не само на забавните содржини, со кои се занимава Манавис, туку и на храната и особено на електрониката. Кога станува збор за последново, сведочиме и на огромен напредок на квалитетот. Меѓу другото, зад овој пад на цените стојат растот на продуктивноста и пред сè вклучувањето стотици милиони луѓе на капиталистичкиот пазар на трудот по распадот на советскиот блок и интеграцијата на кинеската економија. Ништо слично не забележавме на пазарот со недвижности. Напротив, насоката е спротивна.

Тие процеси не го зголемија само јазот помеѓу цените на домувањето и останатите стоки од секојдневната потрошувачка. Континуираниот пад на цените ја замагли и сè поголемата нееднаквост, пред сè помалите удели кои ги добива трудот во националните приходи во однос на капиталот. Кога станува збор за политичките последици, пониските цени ги правеа помалку уверливи приказните за растот на глобалната нееднаквост иако тој раст беше заснован на веродостојни податоци. Ценовно сè подостапните производи кои ги користиме секојдневно, особено електронските и дигиталните кои со себе ја носат аурата на цивилизацискиот напредок, заедно со различните облици потрошувачки кредити, релативно успешно ги маскираа сè поизразените нееднаквости. Но со доаѓањето на инфлацијата таа маска паѓа и конфликтот помеѓу капиталот и трудот станува сè повидлив. А со него, се надеваме, повидливи ќе станат и амбициозните политички барања: редистрибуцијата е само појдовна точка.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pat Perry

Извор: https://www.bilten.org/