Големата лага на Путин: „геноцидот во Донбас“

03.03.2022 12:09
Големата лага на Путин: „геноцидот во Донбас“

„Големите лаги функционираат подобро од малите лаги“, тврдеше еднаш Хитлер во неговата книга Mein Kampf, бидејќи луѓето „не би верувале дека другите би можеле да бидат до толку дрски да ја искриват вистината скандалозно“. Денес тоа е токму тактиката што ја користи Путин и неговата државна медиумска машина.

Главната лага на Путин на денешницата е дека Украина наводно спроведува „геноцид врз оние кои зборуваат руски“ инспириран од хипотетичката десничарска русофобија во Украина, и следствено, планира напад на источна Украина Донбас, и Русија. Овие директни фалсификати не се поткрепени со факти. Тие често се шират во руските домашни и меѓународни медиуми и ги репродуцира самиот Путин, вклучително и неговиот последен говор во кој тој ѝ го ускрати на Украина правото на постоење.

Наративот за „геноцид“

Наративот за „геноцид“ и „русофобија“ во Украина редовно се повторува пред руската публика на политичките ток-шоуа на државната телевизија и во говорите на руските функционери, вклучително и самиот Путин. Исто така, мали лажни приказни за наводни акти на украинска агресија во Донбас или пронајдени тела на жртви на украински воени злосторства се измислени со цел да го поддржат овој наратив.

Некои од овие неодамнешни приказни се веќе разобличени како лажни:
1.
Приказна за наводното гранатирање на објект на руската гранична стража од украинска страна
2.
Приказна за наводните планови на Украина да употреби хемиско оружје во Донбас
3.
Приказна за украинските војници кои наводно гранатирале градинка која всушност била гранатирана од руски војници

Некои руски стории не можат ниту да бидат потврдени ниту демантирани од независни извори, како што е приказната за украинска диверзантска група од пет војници и две оклопни возила, кои наводно навлегле на руска територија на 21 февруари 2022 година. Ваквите измислени приказни се покриени од локалните медиуми на окупаторите во Донбас како вистински факт и руските медиуми потоа ги шират дополнително за да ја оправдаат руската агресија врз Украина.

Главната лажна приказна за „геноцид“ што ја објавија руските медиуми и на која се повикуваат руските лидери од 2014 година, раскажува за откривањето на неколку масовни гробници во Донбас во 2014 година. Се тврдеше дека украинските војници го заклале локалното население.

Сепак, се покажа дека „масовните гробници“ се неколку незаконски погребувања на претежно стари лица и војници убиени во непријателствата во времето кога мртовечниците беа преполнети поради активната војна во 2014 година. Руската презентација на „масовните гробници“ беше отфрлена од независни новинари кој ги биле на увид на лице место.

Кристофер Милер, дописник на Buzz Feed News, напиша :

Ги видов овие масовни гробници во Луганск во октомври 2014 година, интервјуирав луѓе кои закопуваа роднини. Тоа беа претежно постари луѓе кои починале од природна смрт. Мртовечниците и гробиштата не можеа да се справат со нив, плус [имаше] прилив на луѓе убиени од војна. Русија тврди дека ова се доказ за „геноцид“ што е целосно лажно.

Оливер Керол, странски дописник во Москва, исто така сподели слики од овие нелегални гробници што ги фотографирал кога патувал во областа во 2014-2015 година. Тој, исто така, го негира наративот на Кремљ:

Патував во регионот во текот на 2014-15 година и со свои очи видов масовни погребни места. Тие им беа познати на локалното население и на полномошниците поддржани од Русија. Во суштина [тоа беа места] каде што беа закопани сиромашни, стари луѓе без роднини и можеби неидентификувани борци. Овие слики се од октомври 2014 година во Луганск.

Сторијата исто така беше разобличена како лажна од Stop Fake.

Според Stop Fake, цитирани експерти и сведоци не постоеле. На пример, како што пренесува Radio Free Europe/Radio Liberty, „експертот на ОБСЕ“ Ејнарс Граудинс немал никаква врска со ОБСЕ; тој е лидер на проруска политичка партија во Латвија. Сепак, тој беше примарен извор на тврдењето за „400 убиени цивили кои беа пронајдени во Донбас“, тврдење кое беше дистрибуирано кога медиумската кампања за геноцид првпат започна во 2014 година.


Фото: Оливер Керол

Како Путин ги инструментализира фалсификатите за „геноцид“

По бранот извештаи за наводен геноцид што руските медиуми ги ширеа во септември-октомври 2014 година, приказната стана речиси заборавена.

Повремено, рускиот претседател Путин претпоставуваше за наводен геноцид во Донбас кој бил или спроведен од украински трупи или би можел да биде спроведен доколку Донбас се врати под украинска контрола. Тој неколку пати го спореди наводниот геноцид со масакрот во Сребреница во 1995 година во Босна:

Украинската страна постојано бара можност да ја преземе контролата преку границата со своите војници. Па, замислувам што ќе започне следно. Ќе има Сребреница, тоа е сè. Видовме дискусија на претседателот Зеленски со националистите. Јасно е кој е посилен таму [во Украина]. И што ќе се случи таму [во Донбас]? И кој ќе ги води, овие националисти, кога ќе влезат на овие територии без да даваат гаранции за народот?

Во 2021 година, наративот за „геноцид“ повторно често се споменуваше. На 22 јули 2021 година, Русија поднесе случај против Украина во Европскиот суд за човекови права за наводните „воени злосторства извршени од украинската армија и националистичките баталјони во Донбас“. Русија се обиде да докаже дека Украина спроведува геноцид.

На крајот на 2021 година, медиумите на руските прокси-„републики“ Луганск и Доњецк почнаа да известуваат за откривање на гробници на локални жители, наводно убиени во 2014-2015 година од вооружените сили на Украина. Тоа беа истите илегални гробишта од 2014 година.

На 16 февруари, со цел да ги потврди наводите за геноцид, Истражниот комитет на Русија отвори кривично дело „за откривање масовни гробници на цивили на територијата на Донбас“, тврдејќи дека добил „податоци за импровизирани масовни необележани гробници, формирани по потреба надвор од специјално одредени места во врска со тековните непријателства“.

Како Путин ги инструментализираше извештаите за „украинските националисти“

Најверојатно, украинските националисти за кои зборува Путин се волонтерски баталјони Десен сектор и Азов, иако тој не ги именува. Баталјоните учествуваа во операцијата на обединетите сили на украинската армија во Донбас во 2014 година. Азов потоа стана пешадиски полк на украинската национална гарда. Сепак, овие баталјони се многу мал дел од украинската армија.

Во однос на нивната можна екстремно десничарска идеологија, постојат утврдени врски меѓу некои членови на Азов и политичката партија Национален корпус. Партијата, сепак, има слаба поддршка во општеството и никогаш не влезе во парламентот. Злонамерна лага е тврдењето на Путин дека тие имаат какво било политичко значење во Украина.

Спротивното е случајот, бидејќи најголемиот број украински војници кои моментално се борат во Донбас – се од областа Днепар во Украина, која претежно се говори руски. Антон Шеховцов, директор на Центарот за демократски интегритет, автор на „Русија и западната крајна десница“ вака го резимира ова:

Користејќи ја својата стратегија за игра, Кремљ е преокупиран во измислувањето на голема руска лага: наводен геноцид на етничките Руси во Донбас. Имајте до знаење дека значителен процент од украинската војска што ја брани својата татковина од агресијата на Путин се од етничко руско потекло. Украина нема проблем со етничката припадност – на крајот на краиштата, мајчиниот јазик на претседателот на Украина со еврејско потекло – е рускиот јазик. Она со што Украина има проблем се агресорите од кое било етничко потекло. Украина е мултиетничка, така и агресорите.

Интерактивна мапа која го прикажува бројот на убиени украински војници во руско-украинската војна од 2014 до 2018 година по регион. Како што се гледа: луѓето од украинскиот (западниот) и рускиот (источниот) регион подеднакво учествуваа во војната. Но, градот од кој дојдоа најголем број украински бранители е регионот Днипро (452) каде претежно се зборува руски јазик. Извор: Novynarnia

Кети Јанг, политички експерт од Институтот Като во Вашингтон, напиша статија во која се анализираат факти и фалсификати за „украинските националисти“, покажувајќи го нивното мало влијание. Таа, сепак, нагласува дека:

Самопрогласените „републики“ Доњецк и Луганск отсекогаш биле магнет за руските ултранационалисти и отворените неофашисти – почнувајќи од Павел Губарев, кој го започна сепаратистичкото востание во Доњецк во март 2014 година… [Тој е член на] Руското национално единство, чиј амблем има непогрешлива сличност со свастиката.

Таа, исто така, ги опишува врските на милитантите од Донбас со основачот на „евроазиското движење“, Александар Дугин, кој е екстремно десничарски лидер во Русија и навистина отворено повика на „геноцид“ на „расата копилиња“ за која сметал дека ги заменила вистинските Словени во Украина.

{Во 1997 година, додека сè уште бил ко-водач на Национал-болшевичката партија на Русија, Дугин го објавил своето најважно дело „Темелите на геополитиката“. Воениот советник на Дугин за оваа книга бил генерал-полковникот Николај Клокотов кој предавал на Воената академија на вооружените сили на Русија. Со помош на овој генерал-полковник, Дугин дал план за изградба на Евроазиската Империја. Одредени региони и земји би биле одземени по пат на воена сила (груба сила), други региони и земји - со силата на убедување (мека сила). Во поглед на Украина, на пример, Дугин напишал:

Сувереноста на Украина претставува еден таков негативен феномен за руската геополитика што може, во принцип, лесно да предизвика воен судир. Украина како независна држава со одредени територијални амбиции сочинува огромна закана за целата Евроазија, а без решението на украинскиот проблем, нема смисла да се зборува за континенталната геополитика. Земајќи го предвид фактот дека едноставна интеграција на Москва со Киев е невозможна и нема да резултира со стабилна геополитичка структура, Москва треба активно да се вклучи во реорганизација на укранскиот простор во согласност со единствениот логички и природен геополитички модел.

Овој „логички и природен геополитички модел“ подразбира поделба на Украина на неколку „зони“, мнозинството од кои ќе бидат директно контролирани од Москва. Ова е нешто што Кремлин моментално веќе се обидува да го направи од 2014-2015 и уште поинтензивно со директно воено вмешување во Украина на 24 февруари 2022 година.

Пропаста на прорускиот режим на Јанукович е голем пораз за руските национални интереси. Путин ја гледа Украина како сателит на рускиот протекционистички капитализам. Како што еднаш тој му рекол на тогашниот американски претседател Џорџ Буш: „Украина дури не е држава.“ Во јавност, г-дин Путин не може да се дрзне да ја нарече Украина било што освен „крај“, руски збор за територија. Тој е одлучен да ја стопира Украина да се најде под крилото на европскиот капитализам предводен од Германија. Но, неговиот човек, Јанукович не можеше да помогне. Затоа, сега тука се неговите лоши момци од ултранационалистичкиот лумпен-пролетеријат да ја завршат црната работа. – Томислав Захов}

Путин често се повикува на украинските националисти и наводниот „геноцид“ извршен од нивна страна во контекст на неговите тврдења за наводна „русофобија“ во Украина. Ова е важен дел од неговата приказна врз голема лага а која е опишана во детали во неговото обраќање на 21 февруари кога рече дека „Украина е дел од руската историја“ и го негираше постоењето на Украина како независна држава.

Ова е очигледно превртување на целата приказна за „фобија“ наопаку, токму според описот на Хитлер за големите лаги. Во реалноста, единствената „фобија“ што ја има Путин е дека стравот од силна демократска Украина ќе ја поткопа неговата авторитарна поддршка во Русија, како што рече Питер Дикинсон, главен уредник на списанието „Бизнис Украина“.


Фото: Оливер Керол

Големата лага и новинарските стандарди

Фактите како руската окупација на Крим и Донбас со трупање 150.000 војници околу Украина треба да бидат рамка на дискусијата за актуелните настани, наместо паушални мислења и обвинувања искажани од марионети на Кремљ. Исто како и руската тортура на затвореници на окупираните територии, што е документирано кривично дело, вклучително и со извештаи на ОН и искази на сведоци (1, 2, 3, 4, 5, 6).

Ова е ставот на Отар Довженко, украински медиумски аналитичар и главен уредник на Detector Media, кој го сподели со Euromaidan Press кога беше прашан во врска со ова прашање:

Стандардот за рамнотежа на мислењата предвидува дека медиумите или новинарот, кога известуваат за конфликтна ситуација (а тоа е секоја ситуација во која има повеќе од една верзија на настани или повеќе од еден поглед на настаните), им дава збор на сите тангирани страни во конфликтот. Меѓутоа, секој конфликт се јавува во одреден систем на координати што ја ограничува способноста на страните да го кажат своето мислење. На пример, во „конфликт“ меѓу жртвата и сторителот кој се обидува да ја убие жртвата, такво ограничување е законот и универзалниот морал, кој го смета убиството за неприфатливо. Убиецот можеби има некоја луда теорија која му дозволува да ја убие жртвата, но оваа теорија им е интересна само на форензичарите. Кога станува збор за руската агресија врз Украина, украинските медиуми ја разгледуваат оваа тема во системот на координати на меѓународното право и украинското право. Затоа, нема потреба, на пример, да се балансира позицијата „Крим е Украина“ со позицијата „Крим е Русија“.

Тој додава дека треба да се пренесат некои мислења на окупаторите кои се важни затоа што можат да ги дефинираат нивните одлуки и дејствија, како што е неодамнешната изјава на Путин дека таканаречените републики Доњецк и Луганск се признати на територијата на сите области Доњецк и Луганск, што значи дека може да започне понатамошна воена операција за продолжување на актуелната линија до оваа декларирана граница.

Подобро е, рече Довженко, таквите изјави да се пренесуваат на индиректен јазик.

Руската интелигенција исто така го спореди Путин со Хитлер

Не само Украинците, туку и дел од Русите сега ја разбираат тактиката на Путин. Најновото писмо од 21 февруари на рускиот Конгрес на интелигенција против војната јасно ја поврзува тактиката на голема лага на Хитлер со таа на Путин:

Официјалната руска реторика сугерира дека во секој момент може да се измисли изговор за започнување инвазија [на Украина], до употреба на директни провокации, како што беше направено од Хитлер пред инвазијата на Полска во 1939 година. Во овој случај, Украина ќе биде обвинета за агресија на кој било начин, а дејствијата на Русија ќе бидат претставени како принуден одговор на оваа агресија во име на заштита на својата земја и цивили. Но, историјата не може да се залаже. Пожарот во Рајхстагот беше разоткриен. Дали војната ќе започне или не, денес зависи само од одлуките и активностите на политичкото раководство на Русија.

Забелешка: На 24 февруари 2022 година, Русија започна нова војна во Европа од размери кои се невидени од почетокот на Втората светска војна. Руски проектили ги погодија украинските градови, руските трупи ја преминаа украинската граница – во акција стапија авијација, тенкови, артилерија, диверзанти. Украина беше истовремено нападната од три страни. Дополнително, украинската влада и веб-страниците на медиумите беа под масовен сајбер напад.

Шокирачкиот и страшен ракетен напад не успеа да ги деморализира Украинците. Украина го прими првиот удар и веднаш почна да возвраќа, бидејќи врховниот командант на земјата нареди да му се нанесат максимални загуби на агресорот. Првиот ден покажа дека украинската армија може и ќе се бори за својата земја: на Интернет почнаа да се појавуваат фото и видео докази за уништени руски авиони, тенкови, камиони и војници.

Превод: Томислав Захов

Извор: Euromaidanpress.com

ОкоБоли главаВицФото