Средба во рајот

04.03.2022 15:54
Средба во рајот


При крајот на 1956 година за првпат пристигнав во Париз и останав неколку месеци, cè до мај идната година. За малку тој град ќе ја скршеше мојата волја. Видов каде сум и што сум спрема таа чудесија градена и организирана со векови од еден голем народ. Ми ce чинеше дека и крајната цел на еден голем народ е да создаде голем град со својствен изглед, својствена душа и физиономија.

Сепак најдов некоја опора во себе. Првото прибежиште ми беше полутемната просторија на Институтот за славистика (ул. Мишле 9). Но таму ме чекаше мрачната прилика на стариот библиотекар, руски емигрант, господин Бутчик. Сув, кожа и коски, ќелав, намуртен како да се грчи од некоја тешка, постојано присутна болка, господин Бутчик беше далеку од родот на оние љубезни и пријатни библиотекари, секогаш готови да услужат, да поразговараат токму колку што треба и дури да му помогнат на читателот со свои совети. He, господин Бутчик не ги привлекуваше своите гости, ами повеќе ги одбиваше. Особено сурово ги пречекуваше оние што доаѓаат првпат. Неговиот поглед ги мереше од глава до петици, полн со сомнение и со студ што крева морници. Можеби и тоа беше една од причините што господин Бутчик никогаш немаше многу читатели во својата полумрачна сала.

Но јас останав неколку месеци и, ce чини, успешно ја издржав карантината. Јас сум по природа многу претпазлив спрема луѓе што ме држат во напнатост и многу внимавам да не ги повредам ниту со пренаглен гест, ниту со самосвесна интонација. Моето доста добро знаење на рускиот јазик и литература спомогна да ce зближиме полека-полека со господин Бутчик. Од ден на ден јас ce чувствував cè послободно во неговото присуство, но сепак постојано ce трудев да не ја нарушам со нешто, ами да ја градам натаму еднаш создадената хармонија.

Дека таа беше постигната, ce виде кога господин Бутчик сам ми понуди да ја прочитам неговата библиографија на француски преводи од руската белетристика. Таа книшка беше полна со гнев, жолч извираше од неа. Господин Бутчик со право негодуваше дека Французите не само што малку преведуваат од руски, ами притоа се однесуваат дури светотатски спрема најголемите творби на рускиот дух. За илустрација на тоа во неговото дело беше репродуцирана насловната страна на преводот на „Ана Каренина“, на која хероината на Лав Толстој беше претставена скоро како шантанска дама. Какво неразбирање, какво ужасно искривување! Разбрав како и зошто, капка по капка, ce собирала горчината во овој човек, ништејќи ја неговата веселост, не оставајќи ни трага од осмев на неговото лице.


Кога му ја враќав книгата, тој дури со некаков трепет исчекуваше што ќе кажам. Беше многу задоволен кога му кажав дека, според мене, им дал добра лекција на Французите. „Знаете како ce искажа господин Жорж Диамел кога ја прочита?“ – си спомни пред мене господин Бутчик. – „Тој само трипати повтори: Je proteste! Je proteste! Je proteste!“

Дека јас и суровиот господин Бутчик многу сме ce зближиле, почувствував кога требаше да си заминам од Париз. „Ете, – рече тој – ќе се сретнат луѓе, ќе се спријателат a потоа веднаш треба да се разделат“. Неговиот глас трепереше од возбуда, влага ги прелеа неговите сини очи.

Минаа некои дванаесет години и јас пак ce најдов во Париз, во истиот Институт, каде што сега требаше да држам предавање. Малку надеж имаше дека ќе го видам господин Бутчик, којшто за мене остана незаборавен, но со кого не одржував никакви контакти по разделбата. A тој сепак ме пречека речиси на влезната врата. По поздравувањето и првите разменети зборови, ми рече: „Јас сум повеќе години во пензија и не доаѓам овде, уште помалку на овие предавања. Сегa дојдов само за да Be видам Bac. He ми се верува дека ние уште еднаш ќе ce сретнеме во животот и затоа сакам да Ви пренесам една многу важна порака. Кога ќе дојдете во рајот, за да не скитате многу и да не губите време барајќи ме, знајте дека јас Be чекам веднаш до влезот од десната страна“.

Го пишувам ова и ми ce чини дека господин Бутчик ме гледа одозгора од некое небеско прозорче. Иако тоа не му беше својствено, тој сега ce поднасмева и како да ми вели: „Да, местото е закажано, a јас од секидневниот рајски билтен беспогрешно ќе дознаам во кој час Вие ќе пристигнете овде. Јас и тука работам во библиотеката“.

Од „Дневник по многу години“



Слики: Marc Chagall

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото