Добриот, креативен и умен уметник и иноватор – Добрин

04.03.2022 14:57
Добриот, креативен и умен уметник и иноватор – Добрин

 

Добри Трендафиловски – Добрин е роден 1918 година во селото Кокино (каде што во 2001 година е откриена истоимената, сега веќе светски позната опсерваторија од 1800 г.п.н.е.). На двегодишна возраст, по иницијатива на неговиот дедо Трендафил (кој претходно бил на печалба во Унгарија), семејството на Добрин се преселило во Куманово. Тука тој завршил основно образование и петгодишен браварски занает. Учесник е во Народноослободителната борба, а по ослободувањето „Комитетот“ го назначува за директор на Централата во Куманово. Набргу се откажал од функцијата бидејќи, како што рекол, „таа работа не била за него“. Повеќе бил заинтересиран за „разноразни изуми“, а од таа преокупација кон која приоѓал со големо љубопитство и страст познат е по следниве иновации: мотор со погон на бензин за производство не електрична енергија, хидраулична петтонска преса која имала примена во фабрика за заварени цевки и профили, машина за цигли, вршалка на струја, цедалка за мед, инкубатор итн. Меѓу најинтересните пронајдоци секако е „авионот“ -леталото со мотор од цитроен (Дијана 6), крила од алуминиумски летвички со пластични платна, дрвен пропелер, делови за командна табла, како и сите други елементи набавени од отпад; со тој авион Добрин на спортскиот аеродром „Аџи Тепе“ во Куманово безуспешно се обидувал да полета.

Обидите ликовно да се изрази кај Добрин (така се потпишувал на своите слики и под тоа име беше познат) потекнуваат од времето на првото работно ангажирање од средината на триесеттите години на минатиот век кога, во малкуте слободни мигови, на вреќите брашно или било какво друго хартииче, со извесна социјална компонента, ги цртал работниците во ситуации и пози од секојдневната работа. По 1950 г. со посериозен пристап започнува неговото навлегување во полето на уметноста, и со силен жар тој му се посветува на сликарството до крајот на животот. Од големиот број сликарски творби (околу 900) што ги создал овој необичен, даровит, по многу нешта особен и плоден автор, поради отсуството на уредна евиденција, можат да се обезбедат податоци само за стотина дела. Останатите се наоѓаат во голем број приватни колекции ширум светот (САД, Русија, Австралија, Кина, Јапонија, Нов Зеланд, а еден мал дел и во музеите на наивна уметност во Јагодина-Србија, Сански Мост-БИХ, Куманово итн.).

Тој е вистински автодидакт. Се чини дека просто бил предодреден за креативна активност. Тематско-мотивското подрачје на неговата творечка инспирација се разни претстави од секојдневниот живот на село: вообичаените работни активности, но и сцени поврзани со животните навики и духовните потреби. На тој начин сликарот ја потврдува нераскинливата врска со поднебјето, со појавите што го сочинуваат и му даваат посебни белези. Поради тоа во неговите ликовни остварувања на впечатлив и витален начин се вградени идиличноста и носталгичноста на атмосферата. Добрин е автор кој се потпира на сопствената имагинација остварувајќи сраснатост на творечката природа со творечкиот свет на претставувањето, спонтаноста и непосредноста во отсликувањето на нагонската изворност на внатрешниот набој. За него творештвото може да се разбере само како претставување на состојбата на духот низ лична инвентивна и иновативна лабораторија. Автентичниот печат во творештвото е силно потенциран оти е плод на искреното посегање по најдлабоките, најсложените, слоевито наталожени силни доживувања кои неизбришливо му се врежале во потсвеста од најраното детство. Тој е творец на ведрата страна на животот кој истовремено е исполнет со работа и труд, проткаен со моменти на среќни мигови и опуштеност, придружен со бајковити и фантастични асоцијации, некогаш дури и со благ потсмев, шегобијност и хумористичност.

Најстарите маслени слики припаѓаат на истата тематска матрица поврзана со силината на впечатоците од руралната средина. Иако тешко се утврдува степенот на нивната техничка дотераност, врз основа на сочуваните творби сепак се извлекува заклучок дека авторот рано ги совладал неопходните технолошки знаења. Како одделни секвенци на моментни расположби и инспиративни поттици, низ перманентната посветеност и постојаност на креативниот немир, се нижат сцени кои ги отсликуваат навиките и животот, не изоставајќи ја извесната нитка на документарност на претставата. Животниот амбиент е претставен во ситуации кога поединци, семејната или пошироката заедница извршуваат секојдневна работна обврска во служба на егзистенцијалните потреби, но и кога истите се протагонисти на поопуштена атмосфера на некаква гозба, веселба со оро и слично.

Посебно место заземаат сликите кои наликуваат на групна фотографија, како начин за вечен спомен на поколенијата. Најдоминантниот дел од тие слики (кои се и меѓу најуспешните) се изведени со едноставна и одмерена композициска распореденост, складна и беспрекорно функционална конципираност на дејствието. Спектарот од тонски амплитуди не е со изразит дијапазон и се заокружува во рамките на придушена кафеавкаста и црвенкасто-портокалова топла колористичка гама. Притоа како да се поклопуваат објективната и уметниковата стварност, интензитетот во преточувањето на внатрешните емоционални состојби со визуелниот впечаток. Леснотијата во пристапот, спонтаноста и искреноста во реализирањето на поттиците, финото чувство за хармоничност и одмереност, прават делата на Добрин да предизвикуваат непосредност на доживувањето.

Во продолжение пренесуваме дваесетина дела од Добри Трендафиловски – Добрин.

Трајна вечера, 1987

Мајчинство, 1971

Патишта, 1987

Рекорд, 1966



Дете со вол, 1974


Сто години

Овчар, 1975

Овчар, 1987

Суша, 1985

Сестри, 1987

Во природата, 1985

Јованова куќа, 1985

Мотив од Козјак

Оро, 1985

Оро, 1990

Без наслов, 1973

Бајачка, 1973

Ботаничар, 1988

Доилка на син, 1988

Портрет со кокиче, 1968

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото