Пепелашка и Феникс

05.03.2022 14:58
Пепелашка и Феникс

 

Еден убав ден, на брегот на Тивкиот Океан се сретнале Пепелашка и Феникс. Од малите ронки и зрнца пепел, Феникс ја замолил Пепелашка да му даде еден дел од своето тело за да може да воскресне, макар една клетка. И таман Пепелашка се спремила да му го даде своето лево стопало, од некаде долетал Икар, и сиот таков изгорен, поточно пеплосан, едвај дишејќи се струполил врз пепелта на Феникс. Така било спасено стопалото на Пепелашка, а за тоа време едното крило на Икар сѐ уште мрдало, додека подгорените пердуви се прпелкале во одамна изладената пепел. Кога ветрот ги слушнал кревките и немоќни, но ритмични замавнувања на речиси мртвото крило на Икар, се сожалил и почнал толку силно да дува, што ја расеал сета пепел низ океанот, како семе од кое на дното на водата во истиот миг настанале милион планктони.

Тогаш Пепелашка добила сила и почнала да пее со ѕвонлив глас и опиени од нејзината песна сите планктони влетале во устата на првиот кит што се појавил на видикот, и така Феникс уште еднаш оживеал.

Цртеж: Будимка Поповска

ОкоБоли главаВицФото