Украина и Русија од историски аспект - како е создадена Украина и кои се врските со Русија

07.03.2022 01:50
Украина и Русија: Што вели историјата - како е создадена Украина и кои се врските со Русија

Конфликтот меѓу Русија и Украина кој трае последниве осум години ги доведе во опасност не само двете земји, туку и целиот свет.

Украина и Русија, како и многу други соседни земји, споделуваат заедничко историско наследство.

Колку ова наследство ги поврзува, толку и ги дели.

Таа приказна почнува во 9 век со Киев, главниот град на денешна Украина.

Киев бил главен град на Киевска Русија - првата словенска држава.

Оваа држава ја основал народот Рус, околу чие потекло и денес се водат научни дискусии.

Западните стручњаци наведуваат дека се работи за изаднок на викиншкото племе Варјага, додека руските научници тврдат дека е во прашање словенско племе, наведува енциклопедијата Британика.

И Русија и Украина настанале од Киевска Русија.

Москва е основана во 12 век и тогаш се наоѓала на североисточната граница на Киевска Русија.

Киев е основан во 5 век.

Во оваа држава најмногу имало православни христијани.

Во 988 година, Владимир Свјатославич или Владимир Први Велики, го прогласил христијанството за официјална религија.

Владимир ја проширил Киевска Русија и таа ги опфаќала териториите на денешна Белорусија, Русија и Украина, сè до Балтичкото море.

Белорускиот, украинскиот и рускиот јазик произлегле од многуте дијалекти кои се зборуваат ширум овие области.

Мапа од 16 век

Тоа е заедничкото културно наследство што ги обединува овие три земји.

Владимир Путин неодамна најави дека Русите и Украинците се еден народ.

Меѓутоа, стручњаците не се сложуваат со тоа.

Велат дека двата народи потекнуваат од иста држава, но историјата на Украинците била поинаква во последните девет векови.

За судбината на украинскиот народ во тој период одлучувале разни сили.

Д-р Ендрју Вилсон, професор по украински студии на Универзитетот во Лондон, вели:

Важно е Украина да се гледа како комплицирана сложувалка, како регион или идентитет.

Во 13 век Монголите окупирале разни делови од руските држави.

Меѓутоа, во 14 век монголското владеење ослабело, а тоа го искористиле Големото московско кнежевство и Големото кнежевство Литванија за да ги поделат руските земји.

Киев и околината ги окупирало Големото кнежевство Литванија (која подоцна ѝ се придружила на Полска), чии претставници ги донеле ренесансата и реформистичката идеологија.

Подоцна Хабсбуршката монархија владеела со областите Галиција и Карпати во западна Украина.

Културното наследство од тој период сè уште е присутно на овие подрачја.

„Историјата на западна Украина многу се разликува од историјата на источна Украина“, рече историчарот Џефри Хоскинг за Би Би Си.

Многу луѓе во западна Украина не се верници на Руската православна црква, туку на унијатските и гркокатоличките цркви, чиј врховен поглавар е папа.

Освен тоа, полуостровот Крим има поинаква историја од остатокот од Украина, заради историското наследство на Грците и Татарите, како и периодот под турска и руска власт.

Два брега

Во 17 век војната помеѓу Полско-литванската унија и руските царови ги довела сите области источно од реката Днепар под руска контрола.

Украинците го сметале тоа подрачје за нивен лев брег.

Во истиот век, постоела козачка држава во централните и северозападните области на денешна Украина, но во 1764 година ги анектирала руската царица Катарина Велика.

Руската војска освоила и делови од Украина кои биле под контрола на Полска.

Потоа била спроведена политиката позната како русификација.

Таа подразбирала забрана за употреба и учење на украинскиот јазик, а луѓето биле под притисок да ја променат верата и така е создадена своевидна „мала каста“.

Кога бранот на национализмот заплиснал многу западни земји и се прелеал на териториите на Полска и Австроунгарското царство, луѓето сè почесто почнале да се изјаснуваат како Украинци за да се разликуваат од Русите.

Но, 20 век ја донесе болшевичката револуција, а со неа и создавањето на Советскиот сојуз, кој повторно одново ја сложи украинската сложувалка.

Нерешена сложувалка

Јосиф Сталин, советскиот лидер пред крајот на Втората светска војна ја анектираше Украина од Полска.

Во педесеттите години од минатиот век Москва ѝ го отстапи Крим на Украина.

Дури и после оваа одлука, регионот одржуваше цврсти врски со Русија, за што сведочи и податокот дека базата на Црноморската флота беше во Севастопол.

Советската влада со децении се обидуваше поенергично да го наметне руското влијание во Украина.

Заради тоа Украина многупати мораше да плати голема цена.

Во триесеттите години од 20 век милиони луѓе во Украина, која беше дел од Советскиот сојуз, умреа од глад кој го наметна Сталин со одлуките зашто сакаше селаните да им се придружат на колективните задружни земјоделски стопанства - колхози.

Киев

Потоа, Сталин во Украина насели голем број жители од други делови од СССР кои не го знаеле украинскиот јазик.

Меѓутоа, културолошки гледано, советска Москва никогаш не успеала да доминира во Украина.

Според историчарот Хоскинг, иако економските, политичките и воените одлуки и натаму наметнувани од центарот во Москва, Украина имала „извесна автономија“ во областа на културата и образованието.

Иако рускиот јазик беше доминантен, децата во основно училиште продолжија да учат украински.

Многу книги се печатени и на украински.

Во втората половина од 20 век почна да расте и да јакне националниот сентимент, особено меѓу украинските интелектуалци.

Грешки и длабоки поделби

Советскиот сојуз се распадна во 1991 година и во 1997 година беше потпишан договор помеѓу Русија и Украина.

На тој начин е потврден интегритетот на границите на Украина.

Меѓутоа, во разни делови од земјата постоеја сериозни разлики и пукнатини кои делуваа како понор.

Луѓето во источниот дел од Украина имаат блиски односи со Русија, зборуваат руски и главно се православни.

Во западна Украина каде низ историјата владееле Полска и Австроунгарија има многу луѓе кои се католици и зборуваат украински.

Секој има сопствен сон: некои копнеат да се вратат во недрата на она што го сметаат за татковина, додека други сакаат да тргнат по сопствен пат.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bbc.com/

ОкоБоли главаВицФото