Параолимпијада 2022: Највпечатливите моменти од првите три дена

07.03.2022 17:38
Најнезаборавните моменти од првите три дена од Параолимпијадата во Пекинг 2022

Оксана Мастерс


Кинеската престолнина Пекинг е домаќин на околу 600 од најдобрите светски параолимписки спортист(к)и кои до 13 март ќе се натпреваруваат во 78 различни настани во шест спортови: алпско скијање, крос-кантри скијање, биатлон, сноуборд, парахокеј на мраз и карлинг со инвалидска количка.

Од американската легенда Оксана Мастерс, која победи на женскиот спринт во пара биатлон, до првиот златен медал на Велика Британија освоен од Нил Симпсон, погледнете ги најнезаборавните моменти од првите три дена од Параолимписките зимски игри во Пекинг 2022 година.


16-годишната Александра Рексова од Словачка

ДЕН 1

12 златни медали доделени на првиот натпреварувачки ден

Зимските параолимписки игри во Пекинг започнаа со 12 натпревари во пара-алпско скијање и парабиатлон.
На натпреварот во пара-алпско скијање, спортист(к)и од шест различни нации освоија злато, при што првиот ѝ беше доделен на Хенриета Фаркасова, која победи во женскиот спуст со оштетен вид, трка во која Велика Британија исто така стигна до подиумот со Мили Најт која освои бронза. Канадските спортисти освоија два медали тој ден, при што Моли Џепсен го освои златото во спуст за жени пред Мек Марку да го освои среброто во спуст со оштетен вид за мажи. И во последниот настан на денот, Кори Питерс од Нов Зеланд освои злато во машка конкуренција во спуст со седење.

Во пара-биатлонот, спортската легенда Оксана Мастерс од САД го освои златото во спринт со седење за жени. Нејзиниот триумф беше проследен со две победи од нацијата-домаќин, при што Лиу Зиксу триумфираше во машкиот спринт со седење пред 17-годишната Гуо Јуџие да освои двојно злато со победата во дисциплината спринт со стоење за жени. Во последните три натпревари на денот, украинските спортисти освоија тројно злато во: машки спринт со стоење (Григориј Вовчински), женски спринт со оштетен вид (Оксана Шишкова) и машки спринт со оштетен вид (Виталиј Лукианенко).

Момент на денот

Еден од најтрогателните моменти на денот не вклучуваше ни медал, бидејќи 57-годишната параалпска скијачка од Белгија, Линда ле Бон, се натпреваруваше во спуст со оштетен вид покрај својата ќерка, која ја зеде улогата на нејзин водич откако нејзиниот првичен водич не можеше да се натпреварува поради административна грешка.
Ќерката Ула го кажа ова по трката: „И порано сум скијала на трки, но не сум скијала со мајка ми зад мене, би рекла дека тоа е малку возбудливо! И одлично искуство е и среќна сум што сум овде“.

Спортист/ка на денот

Легендата за Оксана Мастерс продолжува да расте, бидејќи Американката со потекло од Украина додаде уште еден златен медал во својата колекција што ги опфаќа и зимските и летните спортови. Златото на Мастерс во спринт во пара биатлон за жени сега ќе се придружи на двете злата што ги освои во пара крос-кантри скијање во Пјонгчанг 2018 година и на двојното злато освоено во пара велосипедските натпревари во Токио 2020.

Едноставно маестрално.


Линда ле Бон и ќерката Уна

ДЕН 2

Радост за домаќините бидејќи кинеските спортисти освоија четири злата

Натпреварот во пара крос-кантри скијање започна на 6-ти март, при што првите два златни медали им припаднаа на спортистите од Народна Република Кина. Севкупно, кинеските спортисти освоија четири од осумте злата на денот што се покажа како триумфален за домаќините на Зимските параолимписки игри.

Женг Пенг освои злато во дисциплината крос-кантри скијање со седење на долги патеки за мажи, додека Мао Жонгву го освои сребрениот медал. Бронзата му припадна на Колин Камерон од Канада. Во седењето на долги патеки за жени, Јанг Хонгчионг ја победи легендарната американска летна и зимска параолимпијка Оксана Мастерс, при што Мастерс се задоволи со сребро, а друга кинеска атлетичарка, Ли Панпан, освои бронза.

Во пара-алпското натпреварување, Велика Британија го освои своето прво злато досега на игрите со Нил Симпсон кој триумфираше во машката конкуренција во супер-Г со оштетен вид. 16-годишната натпреварувачка од Словачка Александра Рексова ја победи најодликуваната британска зимска параолимпијка Мена Фицпатрик и освои злато во женската конкуренција во супер-Г со оштетен вид, додека спортистките од земјата-домаќин ја зголемија својата растечка колекција со златните медали за Џанг Менгкиу и Лианг Џинги во стоење во женска и машка супер-Г конкуренција.

Момент на денот

Евидентна беше братската љубов во машката конкуренција во супер-Г со оштетен вид, кога британецот Нил Симпсон го освои третиот златен медал за неговата земја досега - и прв освоен од машки спортист - воден од неговиот брат Ендру.

„Сè уште не можам да го опишам со зборови“, изјави Нил по трката. „Последниве неколку години беа прилично голем хаос со сè што се случуваше. Сè уште не ми се верува.“
Постариот брат и водич Ендру продолжи: „Знам како да го возбудам Нил и знам како да го задржам смирен, и најважното – да се осигурам дека е во вистинско расположение да ‘нападне’. И тој одлично го прави истото за мене. Точно знаеме што другиот сака и што му треба.“

Спортист/ка на денот

16-годишната Словачка Александра Рексова даде изведба неочекувана за нејзината возраст, за да ја освои титулата во женско пара-алпско скијање во супер-Г со оштетен вид, претркувајќи ја актуелната параолимписка шампионка во спуст, Хенриета Фаркашова и најуспешната зимска параолимпијка од Велика Британија, Мена Фицпатрик.
Времето на Рексова од 1:17.01 беше цели 1.78 секунди под времето на второпласираната Фицпатрик, која сега има пет параолимписки медали.


Пенг Женг од НР Кина

ДЕН 3

Сноуборд освојувања за НР Кина

На третиот ден од Зимските Параолимписки игри во Пекинг 2022 година се одржаа 14 доделувања медали, со многу акција во алпско скијање, крос-кантри и првите медали на сноуборд натпреварувањата. Медалите ги собра домаќинот Народна Република Кина во големото финале во сноуборд крос SB-UL за мажи, при што Џи Лиџиа го освои златото; Ванг Пенгјао и Жу Јонгганг освоија сребро и бронза. Порано истиот ден, Сесил Хернандез (Франција) го освои златото во големото финале во сноуборд крос SB-LL2 за жени, додека Мати Суур-Хамари (Финска) победи во машката конкуренција. Во големото финале во сноуборд крос SB-LL1 за мажи, актуелниот светски шампион Тајлер Тарнер (Канада) го освои златото. Имаше уште канадски успеси во натпреварот во крос-кантри скијање со Брајан МекКивер и Натали Вилки кои триумфираа во дисциплините со оштетен вид на долги патеки и со стоење на долги патеки, соодветно.

Велика Британија додаде уште два медали на својот биланс во Пекинг 2022 година, бидејќи Мена Фицпатрик и Нил Симпсон, кои претходниот ден го освоија златото во конкуренцијата супер-Г, ги освоија бронзените медали во соодветните суперкомбинирани дисциплини со оштетен вид. Сребрениот медалист во супер-Г, Џакомо Бертањоли (Италија) победи во машка конкуренција, додека Хенриета Фаркасова (Словачка) беше победничка во женската трка.

Момент на денот

Дваесет и едногодишната Еба Арсјое (Шведска) имаше неверојатен настап во суперкомбинираната стоечка дисциплина за жени и го освои златото на својата прва Параолимпијада со време од 1:56.51 - секунда и пол побрзо од Џанг Менгкиу (НР Кина ) во сребро. По трката, Швеѓанката имаше инспиративна порака за надежните спортисти ширум светот.

„Сакам други девојчиња со попреченост - и момчиња, исто така - да ме погледнат и да помислат: ‘И јас го можам тоа’. Сакам да им покажам, еве, стојам овде, постапете како што направив јас. Ќе станете многу посилни и подобри луѓе“.

Спортист/ка на денот

Пред големото финале на сноуборд крос SB-LL2 во понеделникот, Сесил Хернандез имаше собрано три медали од параолимпијадата и девет медали од светските првенства (вклучувајќи пет злата) во својата блескава кариера. Параолимпиското злато, до овој момент, ѝ бегаше.

Сепак, 47-годишната спортистка оствари фантастична изведба во снежниот парк Жанџијаку Гентинг за конечно да го освои недостижното параолимписко злато.

„Многу сум среќна поради овој златен медал. Ова ми беше сон откако почнав да се занимавам со параолимписки сноубординг“, изјави Французинката. „Неверојатно е. Сè уште не сфаќам што се случи. Да направам сe’ што направив за да бидам тука и потоа да го заслужам овој златен медал, тоа беше сон, а сега тој сон се оствари. Навистина сум многу горда“.

Извор: Olympics.com