Зошто е потребна феминистичка надворешна политика?

08.03.2022 14:08
Зошто е потребна феминистичка надворешна политика?


Од познатиот радио говор на Лора Буш во кој изјави дека инвазијата на Авганистан ќе ги ослободи тамошните жени, до повикувањето на правата на жените од страна на администрацијата на Трамп додека се повлекуаше од нуклеарниот договор со Иран, водењето војна во современиот свет често се поврзува со родовата еднаквост. Оние кои го туркаат Западот да преземе „мускулест“ пристап за унапредување на неговите интереси на далечни места, преку бомбардирање, дронови или економски санкции, сакаат да вметнуваат убави слики од жени во мини-здолништа во нивното застапување. Без оглед на вистинските мотиви, користењето реторика за обезбедување на слободата на жените стана стандардна практика за време на западните интервенции.

Ваквите цинични потези честопати ни паѓаат на ум кога ги слушаме зборовите „етичка надворешна политика“. Но, цела област на тивка работа лежи зад тоа. Голем дел од западната надворешна политика се занимава со зајакнување на мирот и стабилноста во областите од стратешки интерес за владите. Тоа вклучува испраќање советници за подобрување на војската на земјите во развој, поддршка на здравствената заштита и образованието преку развојна помош и вршење дипломатска работа за да се натераат конфликтните страни да преговараат пред работите премногу да се влошат. Со години наназад, различни влади ја вткајуваат родовата еднаквост во овие напори. Кога развојната помошт формално се наоѓа во истиот оддел со надворешната политика, како што е во Британија, тие напори можат да добијат сериозна политичка поддршка.

Идејата дека феминизмот треба да ја информира надворешната политика има длабоки корени. Активист(к)и од целиот свет, но особено од земјите во развој, со децении бараат од државите да ги слушаат нивните потреби и да креираат надворешни политики кои навистина ќе ги адресираат нив. Тие напори добија конкретна форма во Обединетите нации, што доведе до последователни резолуции околу жените, мирот и безбедноста. Феминистичките движења на запад, исто така, бараа владите да помогнат домашните реформи да се спроведуваат и во странство. Во поткрепа на сето ова беше пресметката за ефектите: дека подобрувањето на благосостојбата на жените и девојките ќе ги направи земјите поуспешни и ќе ја намали веројатноста за страшни граѓански судири или надворешни напади.

Значи, дали досега беше ефективно? Освен помалку спорните мерки, како што се зголемувањето на бројот на жените во мировните сили, настојувањето за чисти шпорети за сиромашните во светот и притисокот да се вклучат жените во донесувањето безбедносни одлуки и во мировните преговори, одговорот делумно зависи од видот на феминизмот што го поддржувате. Правничката Кетрин Мекинон, на пример, напиша: „Во американската војна против талибанците, жените на краток момент имаа надворешна политика, или, кратко станаа дел од изговор за таква“. Хилари Клинтон, која ги стави жените во центарот на американската надворешна политика, тврди дека е постигнат одреден напредок и повикува на повеќе жени на повисоки функции, тврдејќи дека женското лидерство „придонесува за поголема соработка, еднаквост и стабилност“.

Но, како што пишува Рафија Закарија во својата книга „Против белиот феминизам“, политичарите кои водат „феминистичка“ надворешна политика може истовремено да прават други избори кои силно им штетат на жените, поттикнувајќи ги конфликтите што водат до нивно силување и осиромашување. Колку е корисно и феминистичко, прашува таа, владите да бараат жените од Јемен да бидат вклучени во застоените мировните преговори, додека во исто време продаваат оружје на Саудиска Арабија за да го користи во таа војна? Дури и развојната помошт што владите ја издвојуваат за унапредување на родовата еднаквост, тврди Закарија, често завршува со поречување на женскиот грасрут активизам, поттикнувајќи ги луѓето да се стремат кон невладините организации кои добиваат повеќе великодушност, наместо да се мобилизираат политички.

Има и уште посериозни последици од западната тенденција да ја пакува употребата на вооружена сила со промовирање на западниот феминизам. На многу боишта,таа им дозволи на бунтовничките групи од ИСИС до Талибанците да го повторат трикот во обратен правец, спојувајќи ги нивните збирни извици за „анти-империјализам“ заедно со антифеминистичките.

Значи, дали на владите би им било подобро целосно да се откажат од родовата еднаквост како столб на надворешната политика? Некои истакнати гласови го кажаа токму тоа. Професорот Дејвид Вуд неодамна во една статија тврдеше дека потрагата по родова еднаквост во основа е домашна борба. Не сите конфликти, смета тој, се поттикнати или обликувани од родова нерамнотежа. Со барањето родовото зајакнување да се вклучи во сите напори за ставање крај на војните, владите и донаторите може да бркаат неповрзани проблеми и да им пречат на нивните напори за запирање на насилството.

Но, скршнувањето во оваа насока, дури и со цел надминување на неисправните интервенции и штетните политики, би било грешка. Ниту феминизмот ниту родовата еднаквост не можат вистински да се одвојат од глобалната политика, кога однесувањето на доминантните држави толку интимно ги обликува животите и безбедноста на жените и девојките ширум светот, а особено на глобалниот југ. Иако има многу да се критикува во двојните стандарди и лицемерието на некои политики кои се повикуваат на феминизмот, благосостојбата на жените како показател за економското и политичкото здравје на општеството останува клучна и откривачка.

Во Авганистан денес, на пример, животите на авганистанските жени и девојки или се важни или не се важни. Ако државите се сериозни во однос на нивната посветеност на правдата, тие најпрво мора да го намалат нивното омаловажување и да иницираат некаков вид договор со Талибанците, барем во нивниот капацитет како тековен водач на авганистанската држава.

Некои сметаат дека оваа перспектива е неприфатлива, и несомнено има страсни застапници од двете страни. Но, само едната ќе резултира со материјална заштита на жените и девојчињата, ќе одржува запалени светла во породилиштата и ќе спречува продажба на девојчиња како деца-невести од гладните семејства. Една вистинска феминистичка надворешна политика не треба да биде повик за наоружување или за нова студена војна против државите кои не се согласуваат со западните вредности. Зајакнувањето значи да се слуша што луѓето сакаат и да им се помогне да го постигнат тоа.

Слики: Saffaa
Извор за текстот:
Гардијан

ОкоБоли главаВицФото