Климатските промени се закана за нашата благосостојба и здравјето на планетата

09.03.2022 01:20
Климатските промени се закана за нашата благосостојба и здравјето на планетата

Речиси 1 000 научници волонтери од десетици земји посветија години истражувања за денес да ни ја претстават најсеопфатната анализа за влијанието на климатските промени врз нас и нашата планета. Станува збор за Шестиот извештај на Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ). Авторите испратија предупредувачка порака - зголемувањето на средната глобална температура и последичните временски екстреми претставуваат огромна опасност по животот на Земјата, а секое понатамошно одложување на климатските акции би можело да биде кобно за нас.

„Овој извештај претставува страшно предупредување за последиците од неактивноста“, рече Хосеунг Ли, претседавач со ИПЦЦ. „Покажува дека климатските промени се сериозна, растечка закана за нашата благосостојба и здравјето на планетата. Нашите денешни акции ќе го обликуваат начинот на кој луѓето ќе се прилагодуваат на начинот на кој природата реагира на сè поголемите климатски ризици.

Вториот дел од извештајот на ИПЦЦ дава сеопфатен увид во сè посилните ефекти на глобалното затоплување на природата и општеството, како и идните климатски ризици со фокус на сиромашните нации и маргинализираните заедници. Во рамки на ова издание стручњаците исто така проучувале кои се најефикасни пристапи за адаптација на глобалното затоплување и кои групи од населението и екосистеми се на најсилен удар од промената на климата. Овие се некои од најважните, нови сознанија на Меѓународниот панел за климатски промени.

Климатските промени имаат продорно, разорувачко дејство

Сè на Земјата, од најситните организми до човечката цивилизација, е чувствителна на промената на климата. Во извештајот се наведува дека дури половина од популацијата, помеѓу 3,3 и 3,6 милијарди луѓе, живеат во подрачја кои се „мошне ранливи“ на глобалното затоплување.

Спектарот на негативните влијаниа на климатските промени во однос на нас и нашето опкружување е поширок отколку што авторите на Петтиот извештај на ИПЦЦ во 2014 година беа свесни за тоа. Временските екстреми како топлотните бранови и ураганите заради глобалното затоплување стануваат сè позачестени и посурови, нанесувајќи голема штета за инфраструктурата и природните ресурси и загрозувајќи го здравјето и животите на луѓето. Од 2008 година, повеќе од 20 милиони луѓе годишно морале да ги напуштат своите домови заради разорните поплави и бурите.

Порастот на средната глобална температура ги принудува животните и растенијата од копното да мигрираат кон половите или на повисоки надморски височини, а оние што не можат да се адаптираат на променетите климатски услови - изумираат. Овој процес има многу поголем одек во животната средина и може да резултира со нарушување на ланецот на исхрана, но и да ги наруши основните екосистемски услуги како што е заштитата на брегот, потсетуваат истражувачите во својот труд.

„Здравите екосистеми се поотпорни на климатските промени и обезбедуваат услуги од животна важност како храна и чиста вода“, објасни копретседателот на другата работна група на извештајот на ИПЦЦ, Ханс-Ото Портнер. „Со обновување на деградираните екосистеми и ефективно и правично зачувување помеѓу 30 и 50 проценти од копното, свежата вода и океанските живеалишта, општеството може да има корист од природните капацитети за впивање и складирање на јаглеродот и можеме да го забрзаме поместувањето кон одржлив развој“, рече тој и додаде дека финансирањето и политичката поддршка во овој потфат се клучни.

Понатамошниот пораст на средната глобална температура ќе резултира со повисоки трошоци за климатска акција

И покрај тоа што постојат одредени напори на полето на климатската акција, тие често се покажуваа како неадекватни, а понекогаш и како лошо испланирани, констатираат авторите на извештајот на ИПЦЦ. Некои од ветувањата засега останаа само на ниво на зборови, наместо да бидат преточени во конкретни дела кои би помогнале во зауздување на порастот на средната глобална температура - едно од нив е и финансиската помош за помалку развиените земји.

Доколку останат на сила моменталните планови на полето на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, стотици милиони луѓе во иднина ќе искусат екстремни топлотни бранови, економските загуби ќе бидат неверојатни, а многу природни системи ќе доживеат колапс. Во такви околности ќе биде многу поскапо да се адаптираме.

Животот во некои делови од нашата планета ќе стане практично невозможен заради неподносливите температури, недостатокот на вода и храна и зголемувањето на нивото на морињата, е само еден од мрачните заклучоци.

Неопходно е истовремено да се спроведуваат мерки за адаптација и митигација

За да избегнеме големи загуби на живиот свет, биодиверзитетот и инфраструктурата, неопходна е амбициозна, забрзана адаптација на климатските промени со истовремено намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Досега напредокот е нееднаков и забележлив е голем јаз помеѓу направеното и она што треба да се направи, кој е особено изразен кај посиромашните нации, пишува во извештајот.

Ако ослободувањето на штетните гасови продолжи да се одвива со моменталното темпо, штетата од климатските промени ќе се зголемува со порастот на средната глобална температура. На тој начин луѓето, економијата и животната средина ќе се соочат со невидено високи трошоци.

Се истакнува дека единствен начин да го ограничиме тоа впрочем е поамбициозно и побрзо намалување на емисиите на гасови кои придонесуваат за климатските промени, како што се јаглерод диоксидот и метанот. Во спротивно ќе се соочиме со зголемување на нивоата на морињата, оскудици со вода, намален род на одредени земјоделски култури и уништеност на екосистемите како што се коралните гребени. Овие проблеми ќе бидат значително покомплексни и потешки ако порастот на средната глобална температура надмине 1,5 степени целзиусови. Она што особено загрижува е што последиците во одредени случаи ќе бидат такви што нема да бидеме во состојба да им се прилагодиме.

Во овој подвиг, според зборовите на Дебра Робертс, голема улога можат и треба да преземат градовите. Причината за нивното истакнување во борбата со климатските промени е тоа што повеќе од 50 проценти од популацијата живее во градовите - зелени згради, залихи на чиста вода, обновливи извори на енергија и одржлив транспорт помеѓу урбаните и руралните подрачја се само некои од достапните средства. Сето тоа во комбинација едно со друго може да доведе до поинклузивно и поправедно општество, смета Робертс.

Сиромашните се најтешко погодени од климатските промени

И покрај тоа што богатите нации согорувајќи фосилни горива значително повеќе придонесоа за климатските промени, на нивните влијанија најмногу се изложени сиромашните земји. Како резултат на климатските промени, нивните и онака неразвиени економии слабеат дополнително, жителите умираат, нееднаквоста расте. Трендот ќе продолжи ако климатската акција не биде фокусирана на еднаквост и правда.

Десетици милиони луѓе ќе се најдат на раб на егзистенција во случај на понатамошно глобално затоплување. Во најголем ризик се наоѓаат оние кои најтешко ги поднесуваат последиците, вклучувајќи ги сиромашните, работниците на отворено, земјоделците, населението на мали острови, жените, староседелското население.

Сè посвесни сме дека одредени мерки за адаптација предизвикаа несакани последици, на пример, уништување на природата, ризикување човечки животи и зголемено ослободување штетни гасови. Решението за да се избегне тоа е следно - сите актери би требало да се вклучат во планирањето, да се насочи вниманието на еднаквоста и правдата и да се потпреме на знаењето на староседелското и локалното население.

Што понатаму?

Авторите на првиот дел од извештајот на ИПЦЦ, објавен во август минатата година, се фокусираа на научниот преглед на истражувањата на климата заклучувајќи дека климатските промени ги предизвикаа луѓето и дека некои од нивните импликации се неповратни. Експертите од втората работна група на ИПЦЦ беа задолжени да пружат увид во состојбата во светот во доба на глобално затоплување, како и да ги мапираат најзагрозените подрачја и да даваат совети за конкретни акции, додека членовите на третата работна група на ИПЦЦ, чии наоди ќе бидат објавени во април, се занимаваат со начините за намалување на гасовите со ефект на стаклена градина.

Последниот, четврт дел од извештајот на ИПЦЦ на владите ќе им пружи приказ на лекциите од првите три дела пред 27-та конференција на Обединетите нации која се одржува во ноември годинава во Египет.

Вториот дел од Шестиот извештај на ИПЦЦ нагласува дека климатски отпорниот развој е предизвикувачки подвиг дури и при моменталното глобално затоплување, а ќе стане уште попредизвикувачки доколку зголемувањето на средната глобална температура надмине 1,5 степени целзиусови. Токму тоа претставува клучно сознание на научниците кое ја истакнува итноста од климатска акција. И тоа не каква било - туку акција која е насочена кон еднаквост и правда.

Финансирањето, преносот на технологиите, обврзувањето на политичарите и партнтерството водат кон поефикасно прилагодување на глобалното затоплување и намалување на емисиите.

„Научните докази се недвосмислени: климатските промени се закана за благосостојбата на луѓето и здравјето на планетата. Секое понатамошно одложување на конкретна глобална акција ќе направи да не успееме да поминеме низ малиот прозорец за безбедна иднина кој се затвора забрзано“, заклучи Ханс-Ото Портнер.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Mihael Milutinovic

Извор: https://klima101.rs/