Само револуција може да ја запре војната

11.03.2022 14:04
Само револуција може да ја запре војната

Со филозофот и публицист Борис Буден, еден од најзначајните интелектуалци од овие простори, разговаравме за војната на Русија против Украина и кризата во односите помеѓу Русија и Западот, со која завршува една и почнува нова, поопасна ера во меѓународните односи. Буден докторирал на берлинскиот универзитет Хамболт, по што останал да живее и работи во Берлин, еден од главните интелектуални центри на денешна Европа. Објавува на англиски и хрватски јазик.
Разговорот го води Денис Ромац.


Дали сте шокирани од војната во Европа?

Не сум шокиран од војната во Европа туку од рускиот напад на Украина. Не го очекував тоа зашто, веројатно како и многу други, претпоставував дека Путин не е глупав, дека нема како обичен лудак навистина да загризе и проголта толку очигледен мамец. Верував дека зад фигурата на овој наивно лукав, студено пресметлив автократ, сепак се крие трошка рационалност. Да, тој е зол, алчен за моќ, неговиот идеолошки хоризонт е сведен на рускиот национализам и царистичката империјална носталгија, не се воздржува од употреба на сила и ликвидација на политичките противници... Но не предвидував дека ќе повлекува самоубиствени потези, дека, метарофички, ќе си пука во глава.

Дали тоа значи дека тој веќе ја изгуби оваа војна?

Па не гледам никаква опција според која може да ја добие. Напротив, неговиот противник, Зеленски, дури сега не може да изгуби. Дури и ако загине. Во тоа има некаква правда. Еден комичар, народен забавувач, да не речам арлекин, да надвладее еден ваков стерилен, помпезен диктатор. Но тука треба да се престане со психологизирање, во што згрешив и јас, и да се насочиме кон структуралните политички проблеми и идеолошките механизми кои доведоа до оваа трагедија. Зашто тоа не е конфликт на два психолошки архетипови, туку војна, чии последици сега се уште понесогледливи.

Кои се структуралните политички проблеми и идеолошки механизми кои доведоа до војна, односно до руската инвазија на Украина? Рускиот страв од НАТО или создавањето нова руска империја, во која токму Украина е клучна алка? Зошто Украина ѝ е толку важна на Русија што оваа е подготвена да војува за неа?

Стравот од НАТО е преапстрактен за да може да биде причина. Колку и ширењето на НАТО на исток да е историска грешка на западот, НАТО во моментов не ја загрозуваше директно Русија, во секој случај, не во толкава мера, за тоа да биде причина за војна. Кога станува збор за империјалните фантазии, тие секако се мотивација, како што делови од Украина заради јазичните, историските и секои други блискости со Русија можеа да бидат доживеани како еден вид ничија земја на која сè уште е можно повторно да се цртаат граници, но тоа исто така не е причина за таквиот масивен напад кој цели на самата егзистенција на Украина како држава. Ни во Русија власта на Путин не е загрозена за, да речеме, да има потреба од војна за да ја замолчи опозицијата во земјата. Напротив, цврсто седеше во седлото. А ако воопшто нешто му ја загрозува таа власт тогаш тоа е токму оваа војна.

Па тогаш кому беше потребна оваа војна?

Знам, звучи парадоксално, но се чини дека оваа војна им требаше на сите освен на Путин, Русите, односно луѓето кои ќе страдаат во неа. Ако украинската нација сè уште не беше доволно културно компактна и политички единствена, ако, со други зборови, изградбата на нацијата сè уште не беше довршена, тогаш Путин денес ја извршува таа работа подобро од најтврдоглавиот украински националист. Сите оние културни пукнатини, политички прекршувања, а особено класните поделби кои до вчера правеа раздор во нацијата, денес се затвораат со најдобриот можен амалгам, со крвта на Украинците која ја пролева солдатеската на Путин. Тој е вистински обединувач на Украинците. А погледнете ја Европската унија. Уште вчера зборувавме за реалната можност за нејзин распад, за Брегзитот како рак надвор од европското единство. А сега ене ги во поза „сите за еден, еден за сите!“ Никој веќе не зборува за ковид-забавите на Борис Џонсон, Германија најпосле се ослободи од комплексот на вина за Втората светска војна; Полска повторно се исправи пред тврдината на христијанството; срамниот дебакл на САД во Авганистан, како и обидот за пуч на Трамп, односно длабоката криза на американската демократија, сето тоа се заборави за 24 часа. А НАТО, ако своевремено немаше стратешко и морално оправдување за проширувањето на исток, сега ги има двете. Најпосле, Путин штотуку покрена нова фаза во вооружувањето на западот и во светската трка во вооружување, а со неа и нов циклус акумулација на капиталот. Нема подобра вест за огромниот воено индустриски и научен комплекс на западот. Мислам дека звукот на отворање шампањ на нивните бироа сигурно бил погласен од руските топови првиот ден од инвазијата. А во новите ковачници за топови ќе има работа и за преживеаните Украинци. Сепак, сè уште не ми е јасно зошто Путин толку лесно ја прифати улогата на корисна будала од западот.

Колкава одговорност за војната сноси токму Западот? Во што точно се состои таа одговорност?

А што е тоа запад, освен што е страна на светот? Гардијан го пишува овој збор со мала буква па веројатно смеам и јас. Дали тоа е демократијата? Каде е парламентот на западот и дали некогаш некој на слободни избори избрал свои претставници во тој парламент? Дали тој запад има демократски избрана влада, претседател, има ли закони и судство, има ли министерство за внатрешни и надворешни работи, има ли своја војска и министер за одбрана? Нема ништо од тоа. Па тогаш како би можел да биде одговорен за што било? Неодговорноста, или уште повеќе, априорната неказнивост, е суштина на западот. Секако, нема правда ни меѓу западњаците. Хрватите може да се повикуваат на одговорност пред Хашкиот суд. Меѓутоа, дали може да се замисли во Хаг да му се суди на некој Американец, Британец, Французин, ... без оглед на тоа што го направиле? Напротив, кога тие прават воени злосторства, а прават, тогаш се затвора оној кој ја објавил вистината за тие злосторства.

Но Западот не е никаква замислена категорија. Во медиумите постојано може да се прочита, Западот ова, Западот она. Сепак, Западот е нешто реално.

Во право сте, колку и да е некаков апстрактен, нормативен идентитетски блок, тој функционира реално, на пример во ликот на САД. Во таа смисла сепак може да се зборува за одговорност на западот. Во својот говор во Вашингтон во 1997 година Вацлав Хавел не само што одушевено ја поздрави одлуката на НАТО во своето членство да ги прими Полска, Унгарија и Чешка, туку ја повика Америка да преземе одговорност за целиот свет. Буквално рече дека само САД можат да ја спасат глобалната цивилизација дејствувајќи на премисите кои се проткаени во американските вредности и дека тие вредности требаат да ги прифатат сите култури, сите нации, како услов за својот опстанок. Таа визија не е помалку мрачна од визијата на Путин за голема Русија. И не станува збор само за хегемонијално наметнување на сопствените вредности на сите останати, и тоа, внимавајте, како прашање на живот и смрт, туку и на едноставниот факт дека тоа е невозможно. Земјата на која живееме нема такви ресурси, нема толку енергија за десетина милијарди луѓе да можат да го живеат животот на конзумеристичката средна класа од САД и западот. Едноставно, тоа е неодржливо. Освен ако некој не мисли дека демократијата може да процвета во услови на ендемска беда, екстремна експлоатација, хаос и корупција кои се типични на периферијата на глобалниот капитализам на која се создаваат профитите со кои потоа се финансира високиот стандард на средната класа во капиталистичкиот центар.

Да скратам, тоталната неодговорност и тоталната одговорност на западот се само две страни од иста монета.

Дали западот згреши што во деведесеттите години, по распадот на Советскиот сојуз, не ја интегрираше Русија во европскиот безбедносен систем?

Тоа прашање има една поширока, историска димензија. Не станува збор за оваа или онаа погрешна одлука на тогашните политичари, туку за епохален пропуст. Веднаш по таканаречениот пад на комунизмот, после демократските промени на истокот од Европа, распадот на Советскиот сојуз, кога западот остана сам на сцената, односно кога Кина сè уште не беше развиена до денешните димензии, се создаде момент во кој можеше да се воспостави нов меѓународен поредок заснован на политика на мир, разоружување, отстранување на нуклеарното оружје, логично продолжение на таканаречената политика на детант која е зачната уште во фазата на блоковската поделба на Европа и светот. Тоа беше момент кога можеше, смееше, а јас би додал, и мораше, да се тргне по визија за еден свет радикално подобар од светот на воените блокови во постојан страв од заемно уништување. Не дека немаше идеали, па дури и конкретни примери, од визијата на Кант за вечен мир, Повелбата на Обединетите нации, мировните движења, па дури и Движењето на неврзаните во кое активно учествуваше поранешна Југославија. Но западот, опиен од победата во студената војна, се одлучи за нешто друго, за глобална доминација и експанзија на своите вредности, кои, како што би рекол Хавел, мора да ги прифатат сите ако сакаат да опстанат.

Како што знаеме, тоа не заврши добро?

Точно, заврши катастрофално. Само воената интервенција на западот во Ирак, легитимирана од спектакуларните лаги пред целиот свет, интервенција која Хавел сесрдно ја поддржа, зад себе остави половина милион мртви, четири милиони бегалци, Исламска држава, етнички чистења од невидени размери, накратко, хаос кој денес се протегнува од Либија преку Блискиот исток па сè до Авганистан и Јемен, простори на беззаконие и насилство на кои веќе не владее никаков суверен поредок. Тој распад и хаос сега ја зафати Европа, односно нејзините граници во Украина. Своевремено, италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен утврди дека распадот на поранешна Југославија не е никаква привремена регресија во природна состојба на борбата сите против сите, која набрзо ќе заврши во нов поредок на суверени национални држави, туку напротив, настапување перманентна вонредна состојба, крвав весник на новиот номос на земјата кој ќе се прошири врз целата планета. Агамбен впрочем реферираше на тезата на Карл Шмит за распад на поредокот на меѓународното право засновано врз моделот на европска, секуларна, суверена држава, настанат во 17 век по триесетгодишна војна. Тој нов номос е визија на еден пост-евроцентричен глобален систем на меѓународни односи со кои доминираат, со зборовите на Шмит, „големите простори“. Во таа трансформација Европа и западот ја губат својата доминантна позиција во конфигурацијата на светската моќ, се провинцијализираат во културна и научна смисла. Накратко, Европа и западот веќе не се центар на светот.

А Соединетите држави сепак сè уште се најмоќниот фактор во меѓународната политика.

Тоа е привид. Слабеењето и назадувањето на Европа, односно западот, вклучува и губење на моќта односно пад на влијанието на Соединетите држави кое почна уште во седумдесеттите и не беше запрено со распадот на Советскиот сојуз, односно со победа во Студената војна. Напротив, дури е и забрзано, како што тврди Имануел Волерстин. Тоа особено треба да се нагласи денес, не само затоа што руската окупација на Украина е еден од симптомите на слабоста и пропаѓањето на западот - не пропаѓање во спенглеровска, цивилизациска смисла, туку во смисла на терминална криза на неолибералниот капитализам и либералната демократија - туку и затоа што сме подложни на илузијата дека оваа ненадејна слога и единство на западот, предизвикани од руската агресија на Украина, се израз на некои негови иманентни квалитети, внатрешна способност за самообнова и ренесанса. Секој што мисли дека Путин со својата суицидална глупост ќе го направи западот повторно голем е наивен.

Што мислите за трите клучни барања на Путин за запирање на непријателството - демилитаризација и денацификација на Украина, како и признавање дека Крим е руски?

За демилитаризација е предоцна, освен ако исто така не ги зафати Русија и западот. Денацификацијата е глупост, освен ако паралелно не се примени на руската десница односно самиот Путин и неговата корумпирана елита, која и не е ништо друго освен една ултрадесничарска клика. А Крим повторно ќе биде украински само после победа на западот во нуклеарен армагедон. Секако, можно е да се замисли и поинаква иднина за Крим во еден радикално променет свет, во кој демилитаризираниот Крим им припаѓа на луѓето кои живеат таму и кои, без оглед дали се Украинци, Руси или некои трети, заедно градат социјална и еколошка иднина за своите деца, потопуваат разорувачи и крстосувачи за од нив да направат мрестилишта за риби, да садат домати во превртените куполи од тенковите и да ставаат махунарки околу цевките на пушките. Звучи како револуционерна утопија, но денес веќе е предоцна за што било друго освен за радикална утопија и револуција.

Револуција?

Знам, поимот е тотално дискредитиран. На тоа внимателно работеше капиталистичкиот запад од крајот на Втората светска војна, политички, културно и когнитивно. Прво интелектуалните елити го исфрлија тој поим од своето разбирање на историјата и открија процеси со долго временско траење. Франција од крајот на седумдесеттите веќе не е двеста години стара, значи од своето раѓање во Француската револуција, туку илјада и повеќе, во континуираната национална историја. Тоа се случи и кај нас со поразот на социјализмот и воспоставувањето национални држави. Дали Хрватска не е исто така стара илјада години и дали таа повторно воскресна со враќањето на споменикот на хабсбуршкиот вазал, контрареволуционерот Јелачиќ кој со оган и меч уништуваше сè што имало врска со она што денес го разбираме како демократски, европски вредности. И „републиката“ е избришана од тој негов плац, републиката која е револуционерен поим пар екселанс. Најпосле, и западот, чии вредности на кои денес се повикуваме и онака се настанати во револуции, самиот го презеде тој поим, но само за да му го одземе секое значење. Така кон крајот на осумдесеттите и подоцна во посткомунистичкиот период почнаа таканаречените револуции, баршунеста, портокалова, розева, итн. Идеално, требаше да бидат ненасилни. Зашто знаеме дека западот не може да гледа крв, освен ако самиот не ја пролее. На власт дојдоа трагикомични фигури како што е Сакашвили, претседателот на Грузија и подоцна градоначалник на Одеса, познат по своето шетање на црвениот килим во Кан во искинати фармерки и патики Баленсијага. И тоа беше дел од вестернизацијата, дозволување влез на источните елити во западното високо друштво.

Дали таа револуционерна вестернизација не е испробана и во нашите краишта?

Секако, во рушењето на режимот на Туѓман кон крајот на деведесеттите и конечното отстранување на Милошевиќ. Впрочем, кулминацијата на оваа револуционерна авантура на западот сепак е основање тим професионални револуционери во ликот на српски Отпор. Тоа е онаа група млади активисти, вмешана во рушењето на Милошевиќ, која западот ја истренира и затрупа со пари правејќи од нив светски експерти за револуции. Нивниот предводник, Срѓа Поповиќ, Гардијан своевремено го прогласи за архитект на глобалната револуција. Членовите на Отпор ги советуваа и тренираа таканаречените продемократски односно прозападни активисти во педесетина земји во светот, вклучувајќи ги Индија, Иран, Зимбабве, Бурма, Украина, Грузија, Палестина, Белорусија, Тунис, Египет, Венецуела, Азербејџан итн. Знаеме како заврши тоа. Доволно е да се погледне мрачната реалност на сите тие земји во кои се пробани српските револуционерни рецепти. А за тоа што променија овие извозници на светската револуција во Србија, па и Хрватска, и да не зборуваме. Националистичките режими функционираат одлично и без Туѓман и Милошевиќ. Проблемот не е само во персонифицирањето на структуралните политички проблеми, туку и во фокусирањето на граѓанската, либерална, космополитска елита, како единствени субјекти на прогресивната трансформација. Тие либерални прогресистички елити најпосле беа поразени и во срцето на западот, во 2016 година со победата на Трамп над Хилари Клинтон. Сепак, западната глобална револуција во нешто и успеа. Сосема ја обезвредни самата идеја на револуцијата. Уште на почетокот на деведесеттите споменатиот Срѓа Поповиќ порача дека сè што сакаат овие идни професионални револуционери е нормална земја со кул музика. Ете, тоа е западниот рецепт за решавање на глобалните проблеми на денешниот свет. Светска револуција како покана на глобална забава.

Тогаш дали идејата за револуцијата сè уште има некаква смисла?

Ингениозниот „Мистериите на организмот“ на Душан Макавеев почнува со документарна сцена на антивоен перформанс на уметникот и поет Тули Куферберг кон крајот на шеесеттите некаде на Лоуер Ист Сајд во Њујорк. На ѕидот зад него има графит „Only revolution ends war“, значи „само револуцијата е во состојба да ја запре војната“, што е инаку цитат од Троцки. Значи, тоа е алката која недостастува во целиот заплет. Или, ако сакате уште поконкретно, на сцената на оваа крвава драма во Украина, ни недостастува Ленин - фигура која радикално се пресметува со бинарната логика помеѓу Русија и западот. Да не заборавиме дека на Путин и неговата олигархиска елита токму Ленин и Болшевиците им се архетипски непријатели. Не само затоа што ја срушија руската империја, го убија царот и ја создадоа модерна Украина. Денес, кога во Русија јавното пропагирање на хомосексуалноста е законски казниво, треба да се сетиме дека токму Ленин и Болшевиците ја легализираа хомосексуалноста во 1918 година. Дека истата година го легализираа абортусот и им дадоа право на жените на развод на бракот едноставно врз основа на пишана изјава. Болшевиците во 1918 година ги остварија најпрогресивните родово-неутрални брачни и семејни права какви што не видел модерниот свет. Дури во 1922 година советскиот суд го прогласи транссексуалниот односно хомосексуалниот брак за легален со аргументот дека е склучен консензуално. Путин денес е само дополнителна алка во стоте години руска контрареволуција. Сталин ги обнови царистичките закони против таканаречената содомија, односно хомосексуалноста, го забрани абортусот и од мртвите го крена рускиот царски империјализам, поддржан од новите комунистички идеолошки догми.

Сакате да кажете дека Путин е контрареволуционер?

Путин во Русија ја доврши конзервативната контрареволуција. На крајот на краиштата, тој е херој на радикалната десница во целиот свет, не само на Вучиќ и неговите Делии и Гробари, ѓубрето од дното на десничарската каца, туку и на светската десничарска интернационала. Негови пријатели и симпатизери се Трамп, Болсонаро, Орбан, Марин Ле Пен, да не набројуваме.

И вие денес во Русија би им ги спротивставиле Ленин и Болшевиците?

Токму така и тоа токму денес кога сите на западот посакуваат некаков офицерски пуч, заговор на разузнавачките служби кој ќе го тргне Владимир Путин од тронот и ќе ги реализира желбите на западот: Русија ја прекинува војната, го поздравува стапувањето на Украина во НАТО, на кого понизно му го препушта седиштето на својата црноморска флота во Севастопол и целата кримска воена инфраструктура; Икеа, Епл и Ејч енд Ем се враќаат во Москва и сè е како што треба. Не, тоа што денес ѝ треба на Русија е револуција токму во лениновска, болшевичка смисла сето револуционерно насилство кое ѝ припаѓа и кое физички ги отстранува не само Путин и неговата камарила туку го руши целиот систем на олигархискиот crony капитализам и покренува експропријација на криминалните експропријатори, повикувајќи ги угнетените од целиот свет да ѝ се придружат. Но токму тоа е мората на западот. Зашто системот на парламентарна олигархија не е никаква руска измислица. Системот е оној што подобро од кој било им служи на интересите на класата која владее денес и се богати во неолибералниот капитализам. Оттука толкави симпатии на десничарските политичари за него. Дури и да пропадне, ќе се најде некој што ќе ја продолжи традицијата, и тоа на запад.

Дали во тој контекст е оправдан стравот од нуклеарна војна?

Да, само тоа веќе не е оној стар, конструктивен страв од меѓусебно уништување на двата блокови, страв кој своевремено обезбедуваше некаков баланс на моќта, а со тоа и мир. Сега веќе го нема тој баланс. Овој страв е производ на неизвесноста и недовербата во елитите и самиот поредок. Тој доаѓа од хаосот, а не од поредокот.

Додека се војува во Украина светот и натаму забрзано се загрева. Значи ако не нè испоубијат во нуклеарна војна, ќе не спржи сонцето. А часовникот отчукува, времето минува. Затоа велам дека ни е потребна револуција. Ако историските процеси со долго траење имаат некаква смисла во разбирањето на минатото, кога станува збор за иднината, тој концепт е суицидален. Или промената ќе биде брза и радикална или нема да нè има.

Фотографии:Johan Willner
Превод: Алек Кузмановски
Извор за текстот: https://gradski.me/

 

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Став
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото