Како да се борам за подобро утре кога веќе не ни верувам во утре?

11.03.2022 19:18
Како да се борам за подобро утре кога веќе не ни верувам во утре?

Ода за откажувањето, автодеструкцијата и потрагата по надеж.

 

Денес не се разбудивме во различен свет – се разбудивме во истиот свет кој продолжува да го става профитот пред планетата, уништувањето пред човечноста и насилството пред сочувството.
(непознат/a автор/ка)

Денес можеби се разбудивме во истиот свет од вчера, но војната што започна во Европа во најмала рака нè пресече. После две години живот во здравствена и економска криза која допрва зема замав, нашите кревки срца сакаа и се надеваа на подобро утре. Соочени со реалноста дека тоа утре не доаѓа (баш напротив), продолжуваме да живееме meme-зирајќи ја реалноста која е тешка за прифаќање и голтање, станувајќи опасно цинични и апатични. На очајот и деструкцијата одговараме со еднакво толку очај и деструкција. Барем тоа го правам јас и луѓето околу мене.

Веќе подолго се чувствувам како да сме на некој раб. Нетрпеливи сме, анксиозни, панични и/или депресивни, подаваjќи си ги состојбите во круг, замаскирани со интелектуален хумор, најчесто на сопствена сметка. Поминаа деновите кога верувавме дека качувањето на Водно или броењето steps, балансираните оброци и односи и ливчето со прешкртани обврски ќе направат којзнае што за нашата иднина или ќе го стишат гласчето кое сè погласно навива: сè оди во пропаст. Наместо тоа, сведочам и живеам чудни навики на спиење, сомнителни и импулсивни животни избори и зајакната потреба од разноразни пороци. Ако пред само неколку месеци бев во потрага по тајната на доброто ментално здравје, сега ми се чини како да сум на мисија да го докрајчам. Повеќе не се ни обидуваме да се „подобриме“, зашто ни се чини дека веќе нема иднина за која треба да се работи.

Во центарот на нашето внимание не е овој загрижувачки став кон животот, туку спорот меѓу Меди и Кеси, од втората сезона на Еуфорија. Дали си тим Меди или тим Кеси? Која е полуда? Кој кого ќе претепа? И зошто побогу исконскава драма не доби повеќе минутажа во последната епизода од сезоната?! Ова нè прави навистина гневни, додека паралелно читаме како гори најголемата нуклеарна централа во Украина. Omfg.

Мислам дека нема да ја доживееме 2030. Можеби нема ни 2024. Да се помириме со време. Читам во групната порака на друштвото: „Добро бе, толку ли нема од милион ебани психопати на светот еден да се најде да го убие Путин? Па само ја имам спиено со тројца убијци во животов. (хахаха/хахаха/хахаха).“ Потоа зборуваме за бесплатната презентација на Кирби, која исто така си ја подаваме еден на друг, дали е паметно да се замрзне поголема количина на месо пред да се одмрзнат цените и кој што ќе прави вечерва, зашто сепак е петок.

Ако морам да изберам еден збор кој би го опишал овој период и пристап кон реалноста, тоа е - баналност. Знам дека не сум единствената што се чувствува така. Прашањето е, веројатно, каде оттука? И дали некој сè уште верува дека воопшто има некаде оттука?

Ако е ризично да се прави било што, тогаш да изгориме сè?

Штотуку помина 8 Март. Се сеќавам на енергијата која обично ја чувствувам околу денот, видот текстови што тогаш обично ги пишувам со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, еланот и вербата во промена. Никогаш не сум била оптимист, но секогаш сум била идеалист. Сум верувала во поединечниот и групниот политички ангажман, во нашите гласови и моќ за мобилизација. Во пишување и застапување. Во промени. Но гласчето кое вели дека сè оди во пропаст, сè почесто ме убедува дека секој чекор, труд и надеж се залудни.

Денес март ме потсеќа на сите девојки и жени чии слики и податоци беа споделeни во Јавна соба, Гевгелија Хаб и слични групи, а кои никогаш не добија правда, без оглед на сите напори. На Пале од Велес, која седеше во притвор без струја, зашто беше жртва на насилство. На Моника, исто од Велес, чие обвинение беше отфрлено, иако со години беше малтретирана и силувана. Ме потсеќа на сите жени кои изгубија работа во пандемијата, или прегореа во страшни работни услови. Ме потсеќа дека влегуваме во трета пандемиска година, која со сите свои придружни дрангулии нè направи исплашени, осамени, растроени и сиромашни, во секоја смисла.

Се наоѓам нервозна, истрошена и целосно демотивирана. Ако порано тешкотијата ме мобилизираше, сега ме парализира. Од таа парализирана состојба се исмевам себеси. Ги романтизирам, речиси фетишизирам, психолошките состојби кои во моментов не успевам да ги надминам. Свесно креирам ситуации кои ми наштетуваат и ужасно го третирам сопственото тело. Како да излезам од овој деструктивен loop?, се прашувам понекогаш, зашто сум свесна за начините на кои го перпетуирам; ама се чувствувам немоќна да го сопрам. Одговори баш и не наоѓам, зашто горе-долу истото однесување го гледам каде и да се свртам.

Сепак наидов на концепт кој донекаде ми помогна да ги артикулирам своите моментални чувства: дисоцијативен феминизам.

Терминот е воведен од Емелин Клајн во 2019 година за да артикулира еден растечки глас во поп-културата. Тој глас може да се опише како самосвесен и емотивно интелигентен; говори од мала дистанца; го користат првенствено жените при раскажувањето на нивните трагични животни искуства. Пример се девојките од Еуфорија, хероините од романите на Сели Руни, Џули од The worst person in the world или ликот по кој е скован терминот Fleabag, од истоимената серија на Phoebe Waller-Bridgе.

Опишана како некоја која застранува од хипер-оптимистичниот #girlboss феминизам, дисоцијативната феминистка е безизразна, цинична нихилистка. Таа детално објаснува „очигледно застрашувачки факти за специфично женски маки“ преку ноншалантни шеги, каде таа е секогаш во центарот на заебанцијата. Оваа (поп) фигура потоа продолжува да живее преку тик-ток трендови, налик на the feminine urge to, но и во нашиот очигледен интерес и препознавање во ликови кои од една страна се независни, начитани и духовити, но од друга страна се случува комплетен распад систем. Зборувајќи за ова Клајн вели: „очигледно почнавме да ги интернализираме нашите егзистенцијални болки и анксиозности, смешкајќи им се свесно; и емотивно затапуваме за да задржиме некоја доза на ноншалантност.“

Во психологијата дисоцијацијата се опишува како ментален процес на одвојување од сопствените мисли, чувства, сеќавања или идентитет. Психотерапевтката Радмила Живановиќ во рубриката Прашај психолог на Радио МОФ вели: „Дисоцијацијата значи дека постои забрана траумата да се асоцира со остатокот од животот. Според Басел Бан дер Колк, таа не припаѓа на остатокот од животот и се трга од севкупноста на чувството на себе. Во дисоцијацијата постои расцеп меѓу различните доживувања на себе, а дисоцираниот дел е најчесто делот во кој еден аспект од себе е изгаснат, исплашен, и силно истрауматизиран.“

Психолозите веруваат дека секој може да се дисоцира до одреден степен, но постои разлика меѓу дијагностицираното дисоцијативно нарушување и „непатолошката дисоцијација“, при што мозокот на субјектот накратко оди на автопилот и се одвојува од моменталната болка.

Дисоцијативниот феминизам не се однесува на медицински дијагностицирани појави на дисоцијација, туку на свесното, дури перформативно „одвојување“ од општествениот и/или интимниот контекст, преку разновидни нихилистички ставови и деструктивни пракси, како своевиден одговор на трауматичните искуства и секојдневие. Феноменот најпластично се забележува кога Fleabag погледнува во камерата за време на клучни моменти во наративот, исклучувајќи се од сопственото тело, зборувајќи ѝ директно на публиката. Овие моменти на исклучување се случуваат кога таа е соочена со кринџ, болни, трауматични настани, на што самата одговара со самопотценувачки / обвинувачки хумор, секогаш интернализирајќи ја траумата и потоа свесно дејствувајќи на начин што ќе искреира дополнителен хаос, наместо вистинско процесирање на искуството. Се работи за „кинематографска екстензија на одвојувањето на умот од телото, што се случува за време на вистинска дисоцијација, и се користи за да се опише механизам за справување што го користат многу млади жени денес.“

Проблематично е оваа состојба да се стави во иста реченица со феминизмот. Баш затоа концептот на дисоцијативната феминистка е подложен на силна критика. Во суштина, оваа фиктивна фигура е повлечена, дури исклучена од случувањата, и свесно тоне во сопствената мизерија, наместо да стане активен субјект, одговорен за својот живот и избори. Веројатно она што е најпроблематично кај неа е фактот што таа единствено може да постои на начин да биде привилегирана. Дисоцијативната феминистка, слично на фиктивните ликови од кои е инспирирана, е веројатно девојка која има удобен живот и ресурси, за да може да се потпре на својата фотелја со флаша вино и да твита за сите начини на кои животот ѝ е сјебан, или да креира ситуации кои дополнително би ѝ ја зацементирале таа позиција.

Сепак, сè повеќе жени, на овој или оној начин, го перпетуираат и ре-креираат овој троп во своите реални животи. Според Аманда Бенан, истражувачка на meme културата, пандемијата и живеењето во ера во која се чувствуваме како да не постојат упатства како безбедно да се движиме низ светот, може да претставуваат дополнителен поттик спрема (само)уништувачките пракси. „Ако е ризично да се прави било што, тогаш зошто да не изгориме сè?“, вели таа.

Деструкцијата како креација

Но пред да ја погребаме фигурата која свесно и со умисла уништува сè околу себе, зошто да не се обидеме да го разбереме овој порив и да погледнеме во можниот потенцијал кој ја носи таа позиција, и можниот излез/исход од истата. Деструктивната хероина од нашето meme-време ме наведе да помислам на две хероини од минатиот век – двете Марии од генијалниот филм на чешката режисерка Вера Хитилова, „Маргаритки“, кој претставува своевидна химна на уништувањето, како автентичен чин на женски отпор.

Двете главни протагонистки, за кои не знаеме ништо, освен дека делат исто име, решаваат дека, штом светот е расипан, не им преостанува друго освен и тие да бидат расипани. Немаат минато, ниту иднина, се чини како да немаат цели, не сакаат ништо материјално, ниту емотивно, освен да се движат полетно, кон никаде. Тие не држат ниту креираат било каква вредност во културата на продуктивност и не располагаат со место на масата каде се носат одлуки. Нивната моќ како ликови доаѓа од интимното пријателство, заедничко пакостење и автентично постоење во свет кој функционира според машкиот принцип, кој тие сатирично го отфрлаат. Во центарот на овој филм се само тие, и го освојуваат секој кадар со чистата сила на две жени кои се живи и едноставно решаваат да ги изиграат правилата на игра.

Уништувањето, и материјално и морално, е централниот и најпостојан елемент во непостојаната нарација на филмот, кој претставува раскинување со дотогаш прифатените начини на раскажување. Мариите уништуваат сè пред себе: храната, просторите, градот и себе, како одговор спрема угнетувачкиот свет околу нив, што претставува своевидна критика на тогашна Чехословачка и предвесник на Прашкатa пролет. За Хитилова, формите и значењата на уништувањето како тема се далеку од еднозначни. „Таа смета дека уништувањето е брутално, ослободувачко, бунтовно и претставува креативна сила. Понекогаш тоа е неопходен пат за да се потврди постоењето. Неограничената радост го прави уништувањето афирмативно, интервенција која е освестена од политиката на слободата.“

Откако двете Марии во последната сцена (поради која Вера Хитилова станува persona non grata), ќе уништат буквално сè околу себе, тие манијакално пробуваат да ја „поправат“ штетата што ја направиле. Легнуваат под раскошниот лустер, воздивнуваат со извештачено задоволство и повторуваат колку се среќни, како финален шамар кон идејата за продуктивност и прогрес, во услови на тотален морален и духовен распад.

Каде и како оттука?

Не е лесно да се повлече директна линија меѓу овие различни женски ликови и нивните комплексни одговори на реалноста во која се чувствуваат угнетено и разочарано. Но гледајќи ги овие жени кои на различни начини (но со сличен стил и нарав) навигираат низ бруталниот свет, уништувањето на идејата и очекувањето да се биде послушна, нормална, продуктивна, прави совршена смисла, и донекаде може да се гледа како стратегија на отпор, наместо каприц. Понекогаш уништувањето е потребно за креација на нов ментален простор за реобмислување на нашето место тука и овде, особено во нестабилно и тешко време. Овие смешно-трагични ликови се ликови на денешницата зашто ни даваат можност да се прифатиме во нашето најлошо. Во нив наоѓаме афирмација за нашите freaky расположенија, несфатливи избори и темни места и, конечно, ненаметливо, без да ни држат лекции, ни покажуваат дека и оттаму има каде. Тешко е точно да се лоцира тој пресврт, но најчесто се наоѓа во враќањето кон најинтимните чувства и релации: блиските пријателства, нежните и суптилните тактилни задоволства, заедницата која ни ги афирмира постоењето, љубовта и грижата…Токму тој пресврт го гледаме во развојот на ликот на Fleаbag, која при крајот на серијата полека престанува да ни се обраќа директно и почнува да чекори во своите чевли, дозволувајќи си да има верба во себеси, колку и да е таа верба кршлива. Дисоцијативната феминистка можеби е автодеструктивна, но истовремено е и самосвесна; доволно за да се доближи и ѕирне во бездната и да живее отаде.

Разговарајќи на темава со една другарка, таа сподели дека тоа што го гледа околу себе ѝ прави совршена смисла. Вели дека тоа што го донесе пандемијата (и што и да доаѓа следно), меѓу другото, е и нашиот променет однос кон сопствениот живот, време и релации. Од местото на апатичност и очај се раѓа некоја чудна, луда храброст да се раскрсти со тоа што не е наше, а го држиме згрчени во страв. Веќе многумина од нас ги живеаат своите стравови и оттаму си дозволуваме да бидеме некоја верзија на себе што била инхибирана, да се испразниме, да искршиме, да се повредиме…

Моменталната несигурност на (концептот на) иднината може да биде потенцијал да живееме поавтентични животи. Да прифатиме дека ослободувањето не е финална дестинација, туку нешто што се случува кога го вклучуваме во нашето секојдневие, во моменти на радост и перспектива, во чекорите што ги правиме, колку и да ни се чинат мали или хаотични. Отфрлањето на веќе утврдените констелации, прифатливи начини на живот и формални и неформални институции, во овој момент е можеби најрационалното нешто што можеме да го направиме, зашто на сите ни станува јасно дека иднината искреирана по старите матрици на однесување - веројатно никогаш нема да дојде.

Самата последнава година уништив сè што ми даваше чувство на безбедност и стабилност, во и вон себе. Оттогаш лебдам во некое непознато и несигурно простор-време. Сакам да верувам дека ништо друго не прави смисла во свет кој гори. Ми се чини банално да станувам за работа, да штедам, или да бркам некој имагинарен краен рок. Ми се чини банално што луѓе околу мене чекаат бебиња, а истовремено храбро и прекрасно. Ми се чини банално да седам и пишувам текст за тоа како сè ми се чини банално. Ми се чини банално да се вложувам во моите микро констелации, да правам планови, да сакам… Но колку и да е иронично, токму од тоа чувство на баналност црпам перспектива за она што навистина е важно и вредно. Понекогаш можеби треба да кренеме раце од сè, за повторно да почнеме да веруваме. За мене, тој момент не е стигнат. Но некаде во мене има мала искра надеж дека ќе пристигне. И тоа ми е доволно, не само за да се одржам во живот, туку за навистина да живеам, да создавам и да се ресоздавам.

Фотографиите се од серијата Fleabag (Phoebe Waller-Bridge, 2016-2019)

 

Извор за текстот: Медуза

 

Слични содржини

Општество / Живот / Теорија
Психологија / Живот
Општество / Живот / Теорија
Општество / Теорија
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото