Вистината е прва жртва во секоја војна

14.03.2022 14:34
Вистината е прва жртва во секоја војна

Мислата дека првата жртва на секоја војна е вистината, ми ѕуни во ушите веќе втора недела од траењето на оваа ужасна војна во Украина. Барајќи кој прв ја кажал оваа одвратна вистина за војната, открив дека во модерната доба тоа била Етел Анакин, која во 1915 напишала статија во која изреката му ја припишува на непознат автор од минатото: „Некој прекрасно кажал дека вистината е првата жртва на војната, и никогаш немало поголема невистина дека војната се води за заштита на жените и домовите“. Сепак, најчесто изворите го наведуваат Хајрам Џонсон, сенатор од Калифорнија, кој во американскиот Сенат во 1918 година изјавил: „Кога е војна, првата нејзина жртва е вистината, и кога во која и да е војна, која било поединечна нација сака со оружје да нападне друга, таа секогаш инсистира дека тоа го прави во самоодбрана“. За вистински автор се спомнува и Сун Цу во шестиот век пред нашата ера, кој напишал дека „Секоја војна е заснована на измама“, па дури и Есхил, но јасно е дека оваа вистина за војната им е позната на умните луѓе откога војните се воделе, а тоа е сосем сигурно од почетокот на човековото време.

Но, мислам дека смртта на вистината настанува долго пред војната, кога во едно општество ќе настанат услови што ѝ погодуваат на војната да се појави и да вирее. Тие услови обично се појавуваат во социјалната организација наречена „држава“ и, колку е поголема државата, односно колку повеќе државата е империја, толку повеќе е таа крвожедна и воинствена. Империите војувале отсекогаш, голтајќи ги помалите држави и народи што ќе им се најдат на патот на проширувањето на своите граници.

Војувањето на далечниот „лимес“, на империјалните граници, било најдобро документирано во Римската Империја, од кога датира и основната тактика на империјата во поробувањето на соседите, преточена во латинската изрека divide et impera, односно раздели и владеј. (Инаку, историчарите тврдат дека изреката, заедно со начинот на водењето на војна, потекнува од нашиот роден Филип Втори Македонски, па била подоцна усвоена од Јулие Цезар, за во поново време да ја користи и францускиот император Наполеон.)

Тоталитаризација на слободниот свет

Значи, што ни кажуваат историските искуства? Сè во врска со војната е лажно: и нејзините подготовки во лажното чувство на загрозеност, и ширењето на таа индуцирана инфериорност што бара ослободување низ насилство, и воената пропаганда што ги окривува непријателите за сите неволји, и вестите од војната во кои вистината е мртва и, конечно, лажни се и сите воени победи. Империите и државите знаат и да победат, но секој што преживеал војна или има душа да го почувствува туѓото страдање, знае дека во војните никогаш нема победници помеѓу луѓето.

Колку е тажно и разочарувачки за овие историски искуства да пишувам скриен во работната соба, далеку од телевизорот, од каде избиваат ужасни слики и вести за страдања на невини луѓе, за гибел и масовна несреќа, за милиони бегалци од воениот пекол; од каде се точат откршоци од вистини во кои човек не сака да поверува, и од каде се веат невистини што на обичниот човек му се полесни за верување. Но, денес, од големите војни – колку и да се далеку – никој не може да избега, и додека жртвите на војната трпат незамисливи страдања, сите ние другите, среќници на кои војната им грми зад хоризонтот, го чувствуваме нејзиниот смртен здив и во дувлата во кои сме скриени. Зашто, каде и да се води војната – а не пак во една толку блиска и братска славјанска земја – жртва е и нашата човештина, мртва е и нашата вистина.

Да фаќа човек страна во далечна војна помеѓу братски народи е неверојатно глупаво, зашто – макар од блиското и грозно искуство од југословенските братоубиствени војни во деведесеттите – идентификацијата со една од страните во војната се прави единствено врз предрасуди што се пред и во текот на војната хранети и гоени со неверојатно голем број полувистини, невистини, манипулации, пропагандни шпици и најодвратни лаги, што од масмедиумите се прелеваат секогаш кога е војна и долго време додека таа се подготвува.

Меѓутоа, да се биде неутрален во ситуации во кои е очигледно дека посилниот врши агресија врз послабиот е длабоко неморално, зашто неутралноста значи автоматско застанување на страна на посилниот. Така што, мислам дека дискусијата за тоа кој ја заслужува нашата поддршка е малоумна и неморална по себе: ние сме сите на страната на украинскиот народ кој е жртва на воена агресија од руската солдатеска.

Од друга пак страна, длабоко се сомневам дека мерките што земјите од нашиот воено-политички сојуз ги преземаат како притисок против Русија и како помош за Украина, се воопшто целесообразни. Првин, тоа е информатичкото затворање на сите руски телевизиски и интернет-медиуми, што е мерка што нормално ја прават авторитарни и тоталитарни режими, па со неа се кршат правата и слободите на информирање сосем неселективно, на целата популација од двете страни на границите помеѓу Русија и светот. Потоа, тоа е и вистинското натпреварување да се затвори, укине и да се поништи сè што е руско, почнувајќи од руската економија, па и целото општество, заедно со 150-те милиони руски граѓани и завршувајќи со сите спортисти, уметници, писатели или што и да е со руски предзнак. Тоа се мерки што тоталитарна држава ги спроведува во тотална војна, а кои, патем, ниту во процент не биле спроведени против Хитлерова Германија. Да се изолира и уништи цела Русија, неселективно, зашто тоа да ти бил единствениот рецепт да се изврши притисок врз претседателот Путин и врз неговата врхушка е на сличен начин тоталитарно каква што е и војната која е повод за мерките. Неселективните санкции кон сите граѓани на Руската Федерација, по својата сеуништувачка ширина и слепа омраза, зборува повеќе за тоталитаризацијата на „слободниот свет“ отколку за смислени миротворни напори.

Губитници ќе бидат сите

Сите веќе знаат дека таквите неселективни економски и други санкции кон цели нации се неморални, а честопати и злосторнички, зашто убиваат тивко, долго и масовно, на начин што не ја засега совеста на обичниот граѓанин од земјата што санкционира, секогаш најпрво целејќи ги најсиромашните и најранливите групи од санкционираното население. Потоа, ниту едни слични санкции – а олку радикални практично немало од кога е светот – не ја постигнале својата декларирана намера. Искуството кажува дека колку се санкциите порадикални, толку е војната што санкционираниот ја води посурова, побескомпромисна и покрвава.

Од друга страна, на Украина ѝ се помага со уфрлување лесно и средно тешко оружје, за да може да се дистрибуира на колку што е можно повеќе воено необучени граѓани, што на крајот ќе предизвика само повеќе жртви, во подолга и поочајничка војна. Според мое скромно мислење, најефикасното миротворно дејствување е безмалку обратно од ова што го чини меѓународната заедница. Тоа се оние напори што ќе обезбедат најголема отвореност и комуникација помеѓу руското и украинското раководство, и најголема отвореност на Русија кон светот и на светот кон Русија, што значи и најголема вклученост и комуникација на лидерите на светот во градењето на меѓусебниот респект, верба и спогодливост, што ќе целат кон што побрзо сопирање на непријателствата и кон што помалку жртви. Но, веќе е доцна.

Она што се случува денес во Украина е провереното авганистанско сценарио, во кое е погребан Советскиот Сојуз, сега применето како најсигурниот начин да се (само)уништи денешна Русија. Тоа сценарио веќе се „игра“ и ќе се оствари преку долга, крвава и истоштувачка војна со Украина. Војна во која украинскиот народ ќе ја плати најголемата цена, а по него сите народи на Руската Федерација. Тоа ќе биде војна во која омразата практично нема никогаш да исчезне, дури и кога ќе се слават победите, и кога ќе бидат погребани мртвите. Војна, која ќе цели да заврши само со губитници, по која на мртвата вистина веќе нема никогаш да ѝ се знае гробното место.




Слики: Пабло Пикасо
Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Технологија / Живот / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото