Враќањето на мојата Евридика

14.03.2022 17:58

Од кои предели и ноќи твојот глас ме вика
Дали во темните вилаети на сонот пак спиеш
Ти изгубена во ова столетие мртва Евридика
што вон денот, и јавето во некоја билка се криеш
Од кои предели и ноќи твојот глас ме вика

Од сите градски светилки светлоста ја обрав
И со полноќно сонце в очи по ѕвездите скитам
На сончевото срце те цртам Ти света и добра
засекогаш изгубена во невраток Те китам
со светлоста што од сите светилки ја обрав

Те барам во мразот дождовите и непостојаниот ветар
од онаа страна на месецот и неможноста на сонот
Твоето име го испишувам на грбот на миризливиот етар
твојата песна ја ѕвонам на златното небеско ѕвоно

А тебе те нема О тој страшен прекор
на твојот глас што од темни длабочини ме вика
Па болен и крвав слегувам во рајскиот пекол
и таму да те побарам о моја Евридика

 

II


О слепо чекорење по мрачни патишта а врнат
камени дождови и чудни билки ме пијат
Ти спиеше на еден камен и златна и црна
сонот ти го чуваше некаква ретка змија.

За да те разбудам каменот го изгризав со заби
три ноќи мракот со своите очи го горев
Во очите сјајот го изгубив О да би
те разбудил испив бескрајно отровно море.

И тргнавме кон светлоста А страшно и лудо
жед да видам дали си зад мене почна да 'рти
Очите си ги ископав и за чудо
како лудиот Орфеј фатално не се свртив

Те вратив воскресната од пеколот на овој град
и на најстудените ѕвезди им покажав како се љуби
Се вратив изгорен а тргнав силен и млад
тебе те најдов но себе се изгубив

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото