Мартовски Иди

15.03.2022 22:41
Мартовски Иди

Мартовски Иди (15 март), 44 год. пр. н. е., Рим

„Додека седнувал на своето место, заговорниците се собрале околу него, божем да му оддадат почит; Тилиј Кимбер, кој го презел водството, му пристапил како да сака нешто да го праша, а кога овој му одмавнал покажувајќи му да го остави тоа за другпат, Кимбер му ја повлекол тогата од обете рамења; Кајсар извикал: 'Па ова е насилство!', а еден од Каските го ранил од зад грб, малку под грлото.

Кајсар ја фатил раката на Каска и ја исекол со своето перо, но обидувајќи се да се крене, бил запрен од уште еден удар; откако забележал дека отсекаде му се закануваат извлечени бодежи, ја засолнил главата со својата тога, а со левата рака го потегнал наборот од тогата сè до стапалата; сакал да падне подостоинствено, така што и долниот дел од телото да му биде покриен.

Бил прободен со дваесет и три удари без да испушти глас; застенкал само еднаш, при првиот удар, иако некои пренесуваат дека, кога Марк Брут навалил на него, овој му рекол: 'Зар и ти дете мое?' Откако сите се разбегале, извесно време лежел така, без душа, сè додека три слугинчиња не го положиле на носилка и, со едната рака висната надолу, го однеле дома. По проценката на лекарот Антистиј, од толку многу рани не била смртоносна ниту една, освен онаа втората, што ја добил во градите.“1

***

Мартовските Иди (латински - „Idus Martii“ или „Idus Martiae“) е името на датумот 15 март од римскиот календар, најверојатно потенцирајќи го денот на полната месечина. Терминот „Иди“ се користел за петнаесеттиот ден од месеците март, мај, јули и октомври и за тринаесеттиот ден од останатите месеци. Мартовските Иди биле ден на кој се одржувал фестивал посветен на богот Марс и обично биле одржувани воени паради. Во помодерните времиња, терминот „Мартовски Иди“ е најдобро познат како датум на кој е убиен Гај Јулиј Цезар во 44 г. п.н.е. Јулиј Цезар бил избоден (23 пати) до смрт од членови на Римскиот сенат предводени од Марк Јуниј Брут, Гај Касиј Лонгиниј и 60 други козаговорници.

На патот до Помпеовиот театар (каде што е извршен атентатот) Цезар бил заедно со претскажувач кој му рекол дека голема несреќа ќе му се случи најкасно до Мартовските Иди. Цезар на тоа се пошегувал, „Па Мартовските Иди веќе дојдоа“, на што претскажувачот одговорил: „Да, тие дојдоа, но сè уште не заминаа“. Овој состанок е популарно драматизиран во Шекспировата драма „Јулиј Цезар“ кога Цезар бил предупреден од претскажувач на иднината да „се пази од Мартовските Иди“.

1Извор: Гај Светониј Транквил, Божествениот Јулиј, гл. 83, во Дванаесетте римски цареви, превод од латински и белешки Весна Димовска-Јањатова, Војислав Саракински, Култура, 2001

Слика: „Убиството на Јулиј Цезар“, Карл вон Пилоти, 1865 г., Ландесмусеум Хановер.

Преземено од: ΑΡΓΩ

ОкоБоли главаВицФото