Македонско цвеќе, леб и сол за руските ослободители!

16.03.2022 14:42
Македонско цвеќе, леб и сол за руските ослободители!


За да го разбереме оправдувањето на руската агресија врз Украина од страна на голем број наши граѓани (речиси сите без исклучок од етничко македонско и од српско потекло), треба да ги земеме предвид сите аспекти на неверојатната руска агресија и врз украинскиот народ и врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Од тоа што мојата маленкост може да го забележи на социјалните мрежи и низ целиот интернет-простор, етничките Македонци злорадосно навиваат и се ситат на злокобната „судбина на братскиот украински народ“, сметајќи го тоа како конечно „враќање за неправдата“ што беше направена врз СР Југославија, поточно врз Србија со бомбардирањето на НАТО и западните сојузници во 1999 година.

Веднаш да расчистиме, за да немаме дилеми: етничките Македонци тоа го прават поради нивната духовна покорност и душевна / културолошка српска поробеност, нивниот комплекс на пониска вредност кон „браќата Срби“ и поради нивната просрпска ориентираност, а никако поради човечки правдини или човечка емпатија. Бидејќи, ако било така, и овојпат ќе се солидаризираа со траорното страдање на Украинците.

Не може едно зло да го оправдувате или да го релативизирате со друго (а Американците можеа да влезат во Ирак, Авганистан, Сирија, Виетнам, Либија…?). Од друга страна, тие ова го гледаат и низ призмата „победа на Русија против Америка“, сметајќи дека ова е борба помеѓу двете воено најмоќни држави во светот; се разбира, „злото“ (читај САД) овојпат е поразено, конечно, и не може да прави што сака и како сака насекаде низ светот.

Зошто омраза кон Америка?

Омразата што просечниот Македонец ја чувствува кон САД и кон Европската Унија е детерминирана од неколку фактори. Вадењето на УЧК-терористите со „американски“ автобуси од Арачиново во 2001 година при воениот конфликт со етничкото албанско население, остана како ментален траор во главите на Македонците, манифестиран во децениски гнев и бес за тој „пораз“; потоа проблематизирањето на користењето на нашето уставно име Македонија и „толерирањето“ на јужниот сосед да го негира и да го оспорува, како и последователните вета и нашите Танталови маки на патот кон полноправно членство во самата Европска Унија.

Тоа се главните причини - не дека нема и други - но врз база на таа премиса денешниот Македонец навива здушно и страсно за московскиот Хитлер во „специјалната акција“ во Украина, сметајќи дека тука Америка е поразена воено, дипломатски, теренски, организациски, секако.

Се разбира дека ова се „аргументи“ што не само што немаат никаква рационална подлошка, туку се и срам за македонскиот национален супстрат. Останува уште масовно на улиците и низ плоштадите, како Србите во Белград, и ние да излеземе и да му дадеме поддршка на Путин. Не се сомневам дека сме спремни и на таква идиотштина.

Луѓето што малку повеќе ја разбираат меѓународната политика, испреплетеноста и сложеноста на меѓународните политички односи, сепак малку поинаку, од друг ракурс, ги гледаат работите. Имено, САД направија сè Македонија да добие позитивно решение во однос на негирањето на употребата на нејзиното уставно име. Но многумина тука очигледно не ја разбираат важноста, улогата и стратешката позиција на Грција во меѓународниот свет во изминативе сто години. Оттука Преспанскиот договор беше максимално можното решение кое најмоќната светска дипломатија го наметна врз нејзиниот децениски сојузник (Грција) и врз нас како помлад сојузник. Тоа дека не сме задоволни од решението е исклучиво наша вина бидејќи многу многу поповолни решенија за нас - за разлика од актуелново - самите ги испуштивме низ децениите наназад, самозалажувајќи се дека „времето работи за нас“. И тоа е исклучиво наша вина, односно вина на нашата простачка политичка елита и на нашата неспособна и раскантана дипломатија.

Што се однесува до улогата на САД во воената 2001 година, огромен дел од населението смета дека „војната беше предизвикана од Американците“, што е ноторна глупост и лага. Војната беше предизвикана од удбашките структури на нашите омилени северни соседи, кои по губењето на сите војни во 90-ите години како кукавичко јајце ни ја сместија и снесоа воената 2001, се разбира, во директна координација и корелација со длабоко вгнездените и инкорпорираните безбедносно-разузнавачки елементи и структури во нашите безбедносни служби, кои сè уште служат на еден друг, многу помоќен центар на моќ, наречен Белград. Американската дипломатија и САД беа тука да ја „изменаџираат“ состојбата за да не завршиме тотално во крв до колена и да се случи „втора Босна“ на Балканот. Вадењето на УЧК терористите од Арачиново со нивни автобуси беше цената што требаше да се плати за да се спречи таков иден развој на настаните и нов ужасен Дејтон, наместо „ужасниот“ Охридски рамковен договор.

Негазени од руска чизма

За да ја разбереме, пак, со ништо оправданата сочувствителна љубов кон „мајка Русија“ од страна на братскиот словенски македонски народ, може да го земеме одговорот на еден мој колега од факултетските денови: „Остај ги, бе, не се свесни што значи руската чизма низ историјата да те гази воено, духовно и секако“. Тука веројатно се кријат причините зошто Македонецот толку ја сака Русија. Нормално, ние сме биле многу далеку од територијалниот радар на моќната руска империја, која експоненцијално ги ширела своите граници на исток, запад и на југ, но не дошла во директен допир со македонските земји, како што тоа го направила во поранешните советски и поранешните земји од Варшавскиот пакт. Затоа, прашајте ги Чесите и Унгарците – за Украинците, Грузијците или за балтичките народи и не станува збор – што значи „руска чизма“, или во превод руски тенкови да влезат во вашите земји и во вашите главни градови. И дали денеска ќе имате толку благопријатни чувства за историската улога на Русија.

Но, познавајќи го менталитетот на Македонецот и тоа не би ме чудело: денеска Турците ни се едни од најдрагите и најсаканите народи и Турција како држава, заборавајќи што им правеле нивните претходници Османлиите повеќе од пет века на нашите градови и села, на нашите предци, на нашите баби и дедовци. Особено на бабите. За Србите и за Србија, одново и тука не станува збор: никаде, никогаш и со ништо Македонецот нема да ја спомне историската „улога“ на братска Србија во Балканските војни во окупацијата на ова што денес ние го викаме Македонија (некои Северна), во периодот од 1919-1941 година, но затоа, пак, како папагал е навиен да испушта крици за злобните Татари, за нивните фашистички колежи и бесења во периодот од 1941-1944 година.

Веројатно, ако сме биле на страната на Украинците, денес ние со цвеќиња и каранфили ќе ги пречекавме 20-годишните „војници“ на возљубениот Путин, качени на тенкови како ги освојуваат „нашите“ Харков, Мариупол, Киев, Запорожје… Исто онака, како што ги пречекавме фашистичките окупатори во далечната 1941: со цвеќе, леб и сол. За добредојде!

Слики: Ѓорѓе Шијаковиќ
Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Општество / Став
Општество / Став / Историја
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Став / Историја
Општество / Став / Историја

ОкоБоли главаВицФото