Левица го продаде ликот и делото на Гоце Делчев на мастермајндите на Сан-Стефанска Бугарија

16.03.2022 22:09
Левица го продаде ликот и делото на Гоце Делчев на мастермајндите на Сан-Стефанска Бугарија

„Денес, 16 март 2022 година (среда), со почеток во 13:00 часот, во репрезентативната „Струшка сала“ на Собранието на РМ – пратениците на Левица проф. д-р Димитар Апасиев и Борислав Крмов остварија деведесетминутна работна средба со рускиот амбасадор во Република Македонија – Н.Е. Сергеј Баздникин.“

Штом Апасиев се дрзнал да оди кај официјален претставник на Русите, очигледно направил кардинален превид од бурен, колосален и контроверзен размер за него како правен експерт на член 6 од Сан-Стефанскиот договор од 1878 година кој предвидуваше воспоставување на Бугарско кнежество, а во чии граници беше вметната скоро цела Македонија. Вметнувањето на Македонија го содржеше потенцијалот за руските бродови да ги користат бугарските медитерански пристаништа како свои поморски бази. Но, затоа пак, беше жртвуван сонот на душата, мозокот и телото на внатрешната македонско-одринско револуционерна организација за автономна Македонија! Ете, до кој степен се недоквакани, непромислени или само лицемерни водачите на Левица со нивниот гест на врачување на монета со ликот на Гоце Делчев во рацете на изнудувачот на Сан-Стефанска Бугарија – Русите, кои патем Апасиев со ум од оган и срце од мраз ги апотеозира.

Воената агресија врз суверена и независна Украина иницирана од варваринот Путин и неговата воена хунта тавтолошки погрешно ја нарекуваат „специјална воена операција во Украина“ чија цел ја оправдуваат заради „денацификација и елиминирање на заканите од екстремно-десничарските и радикалните неонацистички политички движења, кои се опасност за секоја современа демократија.“

Меѓутоа, ова не само што е измислица на пробисветот Путин и неговите воени профитери за да извршат инвазија на една суверена и независна држава, туку и хомодуплексност пар екселанс! Прво, самиот фактот што заклучно со 15.03.2022 година 4 генерали на руската армија (генералот Виталиј Герасимов, генералот Андреј Колесников, генералот Олег Митјаев и генералот Андреј Суховецки) ги загубија животите за 20 дена „специјална воена операција“ – е апсолутен рекорд во историјата на војните, и доказ дека не се работи за обичнo faire promenade на руската мечка во житните полиња на Украина туку вистинска војна во која гинат генерали заради фантазиите на бункерскиот психопат oд Кремљ!

Најверојатно, украинските националисти за кои зборува манијакалниот лик Путин се волонтерски баталјони Десен сектор и Азов, иако тој не ги именува. Баталјоните учествуваа во операцијата на обединетите сили на украинската армија во Донбас во 2014 година. Азов потоа стана пешадиски полк на украинската национална гарда. Сепак, овие баталјони се многу мал дел од украинската армија.

Во однос на нивната можна екстремно десничарска идеологија, постојат утврдени врски меѓу некои членови на Азов и политичката партија Национален корпус. Партијата, сепак, има слаба поддршка во општеството и никогаш не влезе во парламентот. Злонамерна лага е тврдењето на wannabe историска легура од советски диктатор и хан на златна орда – Путин дека тие имаат какво било политичко значење во Украина.

Спротивното е случајот, бидејќи најголемиот број украински војници кои моментално се борат во Донбас – се од областа Днепар во Украина, која претежно се говори руски. Антон Шеховцов, директор на Центарот за демократски интегритет, автор на „Русија и западната крајна десница“ вака го резимира ова:

„Користејќи ја својата стратегија за игра, Кремљ е преокупиран во измислувањето на голема руска лага: наводен геноцид на етничките Руси во Донбас. Имајте до знаење дека значителен процент од украинската војска што ја брани својата татковина од агресијата на „екскурзијантот“ Путин се од етничко руско потекло. Украина нема проблем со етничката припадност – на крајот на краиштата, мајчиниот јазик на претседателот на Украина со еврејско потекло – е рускиот јазик. Она со што Украина има проблем се агресорите од кое било етничко потекло. Украина е мултиетничка, така и агресорите.“

Самопрогласените „републики“ Доњецк и Луганск отсекогаш биле магнет за руските ултранационалисти и отворените неофашисти – почнувајќи од Павел Губарев, кој го започна сепаратистичкото востание во Доњецк во март 2014 година… Тој е член на Руското национално единство, чиј амблем има непогрешлива сличност со свастиката.

Докажливи се и врските на милитантите од Донбас со основачот на „евроазиското движење“, Александар Дугин, кој е екстремно десничарски лидер во Русија и навистина отворено повика на „геноцид“ на „расата копилиња“ за кои сметал дека ги замениле вистинските Словени во Украина.

Во 1997 година, додека сè уште бил ко-водач на Национал-болшевичката партија на Русија, Дугин го објавил своето најважно дело „Темелите на геополитиката“. Воениот советник на Дугин за оваа книга бил генерал-полковникот Николај Клокотов кој предавал на Воената академија на вооружените сили на Русија. Со помош на овој генерал-полковник, Дугин дал план за изградба на Евроазиската Империја. Одредени региони и земји би биле одземени по пат на воена сила (груба сила), други региони и земји - со силата на убедување (мека сила). Во поглед на Украина, на пример, Дугин напишал:

„Сувереноста на Украина претставува еден таков негативен феномен за руската геополитика што може, во принцип, лесно да предизвика воен судир. Украина како независна држава со одредени територијални амбиции сочинува огромна закана за целата Евроазија, а без решението на украинскиот проблем, нема смисла да се зборува за континенталната геополитика. Земајќи го предвид фактот дека едноставна интеграција на Москва со Киев е невозможна и нема да резултира со стабилна геополитичка структура, Москва треба активно да се вклучи во реорганизација на укранскиот простор во согласност со единствениот логички и природен геополитички модел.“

Овој „логички и природен геополитички модел“ подразбира поделба на Украина на неколку „зони“, мнозинството од кои ќе бидат директно контролирани од Москва. Ова е нешто што Кремлин моментално веќе се обидува да го направи од 2014-2015 и уште поинтензивно со директно воено вмешување во Украина на 24 февруари 2022 година.

Пропаста на прорускиот режим на Јанукович е голем пораз за руските национални интереси. Етатистичкиот врколак Путин ја гледа Украина како сателит на рускиот протекционистички капитализам. Како што еднаш тој му рекол на тогашниот американски претседател Џорџ Буш: „Украина дури не е држава.“ Во јавност, сталинистичката баќушка Путин не може да се дрзне да ја нарече Украина било што освен „крај“, руски збор за територија. Тој е одлучен да ја стопира Украина да се најде под крилото на европскиот капитализам предводен од Германија. Но, неговиот човек, Јанукович не можеше да помогне. Затоа, сега тука се неговите лоши момци од ултранационалистичкиот лумпен-пролетеријат да ја завршат црната работа.

Што се однесува до алтернативата на рускиот пазар за македонските производи, за чудо на Апасиев и Крмов, таа се наоѓа во самата програма на Левица. Замислете колку овие две руски кучиња се недоквакани и ариергарда што не знаат што пишува во програмата на сопствената партија која ја претставуваат во парламентот! Ако нашата држава со Русија импортира на годишно ниво стоки и услуги во вредност од 120 милиони долари, а импортот е 60 милиони долари, што преведено е дефицит од 60 милиони па и да нема алтернатива на рускиот пазар, а има (!) – на пример - перспективни нови пазари се јавуваат и во блискоисточните земји, земјоделците нема да пропаднат, бидејќи бројките апсолутно не се високи а државата може да го компензира овој дефицит со директен финансиски интервенционизам како и добар дел од увезените производи да се произведат во домашни услови. Класичен палијатив од кејнзијанизам кој го пропагира програмскиот ренегат на Левица – Бранимир Јовановиќ! Што тогаш толку се глупираат овие двајца поткусурувачи на ликот и делот на Гоце Делчев! Па, вратете си го во партиските пазуви економскиот врачар кој залудно го избркавте а од друга страна лицемерно продолжувате да ја труете радикалната левица со кејнзијанизам!

Кршењето на меѓународното право од страна на империјалистичките сили како Соединетите Американски Држави, Русија и Кина, доведувањето во прашање на битисувањето на помалите држави, тоа е пострашното прашање, драги „анти-империјалистички“ „леви“ „патриоти“ од „Левица“! Македонија во почетокот на 1990-тите како држава имаше економски ембарга и од Грција и од Србија, но сепак тогашните влади најдоа алтернативни пазари. Еден брод-цистерна ќе дојде со гас во Солун и ќе нè обезбеди со гас за четири месеци, тоа има замена, замена немаат животите кои малиот Сталин ги убива во Украина, о послушете, вие голи путлеристи кои бесрамно се претставувате како русофили!

Фотографиите од Првата светска војна се на Ернест Брукс.

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Став / Теорија / Историја
Општество / Став / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото