Слабостите на деспотот

17.03.2022 16:33
Слабостите на деспотот

 

Фото: Pavel Dorogoy/AP 

Стивен Коткин е американски проучувач на руската историја. Ја напишал биографијата на Јозеф Сталин. Досега објавил два тома - „Парадокси на моќта, 1878-1928“, книга финалист за Пулицеровата награда, и „Чекајќи го Хитлер, 1929-1941 година“. Третиот том ќе ја води приказната низ Втората светска војна, смртта на Сталин, во 1953 година, и тоталитарното наследство што го обликуваше остатокот од советското искуство. Тој е професор по историја на Универзитетот Принстон и виш соработник на Институтот Хувер, на Универзитетот Стенфорд.


Што е путинизам? Тој не е ист со сталинизмот. Тоа секако не е исто како Кина на Кси Џинпинг или режимот во Иран. Кои се посебнитe карактеристики на овој режим и зошто тие доведоа до инвазија на Украина, што изгледа како исклучително глупаво, но првенствено е брутално?

Војната обично е погрешна пресметка. Се заснова на претпоставки кои не се совпаѓаат, работи за кои верувате дека се вистинити или сакате да бидат вистинити. Се разбира, ова не е ист режим како оној на Сталин или на царот. Има огромна промена: урбанизацијата, повисоките нивоа на образование. Светот е поинаков. И во тоа се состои шокот. Шокот е што толку многу се променило, а сепак сè уште ја гледаме шемава од која одредени групи не можат да избегаат.

Имате автократ на власт - или дури, сега, деспот - кој сосема сам ги носи одлуките. Дали добива информации од другите? Можеби. Не знаеме како изгледа однатре. Дали обрнува внимание? Не знаеме. Дали му носат информации што не сака да ги слушне? Многу веројатно не. Дали мисли дека знае подобро од сите други? Многу веројатно. Дали верува во сопствената пропаганда или во сопствениот конспиративен поглед на светот? Тоа исто така изгледа веројатно. Ова се претпоставки. Многу малку луѓе разговараат со Путин, било Руси или странци.

И затоа мислиме, но не знаеме, дека тој не го добива целиот опсег на информации. Го добива она што сака да го слушне. Во секој случај, верува дека е супериорен и попаметен. Ова е проблемот на деспотизмот. Затоа деспотизмот, па дури и само авторитаризмот, е семоќен и кршлив во исто време. Деспотизмот ги создава околностите на сопственото поткопување. Информациите се влошуваат. Сикофантите стануваат сè побројни. Корективни механизми има сè помалку. А грешките стануваат многу поконсеквентни.

Путин поверувал, се чини, дека Украина не е вистинска земја и дека украинскиот не е вистински народ, дека тие се еден народ со Русите. Тој верува дека украинската влада е слаба. Верува во она што му го кажале или во што сака да верува; за сопствената војска, на пример, дека таа е модернизирана до степен да може да организира не воена инвазија туку молскавичен удар, да го заземе Киев за неколку дена и да инсталира марионетска влада или да ја принуди актуелната влада и претседателот да потпишат некаква документација.

Но, размислете за Прашката пролет, во август 1968 година. Леонид Брежњев испрати тенкови на Варшавскиот пакт за да го запре „социјализмот со човечки лик“, комунистичкото реформско движење на Александар Дубчек. Брежњев упорно му велеше на Дубчек, да прекинат. Да не го прават тоа. Дека го уништуваат комунизмот. И дека ако не застанат,  тие, Русите, ќе влезат. Брежњев влегува и ги враќаат Дубчек и другите лидери на Чехословачка назад во Москва. Тие немаат марионетски режим за инсталирање. Во Кремљ Брежњев го прашува Дубчек, откако ги испратил тенковите и го фатил, што да прават сега? Изгледа смешно, и смешно беше. Но, се разбира, се засноваше на погрешни пресметки и недоразбирања. И така, го вратија Дубчек назад во Чехословачка, а тој остана на власт [до април 1969 година], откако тенковите влегоа да ја скршат Прашката пролет.

Друг пример е она што се случи во Авганистан во 1979 година. Советскиот Сојуз не го нападна Авганистан. Направи државен удар, испраќајќи специјални сили во главниот град Кабул. Го ликвидираше авганистанското раководство и инсталираше марионета, Бабрак Кармал, кој се криеше во егзил во Чехословачка. Тоа беше голем успех бидејќи советските специјални сили беа навистина добри. Но, се разбира, одлучија дека можеби ќе им треба одредена безбедност во Авганистан за новиот режим. Така испратија секакви армиски полкови за обезбедување и завршија со бунт и со десетгодишна војна што ја загубија.

Украина, претпоставуваме, би можела да биде поуспешна верзија на Авганистан, а не е. Се покажа дека украинскиот народ е храбар; подготвени се да дадат отпор и да загинат за својата земја. Очигледно, Путин не верувал во тоа. Но, се покажа дека „телевизискиот претседател“, Зеленски, кој имаше рејтинг од 25 проценти пред војната - што беше целосно заслужен, бидејќи не можеше да владее - сега има 91 процент. Се испостави дека има храброст. Тој е неверојатно храбар. Згора на тоа, ТВ-продукциска компанија да управува со земјата не е добра идеја во време на мир, но во време на војна, кога информативната борба е една од целите, тоа е извонредно да се има.

Најголемото изненадување за Путин, секако, е Западот. Сите глупости за тоа дека Западот е декадентен, Западот е завршена приказна, Западот е во опаѓање, дека ова е мултиполарен свет и подемот на Кина, итн. – сето тоа се покажа како глупост. Храброста на украинскиот народ и храброста и умешноста на украинската влада и нејзиниот претседател Зеленски го поттикнаа Западот да се сети кој е. И тоа го шокираше Путин. Во тоа се состои погрешната проценка.


Emilio Morenatti/AP

Како го дефинирате „Западот“?

Западот е низа од институции и вредности. Западот не е географско место. Русија е европска, но не и западна. Јапонија е западна, но не и европска. „Западен“ значи владеење на правото, демократијата, приватната сопственост, отворени пазари, почитување на поединецот, диверзитет, плурализам на мислења и сите други слободи што ги уживаме, а кои понекогаш ги земаме здраво за готово. Понекогаш забораваме од каде дошле. Но, тоа е Западот. И тој Запад, кој го проширивме во деведесеттите, според мене правилно, преку проширувањето на Европската унија и НАТО, сега е оживеан и му се спротистави на Владимир Путин на начин на кој ниту тој ниту Кси Џинпинг очекуваа.

Ако претпоставувавте дека Западот просто ќе се повлече, зашто беше во опаѓање и бегаше од Авганистан; ако претпоставувавте дека украинскиот народ не е сериозен, дека не е народ; ако претпоставувавте дека Зеленски е само телевизиски актер, комичар, Евреин од источна Украина што зборува руски - ако го претпоставувавте сето тоа, тогаш можеби мислевте дека можете да го заземете Киев за два дена или четири дена. Но, тие претпоставки беа погрешни.

Да поразговараме за природата на рускиот режим. Путин дојде пред дваесет и три години а околу себе имаше осум или девет олигарси од годините на Јелцин. Путин им го прочита актот за бунт, велејќи: „Можете да си го задржите богатството, но држете се настрана од политиката“. Оние кои ги задржаа носевите во политиката, како Михаил Ходорковски, беа казнети, испратени во затвор. Други ја напуштија земјата со што е можно повеќе од своето богатство. Но сепак зборуваме за олигарси. Каква е природата на режимот и луѓето кои му се лојални? Кој е важен?

Воено-полициска диктатура - тоа се луѓето кои се на власт. Покрај тоа, има брилијантна група луѓе кои ја водат макроекономијата. Централната банка и Министерството за финансии се раководени на највисоко професионално ниво. Затоа Русија ја има оваа макроекономска тврдина, девизни резерви, фондот „за црни денови“. Има разумна инфлација, многу избалансиран буџет, многу низок државен долг – дваесет проценти од БДП, најнизок од која било поголема економија. Има најдобар макроекономски менаџмент.

Значи, имате воено-полициска диктатура на чело, со макроекономски тим кој раководи со фискалната, воена држава. Тие луѓе се натпреваруваат околу тоа кој ќе има предност. За макроекономска стабилност, за економски раст, потребни ви се пристојни односи со Западот. Но, за воено-безбедносниот дел од режимот, кој е доминантниот дел, Западот е ваш непријател, Западот се обидува да ве поткопа, да го собори вашиот режим преку некаква таканаречена обоена револуција. Она што се случи е дека рамнотежата меѓу тие групи се помести повеќе во корист на луѓето од воената безбедност – да го наречеме насилничкиот дел од режимот. Се разбира, оттаму доаѓа и самиот Путин.

Олигарсите никогаш не биле на власт под Путин. Тој им ги потсече крилјата. Тие работеа за него. Ако не работеа за него, можеа да ги загубат своите пари. Тој ги преуреди позициите. Ги раздаде парите. Дозволи експропријација од сопствените олигарси, луѓе кои пораснале со него, со кои заедно тренирале џудо, со кои заедно летувале. Луѓето кои беа во К.Г.Б. со него во Ленинград на времето, или во постсоветски Санкт Петербург – тие луѓе станаа олигарси и го експроприраа имотот за да живеат луксузен живот. Некои од луѓето од раната ера на Јелцин беа или експроприрани, или побегнаа или беа избркани. Путин изгради режим во кој приватната сопственост, повторно, беше зависна од владетелот. Сите го знаеја ова. Ако не го знаеја, лекцијата ја учеа на потешкиот начин.

За жал, ова ги охрабри сите луѓе во режимот да почнат да крадат туѓи бизниси и имот. Ако e доволно добро за Путин и неговите другари, доволно е добро и за мене како гувернер на провинцијата Подунк. Режимот стануваше сè покорумпиран, сè помалку софистициран, сè помалку доверлив, сè помалку популарен. Деградираше. Тоа се случува со диктатурите.

Emin Sansar/Anadolu Agency

Но, таквите луѓе и таков режим, ми се чини, би се грижеле над сè за богатството, за луксузниот живот, за моќта. Зошто би се грижеле за Украина?

Не е јасно дека се грижат. Зборуваме, најмногу, за шест лица, и секако едно лице кое е одлучувачот. Работата со авторитарните режими е што тие се ужасни во сè. Не можат да ги нахранат своите луѓе. Не можат да обезбедат сигурност за својот народ. Не можат да го едуцираат својот народ. Но, треба да бидат добри само во една работа за да преживеат. Ако можат да ги негираат политичките алтернативи, ако можат да ја принудат сета опозиција во егзил или во затвор, можат да преживеат, без разлика колку се неспособни, корумпирани или ужасни

На што се должи „популарноста“ на авторитарен режим како Путиновиот?

На раскажувањето приказни. И, како што знаете, приказните се секогаш помоќни од тајната полиција. Да, тие имаат и тајна и редовна полиција и, да, тие се сериозни луѓе и им прават ужасни нешта на оние што протестираат против војната. Ова е сериозен режим, кој не треба да се потцени. Но, тие имаат приказни. Приказни за руската големина, за оживувањето на руската великост, за непријателите дома и во странство кои се обидуваат да ја сопрат Русија. И тоа може да се Евреите или Џорџ Сорос или ММФ и НАТО. Тоа може да се секакви непријатели кои едноставно по избор ги набројувате.

Цензурата ја сфаќаме како потиснување на информации, но таа е и активно промовирање на одредени видови приказни кои ќе одекнуваат кај луѓето. Стремежот да се биде голема сила, стремежот да се изврши специјална мисија во светот, стравот и сомнежот дека некои однадвор се обидуваат да ги победат или да ги урнат: тоа се приказните кои функционираат во Русија. Тие не се за секого. Постојат многу Руси кои не веруваат и се попаметни од тоа. Но, верзијата на Путин е моќна и секоја шанса за нејзина промоција е искористена.

Западот одлучи, да не војува со Русија, од очигледни причини, да воспостави зона на забрането летање. Економските санкции се покажаа посеопфатни и помоќни отколку што можеби се очекуваше пред неколку недели. Но, се чини дека луѓето кон кои тие се најдиректно насочени ќе можат да ги апсорбираат.

Санкциите се оружје што го користите кога не сакате да водите директна војна затоа што се соочувате со нуклеарна сила. Едно е да се бомбардираат земјите на Блискиот Исток кои немаат нуклеарно оружје; друго е да се размислува за бомбардирање на Русија или Кина во нуклеарната ера. Разбирливо е дека економските санкции, вклучително и навистина моќните, се алатките по кои посегнуваме.

Сепак, исто така, ги вооружуваме Украинците до заби. И има куп работи што се случуваат во сајбер-сферата за кои не знаеме ништо бидејќи луѓето што зборуваат не знаат, а луѓето што знаат не зборуваат. И има прилично многу вооружени конфликти, благодарение на храброста на Украинците и одговорот и логистиката на НАТО, а Вашингтон, се разбира, ги предводи.

Сè уште не знаеме како ќе функционираат санкциите. Санкциите често му нанесуваат најголема болка на цивилното население. Режимите понекогаш можат да ги преживеат санкциите затоа што едноставно можат повеќе да крадат внатрешно. Ако експроприрате нечија банкарска сметка во Лондон или во Франкфурт или Њујорк, постои извор од каде тие средства првично потекнале, и за жал, сопствениците може да се вратат во Русија и повторно да влечат од тој извор. Путин нема пари во странство што можеме едноставно да ги санкционираме или експроприраме. Парите на Путин се целата руска економија. Тој не мора да има посебна банкарска сметка и сигурно не би ја чувал ранлива во некоја западна земја.

Најголемите и најважните санкции секогаш се однесуваат на трансферот на технологија. Се работи за тоа збор да ги „изгладниме“ од висока технологија. Ако, со текот на времето им го ускратите софтверот, опремата и производите произведени во Америка, што влијае врз речиси секоја важна технологија во светот, и имате таргет и применлив механизам за да го направите тоа, можете да го повредите овој режим и да создадете технолошка пустина.

Во меѓувреме, сепак, видовме што му направија руските сили на Грозни во 1999-2000 година; видовме што му направија на Алепо. Ако прецизноста не функционира за Русија, тие ќе десеткуваат градови. Тоа го гледаме сега во Харков и во други делови на Украина. И тоа, потенцијално, штотуку започна.

Русија има многу оружја што сè уште не ги искористиле, но тука има неколку фактори. Како прво, Украина победува во оваа војна само на Твитер, а не на бојното поле. Русија многу добро напредува на југот, што е исклучително вредна локација поради крајбрежјето на Црното Море и пристаништата. Тие напредуваат кон исток. Ако се сретнат јужните и источните војски, ќе ги опколат и отсечат главните сили на украинската армија. Она што досега потфрли е рускиот обид за молскавично заземање на Киев. Инаку, нивната војна добро се одвива. Минаа само неколку недели; војните траат многу подолго.

Но, постојат некои нешта кои треба да се земат предвид: по три или четири недели војна, потребна ви е стратешка пауза. Мора да си го поправите оклопот, да ги обновите складиштата за муниција и гориво, да ги поправите авионите. Мора да внесете резерви. Секогаш постои планирана пауза по околу три до четири недели.

Ако Киев може да издржи во таа пауза, тогаш потенцијално би можел да издржи подолго од тоа, бидејќи може да се ги обнови резервите додека Русите ги обновуваат своите резерви. Згора на тоа, најголемата и најважна работа е дека Русија не може успешно да ја окупира Украина. Немаат таков размер на сили. Го немаат потребниот број администратори или соработката на населението. Сè уште немаат ниту квислинг.

Помислете на сите Украинци кои би продолжиле да пружаат отпор. Нацистите дојдоа во Киев, во 1940 година. Ги зграпчија сите луксузни хотели, но неколку дена подоцна тие хотели почнаа да експлодираат. Тоа беше стапица. Ако сте администратор или воен офицер во окупирана Украина и нарачате шолја чај, ќе ја испиете ли таа шолја чај? Ќе го упалите ли својот автомобил? Ќе го вклучите ли прекинувачот за светло во канцеларијата? Потребни се само грст атентати за да се разниша целата окупација.

Michal Čížek/AFP/Getty Images

Да ја вратиме приказната во Москва. Ја знаеме приказната за тоа како царот Павле I бил убиен од луѓето околу него. Хрушчов беше соборен и на крајот заменет со Брежњев. За време на Путин, постои ли можност за државен удар во палатата?

Секогаш постои можност за државен удар. Тука постојат неколку прашања. Едно од нив е дека [Западот] многу се труди за да поттикне пребегнувања од земјата. Сакаме висок безбедносен функционер или воен офицер да се качи во авион за Хелсинки или за Брисел или за Варшава, да одржи прес-конференција и да каже: „Јас сум генерал тој-и-тој и работев во режимот на Путин. Се противам на оваа војна и се противам на овој режим. И еве како изгледа внатрешноста на тој режим“.

Едновремено, Путин многу се труди да спречи такви пребези. Нашите разузнавачки служби се трудат да поттикнат пребези – не на културни личности, не на поранешни политичари, туку на актуелни безбедносни и воени функционери на режимот. Ова се случи за време на Сталин, кога генералот Генрих Љушков од тајната полиција пребегна кај Јапонците, во 1938 година, со воените и безбедносните планови на Сталин и со познавање на режимот. Тој се откажа од Сталин на прес-конференција во Токио.

Така, сега ја набљудуваме Москва. Каква е таму динамиката со режимот? Мора да запомните дека овие режими практикуваат нешто што се нарекува „негативна селекција“. Во авторитарен режим не ги унапредувате луѓето поради нивните таленти или генијалност, туку ги унапредувате оние кои се не многу бистри. Ги ангажирате токму зашто нема да бидат прекомпетентни, препаметни, да организираат државен удар против вас. Путин се опкружува со луѓе кои можеби намерно не се од најбистрите.

Така се остваруваат две нешта. Путин се чувствува посигурно, во целата негова параноја, оти овие не се доволно паметни да го симнат. Но, тоа, исто така, ја намалува моќта на руската држава зашто имате градежен надзорник кој е министер за одбрана [Сергеј Шојгу], кој го хранеше Путин со секакви глупости за тоа што ќе постигнат во Украина. Негативната селекција навистина го штити водачот, но исто така го поткопува неговиот режим.

Но, повторно, немаме поим што се случува внатре. Слушаме муабети. Собираме одлична интелигенција, што ги плаши Кинезите, ги загрижува: Дали и ние го имаме тоа ниво на пенетрација во нивните елити? Но, муабетот е од луѓе кои немаат многу можности лице в лице со Путин, и зборуваат за тоа дека може да е луд. Секогаш кога правите погрешна проценка, кога имате лошо претпоставки, луѓето мислат дека сте луди. Путин се прави луд за да нè исплаши и да добие на време.

Мислите ли дека тоа е случајот со оваа нуклеарна закана?

Мислам дека нема сомнеж дека тоа е она што се обидува да го направи. Проблемот е во то што не можеме да претпоставуваме дека се работи за е блеф. Не можеме да претпоставуваме дека глуми дека е луд, оти способен е за тоа; може да го притисне копчето.

Стив Сун Цу, кинески теоретичар на војната, напиша дека на противникот секогаш мора да му изградите „златен мост“ за да може да најде начин да се повлече. Дали САД и НАТО можат да помогнат да се изгради пат за Русија да стави крај на оваа ужасна и убиствена инвазија пред таа да стане уште полоша?

Тоа е брилијантен цитат, одлично го погодивте. Овде имаме некои опции. Една од нив е Путин да ја уништи Украина: ако јас не можам да ја имам, никој не може да ја има, и на Украина да ѝ го направи истото што им го направи на Грозни или на Сирија. Тоа би бил ужасно трагичен исход. Тоа е патот по кој одиме сега.

Дури и ако Украинците успеат во својот отпор, ќе има безброј смртни случаи и уништувања. Треба да го избегнеме таквиот резултат. Тоа би подразбирало катализирање на процесот за вклучување на Путин во дискусија со, да речеме, претседателот на Финска, кого тој го почитува и со кого добро се знае, или со израелскиот премиер, со кого контактирале; или,  помалку веројатно, со кинеското раководство, со Кси Џинпинг. Значи, некој да го вклучи во некаков тип на процес каде што тој ќе нема максималистички барања и на тој начин ќе се купи време за да се случат теренски работи кои ќе ја насочат сликата за тоа што може да направи.

Не е дека не се трудиме. Финците ја познаваат Русија подобро од која било друга земја во светот. Израел е друга добра опција, потенцијално, во зависност од тоа колку вешт ќе се покаже Нафтали Бенет. А потоа Кина, помалку веројатната опција, каде што плаќаат висока цена, и елитите под Кси Џинпинг го сфаќаат тоа. Моментално постои многу загриженост кај кинеските елити, но Кси Џинпинг е главен и тој има личен однос со Путин. Кси се коцка во играта со Путин. Но, колку долго тоа ќе трае зависи од тоа дали Европејците ќе почнат да ги казнуваат Кинезите. Европејците се нивниот најголем трговски партнер.

Кинезите многу внимателно го следат ова. Тие ја следат (а) пенетрацијата на нашите разузнавачки служби, (б) грешките на деспотизмот и (в) трошоците додека американските и европските приватни компании ја откажуваат Русија. На Кси Џинпинг, кој наесен оди кон трет мандат, ова вопшто не му требаше. Но, сега го има.

Конечно, има уште една карта на која се обидуваме да играме: украинскиот отпор на теренот и нашето снабдување на Украинците со оружје и санкциите. Сето тоа може да помогне да се промени пресметката. Треба да се задржиме на тоа со сите достапни алатки – притисок, но и дипломатија.

Извор: Њујоркер

Подготвила: Фросина Крушкаровска