Производство на малограѓанска радост на образованието

14.01.2011 14:11
Производство на малограѓанска радост на образованието

„Мајсторот се познава по своите граници“, напишал Гете. Тоа значи способност да се воспостави рамнотежа, способност да се знае кога е нешто премногу, а кога премалку. Но како да процениме дали е нешто премногу или премалку? И како да знаеме да процениме дали е нешто вредно или не е?

Социологот Пјер Бурдие смета дека и покрај тоа што може да ни се чини дека искуствата на уметноста и вредностите кои произлегуваат од тоа искуство подеднакво им се достапни на сите луѓе и дека добриот вкус е вроден, сепак, естетското искуство е нешто што се учи, тоа е наследна привилегија посредувана со институциите на семејството и училиштето. На овoј став можеме да се надоврземе и да кажеме дека со учењето всушност се стекнува знаење. Но дали е така? Дали учењето автоматски значи и стекнувње на знаење? Дали можеби учењето во себе не го содржи и ризикот на заглупување, или, како што вели Петер Слотердајк, ризикот да се учи во празно? Повикувајќи се на слоганот на социјалдемократите од крајот на 19 век „Знаењето е моќ“, Слотердијк укажува како еден погрешен приод ќе има сериозни последици по знаењето. Според него, овој слоган стави точка на традицијата на знаењето-љубов за вистината и вистина на љубовта-и доведе до производство на малограѓанска радост на образованието. Денеска е сè повеќе од очигледно дека не се учи за да се стекне знаење кое што би не научило да мислиме и би ни помогнало да ги решаваме проблемите кои сè повеќе се множат и зголемуваат околу нас (во нашето знаење го нема веќе полетот и екстазта на разбирањето и на вистината), туку се учи практично за моќ, за стекнување позиција и статус во општеството.

Слоганот „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, како дел од рекламната кампања на македонската влада, го прокламира токму овој практичен рецепт за стекнување на знаење. Како дел од оваа кампања се реализира и проектот Скопје 2014. Спомениците, кои во градското јадро никнуваат како печурки после дожд, се дело на воглавно непознати и млади луѓе, со стекнато формално образование, како и на неколку професори. Овие „образовани“ луѓе со една неверојатна леснотија ја овоплотија суштината на рекламниот слоган покажувајќи како функционира знаењето кога е поврзано со силата, со моќта: отсуство на мерка, вкус, непочитување на амбиентот, целосна дискрепанција не само со просторот во кои се поставени нивните скулптурите, туку и со времето во кое тие се создадени и што е најважно, покажуваат елементарно неразбирање на функцијата на јавниот споменик.

Единствената функција што овие нови споменици ја имаат е онаа да ја исполнат „образовната“ визија на нарачителот: тие се тука да нè научат како да ја почитуваме сопствената историја, како да ги обожуваме историските личности и симболи, независно дали се тоа просветители, борци, комити, цареви, освојувачи, атентатори или лавови. Тие се тука за да создадат заедничко место околу кое ќе се развие и зацврсти заедничкиот национален идентитет, но и да пружат чувство на траење и моќ. Но, и во реализацијата на оваа функција тие потфрлија: наместо да бидат место на национални вредности и интереси, тие станаа место на културен конфликт.

Високите уметнички вредности на некои од добро познатиете јавни споменици во Скопје, како што е споменикот на Иван Мирковиќ Ослободителите на Скопје, пред Влада на Р. Македонија, или споменикот на Петар Хаџи Бошков Св. Климент Охридски, пред Националната библиотека, или Меморијалниот комплекс во Бутел, на Душан Пецоски и Јордан Грабул сведочат за едно друго време кога се имаше повеќе слух и знаење за она што значи квалитет, вредност, мерка, за она што е достојно да го одбележи јавниот простор и градот. Но тоа беше едно друго време, време на еден режим којшто имаше потреба од херојски, самоидеализирачки споменици, режим којшто своите идеали сакаше да ги монументализира и да ги направи бесмртни. Иронијата е во тоа што ова наше постсоциалистичко општество наместо да покаже скептицизам кон секаков вид потреба за монументализирање, идеализирање и митологизирање, всушност, оваа потреба уште повеќе ја зацврсти и ја издигна до неверојатни и зачудувачки размери.

Но, што ако покрај нивната „големина“ ние почнеме да се чувствуваме бедно, ние со нашите секојдневни грижи, со нашите мали животи, празни стомаци, со нашата незаинтересираност, пасивност и апатија? Што ако покрај нив почнеме да се чувствуваме нелагодно и немоќно? Што ако тие почнат да нè гушат со својата „скаменета верзија на минатото“? Што ако почнеме да се сомневаме не само во сопственото знаење и моќ, туку и во нивната моќ и нивното историско знаење и сеќавање? Сите се сеќаваме на 1989 година и падот на Берлинскиот ѕид. Малите ТВ екрани тогаш беа исполнети со паднати споменици. Овој „пад на спомениците“ на еден ироничен начин го коментираа руските уметници Виталиј Комар и Александер Меламид во Монументалната пропаганда (1993), збирка на предлози на сто шеесет уметници за начините на рециклирање на јавните споменици од времето на социјализмот. Според нив ниеден споменик не е вечен, ниту има вечно значење. Спомениците не се нешто недопирливо, свето, туку се конструкции подложни на деконтекстуализација.

Или како што вели Џејмс Е. Јанг во текстот Сеќавање/спомници: „Колку и да ги држиме за свети и колку тие така и да изгледаат, ниеден национален споменик не поседува интризично света неповредливост. Изворот на светоста не произлегува од добротата на неговото сеќавање или од совршенството на неговата форма. Како што во случајот на советските споменици стана повеќе од очигледно, светоста на споменичкиот простор произлегува од јавното потчинување на суштинските илузии на тој споменик.

Поинаку кажано, споменикот својот живот го должи на самата јавност и сè додека таа соучествува во желбата на режимот за трајност или формална самоидеализација, ќе ја потискува свеста за минливоста на споменикот и ќе го направи свето место на режимот. Но штом јавноста ќе ја повлече својата вера во идеалите кои ги отелотворуваат режимските икони, спомениците наеднаш стануваат изложени на напад и ранливи. Всушност спомениците живеат единствено со согласноста на јавноста... Комар и Меламид нè потсетуваат дека нам не ни се толку потребни споменици колку што ние сме им потребни на спомениците.

Текстот е објавен во Порта 3, бр. 144, 19.11.2010.

Илустрации: Рјохеи Хејс

ОкоБоли главаВицФото