1012 hPa
100 %
17 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 08:59
Володимир Ишченко, социолог и истражувач од Центарот за источноевропски студии на берлинскиот Слободен универзитет (Freie Universität), е еден од поистакнатите интелектуалци на украинската левица. Низа години се занимава со клучните теми од тамошното општество - протестите и социјалните движења, револуцијата на киевски Мајдан во 2014 година, национализмот, граѓанското општество и украинската политичка левица и десница. Тој е некогашен член на повеќе иницијативи на новата украинска левица и еден од основачите на тамошното лево списание „Заедничко: списание за општествена критика“. Анализи и коментари објавуваше во угледни мејнстрим и левичарски медиуми како што се Гардијан, Јакобин, Њу Лефт Ривју или Лефт Ист. Последниве недели по повод војната во Украина зачестено истапува во светските медиуми и на разни трибини, од Си Ен Ен и Интерсепт до дискусии со угледни западни левичари како што се Јанис Варуфакис или Овен Џонс.
Рускиот напад на Украина ги изненади аналитичарите. Многумина тврдеа дека сигурно нема да дојде до напад зашто тоа во голема мера би им наштетило на интересите на Русија. Како го коментирате тоа?
Постоеја бројни причини за скепсата околу можност за напад, пред сè заради големите воени, економски, политички и геополитички ризици на тој потег. Гледаме дека Москва би можела да ја потцени украинската војска и дека би можело да има грешки во планирањето на воените операции, некои војници веруваа дека одат на вежби во Белорусија, а наредби добија во последен момент пред почетокот на нападот. Понатаму, иако Франција и Германија пред инвазијата водеа малку поинаква политика од САД, Европската унија сега воведува поостри санкции отколку САД. Инвазијата во голем дел ќе влијае на положбата на Русија во светот и на внатрешнополитичката ситуација. Владимир Путин со овој потег ризикуваше сè, па пораз во Украина за него најверојатно би значело губење на власта, најверојатно во државен удар на постоечките елити, а можеби дури и губење на животот. Не е исклучена ни револуција, иако шансите за тоа се помали. Заради сите овие ризици бројни општествени научници и аналитичари на меѓународните односи сметаа дека Путин сака да ги исплаши Украина и НАТО, но дека нема да дојде до напад.
План за членство во ЕУ
Има повеќе тези за мотивацијата на Путин, од преиспитување на неговото ментално здравје, преку империјалистичкиот месијанизам и загрозеноста од НАТО, па до тоа дека демократска Украина наводно ја загрозува автократијата во Русија. Што мислите?
Сè уште не видов уверлива интерпретација. Тезата дека Путин полудел не држи вода, зашто според мојот суд тој не покажува симптоми на лудило. Тука е и објаснувањето според кое се претворил во идеолошки фанатик со месијанска мисија за обнова на Руското Царство. Но во постсоветската политика лидери со искрени идеолошки уверувања се мошне, мошне нетипични. Сите постсоветски лидери се цинични прагматици кои градеа клептомански режими, без никакви идеолошки визии. Дури и ако е вистина дека Путин станал идеолошки фанатик, голема загатка е како дошло до тоа па затоа се потребни дополнителни објаснувања.
Но во 2021 година Путин во есејот „За историското единство на Русите и Украинците“, но и уште повеќе во говорите во кои најавуваше војна, изнесе јасни империјалистички и шовинистички причини и зборуваше за „денацификација“. Го негираше правото на Украина за независна државност, а и минатата недела ја спомена можноста за нејзино исчезнување. Изгледа дека идеолошките мотиви се мошне јасни?
Прашање е дали само станува збор за реторика со која ги легитимира потезите кои се водат од други причини. Многумина денес ќе го интерпретираат неговиот есеј на начинот кој го споменавте. Меѓутоа, во тој текст тој не ја негира украинската независност, туку специфичниот облик на украинскиот идентитет, кој не е и единствениот можен. Путин аргументира против Украина заснована на антируски идентитет. Во неговата визија Украина и Русија би можеле да бидат две држави за „еден и ист народ“. Путин тука се враќа на интерпретацијата од времето на Руското Царство, кога Русите, Белорусите и Украинците се гледале како три гранки на еден народ. Тој концепт е потиснат за време на Советскиот сојуз, кога официјален став беше дека се работи за три различни народи и јазици, иако станува збор за братски народи со заедничко потекло. Голем дел од Украинците таквите интерпретации ги доживуваат како негација на своето постоење зашто својот идентитет го изградиле како опозиција на Русија, која за нив е „големото друго“. За бројни други, особено оние социјализираните во СССР, Украинците не се нужно дефинирани наспроти Русите. И после Евромајдан и избивањето на војната во Донбас повеќето Украинци сметаа дека станува збор за братски народи, а за 15-20 проценти од населението беше нормално истовремено да се чувствуваат како Украинци или Руси. Но актуелната војна може да ги избрише таквите двосмислени идентитети.
Во текстот објавен на порталот Лефт Ист тврдевте дека тврдењата дека Украинците жестоко ќе се спротивстават на инвазијата се претерани, но сега се случува токму тоа?
Текстот зборуваше ако Русија ја уништи украинската војска и окупира голем дел од територијата, што сè уште не се случило. Можно е отпорот да е посилен од она што го очекуваше Русија. Но веројатно би било поинаку ако Киев беше заземен за 96 часа, како што предвидуваше Пентагон. Многу Украинци ѝ се придружуваат на територијалната одбрана и војската, но околу два милиони луѓе веќе избегаа, а според некои проценки, би можело да има до десет милиони бегалци. Истовремено, во окупираните градови Херсон и Мелитопол се случува токму сценариото што го опишав - доаѓа до значајни проукраински протести, но нема силен вооружен отпор. Ако Русија заземе голема територија, на почетокот повеќето од населението веројатно би било пасивно. Вооружениот отпор нема да биде доволно силен за да ја сруши окупацијата, но ќе биде доволно значаен да ја натера Москва на воспоставување мошне репресивен режим на окупираните подрачја. Последица на тоа би можело да биде посилен невооружен отпор, кој би бил извор на постојана нестабилност не само во Украина туку и во Русија.
Западот реагираше одлучно. Актуелната стратегија се заснова на остри санкции кон Москва и достава на оружје за Киев. И рушењето на руската економија и зајакнувањето на украинскиот отпор имаат иста цел - да ја присилат Москва да го прекине нападот. Како гледате на тоа и што мислите за повиците НАТО да воспостави зона на забрана за летање?
Се плашам дека, доколку сè остане на санкции и испорака на оружје, тоа значи дека западот впрочем е заинтересиран за оваа војна. Путин не може да си дозволи да изгуби, па војната ќе ја води колку што може подолго. Тоа ќе значи огромен број мртви и целосно уништување на украинските градови. Како што го уништи Грозни во Чеченија, руската војска би можела да ги уништи Киев и Харков. Доколку остане без други опции, Путин би можел да се заканува и со нуклеарно оружје. Мислам дека елитите на НАТО разбираат дека зоната за забрана на летање над Украина би значела војна помеѓу НАТО и Русија. Не сметам дека ни е дозволено да ризикуваме нуклеарна апокалипса.
Запирањето на војната е апсолутен приоритет. Тоа можеби би било можно така што на Украина веднаш ќе ѝ се пружи јасна перспектива за приклучување кон ЕУ, барем со конкретен план за членство. Истовремено би можел да се постигне договор за воена неутралност. Сега тоа би било полесно зашто претседателот Володимир Зеленски и остатокот од политичките елити се разочарани со тоа што НАТО нема да ѝ помогне на Украина ниту да воспостави зона за забрана на летање. Зеленски треба да се присили да се одлучи за болни компромиси околу Крим и Донбас. Но благодарение на членството во ЕУ, Зеленски би можел да го претстави договорот со Русија како победа и да тврди дека Украинците со војната го добиле она за што се бореа уште од револуцијата на Мајдан. Истовремено Путин исто така би можел да тврди дека не е поразен, туку дека инвазијата ги исполнила целите. ЕУ и САД би требало да испреговараат нешто такво ако сакаат да го спречат губењето украински животи и уништувањето на економијата.
Неодговорни ветувања
Што мислите кога велите дека западот можеби е заинтересиран за оваа војна?
Некои коментатори ентузијастички зборуваат дека долготрајниот отпор во Украина ќе ја исцрпи Русија на начин на кој војната во Авганистан придонесе за пропаст на Советскиот сојуз. Но таа војна му нанесе многу штета на СССР, но за авганистанскиот народ значеше катастрофа. Авганистан е разоруван со децении и претворен во пропадната држава, а на крајот власта ја презема екстремистичко движење. Ако западот е задоволен со таква иднина за Украина, тоа значи дека оваа војна им требаше. Актуелниот став на западот ќе биде оправдан единствено доколку Русија е навистина толку кревка што ќе доживее колапс во многу блиска иднина. Меѓутоа, ако инвазијата може да продолжи со месеци или дури и години, западот станува соучесник во продолжувањето на војната.
Значи, Украина не е жртва само на Русија туку и на западните геополитички игри?
Американските и британските разузнавачки служби со месеци ја најавуваа инвазијата. Ако Лондон и Вашингтон беа толку сигурни во тоа, зошто не го спречија, зошто поактивно не водеа преговори со Путин? Секако, Путин е најодговорен за војната. Но западот знаеше за инвазијата, а не направи доволно за да ја спречи.
Западот ги потхрануваше украинските надежи за НАТО, иако беше јасно дека нема да ја брани Украина. Во одредена смисла Украинците се измамени?
Украина никогаш не доби Акциски план за членство, се работеше за теоретска можност за пристапување на НАТО во иднина. И покрај ветувањата, НАТО никогаш немаше никаква желба да се бори за Украина. Сега умираат Украинците. Во најмала рака таквите ветувања беа исклучително неодговорни кон Украина.
За време на претседателот Петар Порошенко членството во НАТО во 2019 година беше вметнатно како цел и во уставот. Како НАТО стана клучна тема на украинската политика?
Политичарите никогаш не ги интересираше што навистина мислат Украинците за НАТО. Барањето за членство го поднесе претседателот Виктор Јушченко во 2004 година после Портокаловата револуција. Тоа го поддржа тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш, па во 2008 година на самитот во Букурешт беше одлучено дека Грузија и Украина ќе му пристапат на сојузот. Во тоа време пристапувањето во НАТО го поддржуваа околу 20 проценти од Украинците. После Евромајдан Русија го присвои Крим и изби војната во Донбас, па дел од населението почна да го доживува НАТО како заштита од Русија. Истовремено, анкети веќе не се спроведуваа во Крим и Донбас, најпроруски ориентираните делови од земјата. Минатата година заради страв од трупање руска војска, поддршката за НАТО надмина 50 проценти. Актуелната инвазија ги промени ставовите на граѓаните дури и во проруските јужни и источни делови од земјата. Истовремено расте и разочарувањето од Сојузот.
Како можни исходи на војната се споменуваат поделба на земјата - при што на истокот би му бил наметнат проруски режим, додека западот веројатно би станал националистичка надворешна база на НАТО, руска окупација на цела Украина или целосен пораз на Русија. Секако, мултинационална Украина тешко ќе преживее?
Опишавте веројатно сценарио во случај на поделба на земјата, но сè зависи од текот на војната. Пораз на Путин веројатно би значел дестабилизација и колапс на владеачкиот руски режим, што Украина би можела да го искористи и дури и да ги врати Крим и Донбас. Заради нападите и уништувањето присутна е огромна омраза кон Русите. Се плашам дека рускиот јазик уште повеќе ќе биде потиснат во јавната сфера, отколку што тоа беше случај после законот кој го донесе Порошенко. Мултикултуралната земја во која сум роден веројатно е изгубена засекогаш. Можно е еден ден наместо омраза да настапи помирување - Полска и Франција во рамки на ЕУ тесно соработуваат со Германија, иако Германија во Втората светска војна предизвика големи страдања во цела Европа. Но за тоа ќе бидат потребни многу сериозни политички промени во Русија.
Реориентација на Русија
Уште пред инвазијата пишувавте дека таа би можела да ја дестабилизира и самата Русија. Какви ќе бидат последиците од војната и санкциите за режимот на Путин?
Доколку режимот сака да им се прилагоди на воените, економските и политичките предизвици, ќе бидат потребни радикални промени на општествениот и политичкиот поредок. Руската држава во моментов функционира по принципот на клептомански ортачки капитализам во кој се богати малубројна елита. Меѓутоа, прорускиот режим во делови од Украина нема да биде можно да се одржува само со репресија, а отпорот на Украинците би можел да ја охрабри опозицијата во Белорусија и Русија, особено ако руските војници продолжат да гинат, па и во Казахстан, односно целата руска сфера на интерес. Бидејќи нестабилноста нема да биде можно да се ублажи со досегашната ортодоксна неолиберална политика, економскиот историчар Адам Туз го постави прашањето дали режимот ќе се обиде да спроведе некаков вид неокејнзијански политики за да се подобри животот на граѓаните, односно да ја купи нивната поддршка. За да се спречи бунт на масите кои во војните поднесоа големи жртви, после двете светски војни дојде до значајна експанзија на работничките права.
Проблем ќе биде и реориентацијата на Русија кон незападните земји. Москва е помалку изолирана отколку што се претставува на запад, но освен што ќе зависи од поразвиената Кина, таквата реориентација нема да биде лесно да се помири со европскиот идентитет на Русите, Белорусите и Украинците. На Русија ќе ѝ биде потребен покохерентен идеолошки проект кој на населението би му ја објаснил целта на сите страдања. Фактот што голем дел од руското општество не ја разбира инвазијата на Путин е симптом за недостаток на таков проект, каков што нема ниту една досегашна постсоветска елита.
Инвазијата ја збуни интелектуалната левица навикната за речиси сите светски проблеми да го обвинува западот. Украинските левичари Тарас Билоус и Владимир Артјух во отворени писма го критикуваа таквиот „антиимперијализам за идиоти“ на западната левица. Која би била исправната лева перспектива?
Самиот често пишував против поедноставените интерпретации на Евромајдан, настан што дел на западната левица погрешно го виде како државен удар поддржан од запад, баш како што сепаратистичките републики во Донбас се согледани како прото-социјалистички, додека во стварноста се марионети на мошне несоцијалистичкиот руски режим. Во моментов дискусијата за вината на западните левичари како Путинови корисни идиоти е мошне штетна за левицата. Дебатата за потценувањето на рускиот империјализам е важна, но не треба да ја водиме во моменти на интензивни емоции и користејќи морални уцени.
Како последица на инвазијата ќе настапи силен десничарски бран кој во источна и западна Европа ќе го стесни просторот за левицата. Не треба самите да се разоружуваме и да се отвораме за десните напади. Огромното мнозинство на европската левица го осудува рускиот империјализам и јасно им е дека инвазијата води во катастрофа, баш како и американската инвазија на Ирак. На левицата ѝ се потребни офанзивни аргументи. Не смееме да ја прифатиме забраната на дискусијата за соучесништвото на НАТО и постмајданскиот режим во Украина, за причините за неспроведување на договорот од Минск или за односите НАТО и Русија. Тоа ќе значи капитулација, особено на истокот на Европа каде што во ерата на надоаѓачкиот неомакартизам можеби веќе ни основните леви аргументи нема да можеме да ги изнесуваме без обвинението дека сме руски шпиони.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: Новости портал, 10.02.22.