Ристо Ристовски, мајорот со генералски сликарски чин

18.03.2022 13:33
Ристо Ристовски, мајорот со генералски сликарски чин

За петте творечки години, од 1976 до 1981, Ристовски создал 314 слики.

 

Сликарот Ристо Ристовски е роден во село Нижополе, Битолско, во 1912 година. Таму завршил основно образование, а потоа го изучил шеќерџискиот занает во бонбонџиската работилница „Европа“ во Скопје, каде што паралелно завршил и општо занаетчиско училиште.

Наместо во Скопје да продолжи со градскиот живот, Ристовски решил да се врати во роднокрајната средина. Откако набавил најнови машини и алати, успешно се занимавал со земјоделие и сточарство. При таа работа постојано имало потреба од придружни поправки и изработка на разни употребни предмети: дрвени вили за сено, гребла, рачки за земјоделските алатки и слично. Не само за вакви едноставни изведби, туку Ристовски бил надарен и „го бивало за сè“; успешно го совладал дограмаџискиот (столарскиот) занает користејќи ги машините купени за братот кој се пишманил од идејата. Знаел да прави метли, кошници и кошеви од врбови гранчиња.


Со отпочнување на Втората светска војна активно се вклучил во движењето на отпорот, за што од бугарските власти бил осуден на тримесечна принудна работа (во Струмица). Наместо казната да делува „воспитно“, слободарскиот дух, патриотизмот и правдољубието уште повеќе го зголемуваат револтот против „фашистичката наезда“ поради што Ристовски многу поактивно се вклучува во партизанските единици на преспанско-битолскиот регион.

По завршување на војната останува во редовите на армијата и работи како воен службеник во воените отсеци во Битола и Ресен, а потоа е распореден во Скопје и на тоа работно место останува до пензионирањето (со чин мајор).

Бидејќи бил вреден и трудољубив, работните навики ги продолжил и како аквизитер за издавачките куќи „Просвета“ и „Современа администрација“. Таквиот ангажман повеќе бил предизвикан од потребата за пополнување на времето (отколку на семејниот буџет), но истиот морал да прекине бидејќи поради дијабетесот (кој се провлекувал уште од неговите помлади години) му била ампутирана едната нога, во 1976 г. Наеднаш, од витален, пргав и активен станал врзан за инвалидската количка.


Тој страшен, ненадоместлив и непомирлив животен факт освен што најмногу бил трауматичен и обесхрабрувачки за него самиот, тешко делувал и на семејството. За колку-толку да подзаборави на сопствената состојба и да се оттргне од катадневните оптеретувачки лоши мисли, неговиот син Васко Ташковски (член на МАНУ и еден од неколкуте наши меѓународно најпознати и најценети ликовни уметници) му купил блок и темперни бои и го поттикнувал и убедувал таткото да се обиде да слика. Првичното несогласување и одбивање на таквата иницијатива поради отсуството на технички и технолошки предзнаења, веднаш по добивањето на неопходните првични поуки, се претворило во широко отворен и трасиран пат.

Со раѓањето на првата слика на која во мал А4 формат бил претставен пејсаж по сеќавање, кај Ристовски се родила нови искри надеж и ведрина. Наеднаш животот добил смисла, тажната мисла се потиснала, а новооткриената творечка радост внела оптимизам, духовна исполнетост и среќа. Надоврзувајќи се на претходниот живот, кога вешто знаел да се изразува во разни области и занаети, Ристовски успешно покажал дека и сликарството му „оди од рака“ Од 27 септември 1976 г., кога ја направил првата слика, до април 1977 г., кога му била ампутирана и втората нога, веќе насликал 25 слики.


Откако ја открил креативната убавина на создавањето, на сликањето му приоѓал со целосна посветеност, со нескротлива енергија и незапирлив порив. Неговите теми се поврзани со доживувањата од роднокрајниот селски амбиент, длабоко врежани уште во раното детство - семејната куќа, шталите и трлата, ливадите и пасиштата, градините и нивите, потоците и реките, живината и добитокот, кокошките и пилињата, мисирките и шатките, орачите и косачите, жетварките и вршидбата, дрварите и бичкаџиите, тутуноберачите и гроздоберачите, пазарџиите и ракиџиите, чергарите и овчарите, предачките и ткајачките, гуслачите и тапанџиите, ловџиите и рибарите...

Покрај многубројните жанр сцени , земјоделскиот или домашниот селски инвентар „прегазен од времето“, Ристовски е вистински „мајстор“ за идилични предели и панорамски пространства во кои затскриено во бујна вегетација самуваат цркви и манастири, низ падините спокојно пасат елени и срни, а високо во планините, шумите и долините дивите зверови гладот го заситуваат со заскитана овца, коза или крава...


Покрај ваквите грижливо обработувани мотиви со носталгичен призвук, фолклористиката, етнологијата и елементите од селскиот социјален живот, тематски предизвик на Ристовски му биле и градските урбани целини, цветните алеи и парцели, современите патишта, мостови и тунели, брани и хидроцентрали, езера и кајчиња, сè до активностите што ги носело новото време: туристичкото разгледување, молерисувањето, планинарењето, скијањето...

Овој креативен трудбеник и посветеник на сликарството за време на својата петгодишна творечка активност (1976-1981) создал 314 слики. Кога ја работел 315-та целосно го изгубил видот и затоа не можел со свои очи да ги види самостојните изложби во Центарот за култура и информации (сегашен КИЦ) во Скопје во 1986 г., во Музејот на наивна уметност во Светозарево (МНМУ, сегашна Јагодина) во 1987 г. и во Завод, музеј и галерија – Битола во 1989 г. За време на траењето на таа изложба Ристо Ристовски починал во градската болница во Скопје.

Во продолжение пренесуваме уште осум негови слики.

Три девојки од Битолско, 1977

Такмичење, масовна фискултура на село, 1978

Прослава во прилепски села, 1979

Мајка и дете се враќаат од воденица, 1978

Маж и жена со товарено магаре за на пазар, 1980

Преспанки сликани под јаболко, 1980

Жени перат алишта на река, 1978

Воденица и кола со брашно, 1979

ОкоБоли главаВицФото