Сахара над Европа

18.03.2022 15:15
Сахара над Европа


Заедно со трагичната украинска војна и последните опашки од кризата на Ковид, над Европа сега се надви и бран од сахарски песок. Сателитските набљудувања на атмосферата над нашиот континент бележат вистинска песочна бура на небото. На сликата подолу се прикажани максималните дневни концентрации на суспендирани честички (ПМ10 за 17 март) според моделот на европската мониторинг програма Коперник, која во моментов ја бележи една од најсилните песочни епизоди над Европа во последно време.

Во меѓувреме, долу на земјата, песокот се таложи на хаубата на автомобилите, тротоарите и покривите. Белград осамна покриен со слој портокалова прашина. Песочната магла ја намали видливоста, мерните станици забележаа рекордни вредности на аеросоли во воздухот, а еколошките организации почнаа да предупредуваат за загадување на воздухот (некому транспортот на песок им е непознат феномен, па се сомневаат во тоа објаснување и предупредуваат на хроничниот проблем со загадувањето на воздухот кој инаку постои над нашите градови).

Но, ситуацијата не е ништо подобра ниту во остатокот од Европа. Всушност, песокот во повисоки концентрации го погоди западниот дел на континентот, а во Шпанија претходните денови песокот предизвика вистинска непогода.

Изгледа збунувачки, но песокот од Сахара сосем природно пристигнува на долги растојанија. Иако најголемата пустина на земјата од нас е оддалечена илјадници километри, насекаде во околниот воздух има песок кој потекнува од Сахара. Имено, за само една година од Сахара во атмосферата се креваат од 20 до 600 милиони тони песок и оваа пустина е најголемиот извор на минерална прашина на Земјата.

Сахарскиот песок поради конвекцијата се издигнува на големи височини над топлите делови на пустината, за потоа ветровите да го расеат во многу оддалечени делови од светот. За нас најважно е тоа што преку Медитеранот стигнува во нашиот регион и паѓа на Европа. Понекогаш ова создава вистински песочни бури или се спушта со дождовите, па видливо, како што е случајот деновиве, ги валка градовите.

Песокот го проучуваат климатолози, метеоролози и физичари. Во лабораториите за физика на животната средина континуирано се следи транспортот на песок над Балканот, а високите слоеви на атмосферата се снимаат со посебен ласерски зрак, додека нивното движење се моделира на суперкомпјутер.

Песокот од Сахара претставува одреден ризик за воздушниот сообраќај, а за време на поголеми епизоди, тоа е и непријатна опасност по здравјето. Но, како и други природни феномени, песокот е истовремено корисен за многу процеси во атмосферата. Тој се спушта и на Карибите, во Централна Америка и стигнува и до Амазон. Всушност, песокот игра многу важна улога во приливот на хранливи материи во амазонската прашума, а утврдено е дека во него живеат одредени видови габи и микроорганизми кои патуваат од едниот до другиот крај на светот. Исто така, песокот што паѓа на водните површини е од клучно значење за планктоните во океанот и е пресуден фактор за синџирот на исхрана во Атлантикот.

Истражувањата потврдуваат дека оваа аеросол значително влијае на формирањето на облаците и врнежите, бидејќи малите честички песок претставуваат јадра за кондензација, околу кои настануваат и растат ледени кристали, а следствено и капки дожд.

Извор: Nauka kroz price