Условни казни за Савески и Куновски за учеството во Шарената револуција

18.03.2022 18:20
Условни казни за Савески и Куновски за учеството во Шарената револуција

 

Условна затворска казна од 6 месеци добија Здравко Савески и Владимир Куновски за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, за време на Шарената револуција пред речиси 6 години. Тие се осудени за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Затворските казни нема да се извршат, ако обвинетите во рок од 5 години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Обвинетите истовремено треба солидарно да го надоместот имотно-правното барање на државата во износ од 522.080 денари во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, а исто така треба да платат и по 3.000 денари судски паушал за надоместување на трошоците на кривичната постапка.

Судијката во Апелациониот суд посочи дека Савески и Куновски учествувале во толпа од поголема група граѓани која со заедничко дејствување оштетила имот од поголема вредност, на начин што обвинетите биле дел од толпата која со фрлање тврди предмети и удирање ги искршила излозните стакла и двојната влезна врата на канцеларијата.

„Потоа влегла внатре, при што со кршење бил оштетен инвентарот и ентериерот на канцеларијата, а дел од инвентарот бил изнесен надвор на улицата и опожарен, а дел одземен при што е причинета штета на надворешниот и внатрешниот дел од објектот на народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во износ од 522.000 денари, кој износ е од поголема вредност, со кој дејствија обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски сториле едно кривично дело, учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385, став 1 од Кривичниот законик“, рече судијката.

Против пресудата, обвинетите имаат право на жалба до Врховниот суд преку Апелациониот суд, во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

Во средата во Апелациониот суд во Скопје во средата се одржаа завршните зборови за случајот, на кој не присуствуваа Куновски и Савески поради здравствени причини. Адвокатот на Куновски, Иван Поповски во неколку наврати побара одложување на расправата за неколку дена. Судот ги одби ваквите барања, посочувајќи дека случајот е по скратена постапка во завршни зборови.

Адвокатот Поповски во средата посочи дека на обвинетите им било скратено правото на одбрана.

„На одбраната не и беше дозволено да ги изложи сите докази со кои ќе го убедеа советот дека оваа постапка од почеток е почната на незаконит начин, односно како што и самиот совет кажува, е скратена постапка и почнала со обвинителен предлог без вештачење изготвено по закон, туку неколку години подоцна во повторената постапка, се изготви ново вештачење кое беше до запирка исто и што наликува на фалсификат. Дури и мислевме дека има и кривични елементи со самото поднесување. За сега советот да дозволи трето вештачење од ист орган, што мислам дека ќе биде преседан во вакви постапки и тоа со еден учесник во изготвување на вештачењето, кој учествувал во сите три вештачења“, рече Поповски.

Дополнително, тој посочи дека советот не и дал шанса на одбраната да се погледне видео материјалот кој е составен дел од предметот, па така не можело да се утврди време, место и начин за обвинетите дали го сториле кривично дело, но и дали во тој момент се наоѓале пред кабинетот на претседателот.

„Тие докази ги има во предмет, меѓутоа не ни беше дадена шанса да го докажеме тоа. Советот го одби предлогот да ги изгледаме тие снимки, со образложение дека одбраната и обвинетите се сложиле во првостепената постапка да не се презентира а од друга страна, на вишото обвинителство му дава шанса и простор да побара ново вештачење и му го дозволи истото. А тоа вештачење ниту било предложено во првостепената постапка, што значи дека советот не им дозволи на обвинетите еднаквост на оружјата-одбраната, со вишото обвинителство“, посочи Поповски.

Оттука, тој предложи да не се земе предвид завршниот збор на обвинителството, како и вештачењето и да ја потврди ослободителната пресуда.

Истовремено, предложи да му се даде шанса на Куновски да има завршен збор пред советот, бидејќи, посочи дека не е распитан во оваа постапка.

Судечкиот совет на Основниот суд Скопје 1 на крајот на 2018 година изрече ослободителни пресуди за Савески и Куновски. Ослободителната пресуда тогаш беше изречена поради недостиг на докази, а од текот на постапката се потврдило дека двајцата биле дел од толпата, но не и дека извршиле демолирање.

Апелацискиот суд во Скопје потоа ја укина ослободителната пресуда, откако обвинителството поднесе жалба до Апелациониот суд, поради тоа што судот не дозволил да биде сослушано лице, односно сведок како овластен претставник од Канцеларијата на Иванов.

За демолирањето на канцеларијата на Иванов, случај сè уште се води за Мариглен Демири. Никола Аризанов и Филип Наковски пак, добија условни затворски казни на 20 мај, 2016 година откако ја признаа вината за учество во толпа. Условна казна во 2016 година доби и Борјан Ефтимов откако ја призна вината за кривичното дело.

Извор: Радио МОФ

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото