1021 hPa
87 %
7 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 03:59
Новата студија објавена во списанието Nature, а предводена од Моника Нан, за првпат ги мапираше сите места на Земјата на кои се наоѓа таканаречениот неповратен или ненадоместлив јаглерод. Како што едноставно наведува во својот текст за Conservation International, ова се места кои не смееме да ги изгубиме.
Јаглеродот во атмосферата се испушта во форма на јаглерод диоксид со согоругвање фосилни горива и потребно е да поминат повеќе стотици години пред повторно да се соедини со растенијата, земјиштето или океаните. Иако радикалното намалување на антропогените емисии е главен предмет на меѓународните климатски договори, во моделирањето на климатските промени мораат да се земат предвид и емисиите кои се создаваат со промените на екосистемите на Земјата.
На екосистемите како што се старите шуми, тресетиштата и мангровите шуми потребни им се неколку децении, па и неколку векови за повторно да ја врзат онаа количина јаглерод која некогаш се наоѓала во нив. За да успееме да достигнеме нето нулта емисија до 2050 година, потребно е не само да ги намалиме антропогените емисии, туку да се погрижиме јаглеродот да остане заробен таму каде што се наоѓа во моментов.
Ако јаглеродот кружи во природата, зошто некој јаглерод го нарекуваме неповратен?
Заради укажување на итноста од преземање неопходни мерки за да ги исполниме ветувањата договорени со Парискиот договор, една голема студија од 2020 година го воведува концептот неповратен јаглерод. Овој епитет произлегува од фактот дека огромен дел од овој јаглерод, доколку би дошло до негова емисија во атмосферата, не би можела да се „зароби“, „всмука“ или регенерира доволно брзо за да го запреме растот на средната годишна температура на 2 степени во однос на прединдустриското ниво. Со други зборови, огромен дел од тој јаглерод не би успеал од атмосферата да се врати во био-, хидро- или литосферата до половина век, кога е планирано достигнувањето нето нулта емисија за да ги избегнеме најдрастичните сценарија од климатските промени.
На пример, токму регионот кој е најбогат со видови содржи дури 23 проценти од целиот неповратен јаглерод. Се разбира, станува збор за Амазонија, регион со проценети 390 милијарди стебла и 16 000 видови дрвја. Има неколку причини заради кои делови од амазонската прашума се толку богати со јаглерод. Повеќето стебла се стари неколку децении и заради поволната клима растат преку целата година.
Наслаги со јаглерод се наоѓаат и во земјиштето, особено во сините зони на Амазон, каде дрвјата делумно се наоѓаат под вода и до 6 месеци годишно, што придонесува за депонирање на јаглеродот. Исто така, делови од Амазонија и покрај сите антропогени притисоци остануваат непроодни или слабо проодни, што ја намалува опасноста од уништување на екосистемите со висока содржина на јаглерод. Меѓутоа, студијата објавена во јули 2021 година веќе потврдува дека делови од амазонската прашума сега емитуваат повеќе јаглерод диоксид отколку што го апсорбираат.
Зошто е важно да знаеме каде точно се наоѓа неповратниот јаглерод и колку го има?
Студијата согледува и дали подрачјата кои содржат големи количини јаглерод се заштитени или не или дали се наоѓаат во опасност од промена на намената на земјиштето, сечењето на шумите и други негативни антропогени влијанија. И самите климатски промени можат да доведат до дополнителни емисии на јаглерод од мапираните екосистеми. Половина од неповратниот јаглерод се наоѓа на само 3,3 проценти од површината на Земјата, додека три четвртини се наоѓаат на 7,5 проценти од површината, особено во тропските дождовни шуми во Амазонија, сливот на реката Конго во Африка, мангровите и останатите тропски шуми во југоисточна Азија, шумите во северозападна Северна Америка, како и влажните живеалишта и тресетиштата ширум светот.
За среќа, голем процент од неповратниот јаглерод се наоѓа во тешко достапни подрачја, што го намалува нивото на ризик од антропогените влијанија. Исто така, третина од овие шуми се наоѓа под „управа“ на староседелското население, што самото по себе не мора секогаш да подразбира одржливо управување и конзервација, но докажано е дека во овие области има помалку загадување и осиромашување на биодиверзитетот.
Научниците утврдија дека екосистемите на Земјата содржат околу 139 гигатони (Гт) неповратен јаглерод - 79 Гт во биомаса и 60 Гт во различни видови земјишта. Заради споредба, досегашното зголемување на температурата во однос на прединдустриското ниво на планетата се должи на антропогоените емисии од околу 650 гигатони јаглерод. Најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) проценува дека во атмосферата можат да се емитуваат уште максимум 109 Гт јаглерод за да имаме двотретинска шанса да го ограничиме загревањето на 1,5 степени.
Климатскиот оптимизам зависи од начинот на комуникација
Како и секогаш, начинот на комуникација за климатските теми во голем дел може да придонесе за нашиот однос кон климатските промени. Така, авторите на трудот за ненадоместливиот јаглерод на јасен начин сакаат да пренесат порака дека со добро управување со ресурсите и заштита на подрачјата овој јаглерод може да остане заробен во екосистемите во кои се наоѓа: проценија дека би можеле да го спречиме емитувањето за дури три четвртини неповратен јаглерод во атмосферата ако ја зголемиме површината на заштитените подрачја за само 5,4 проценти. Дополнителната заштита на екосистемите со висока содржина ненадоместлив јаглерод е и „дополнителна“ заштита на биодиверзитетот, зашто многу од овие подрачја се совпаѓаат со таканаречените „жешки точки“ (hotspots) на биодиверзитетот.
Затоа е од најголемо значење да се спречи понатамошната дефорестација на овие клучни подрачја, чија деградација со себе може да повлече низа каскадни промени (по принципот на позитивна повратна спрега). Имено, со намалување на вегетациската покривка би дошло до зголемување на температурата и намалување на влажноста, што би довело не само до сушење на прашумите и со тоа директно ослободување на јаглеродот, туку и до поинтензивни и почести пожари, што подразбира понатамошни емисии на јаглерод диоксид. Затоа е неопходно на оние што донесуваат одлуки да им се даде до знаење дека вложувањата во веќе заштитените подрачја и одржливото мапирање на подрачјата со висока содржина ненадоместлив јаглерод би донело повеќекратна добивка.
Следните 30 години се клучни во заштитата на недоместливиот јаглерод, а исто така е потпишан и договор за заштита на минимум 30 проценти од биодиверзитетот до 2030 година. Дали после уште едно научно предупредување ќе останеме само на празни ветувања и планови кои очекуваме забрзано да ги исполнат генерациите по нас?
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Eiko Ojala
Извор: https://klima101.rs/